За време на карантинот шеф Стефан Жего, зготвил 200 литри ориз во млеко за гладните парижани, а тие ревносно го земале и уживале во него дома.
Оризот на млеко или накусо, сутлијашот, многумина од нас не потсетува на училишните денови, а за време на карантинот тој се вратил на трпезите во Франција. Трендот го оживеале врвните готвачи враќајќи им се на јадењата од детството за да го вратат споменот за безгрижноста и да се утешат во несигурните времиња.
Во текот на карантинот шеф Стефан сварил 200 литри ориз на млеко за гладните парижани кои не можеле да се заситат од тој специјалитет, што многумина ги потсетува на безгрижното детство…
Покрај оризот во млеко, најпопуларни рецепти во Франција во последните неколку месеци биле оние за палачинки, колач од јогурт и кекси со путер – madeleines. Фотографиите и рецептите за овие скромни јадења, исто така, биле споделувани на социјалните мрежи од врвни готвачи, без оглед на Мишелинските ѕвезди во нивните биографии.
Парискиот шеф Стефан Жего од ресторанот Chez L’Ami Jean успеал од својот ориз на млеко да направи едно од најпопуларните јадења на менито.
„Дури и да сакам, не можам да го тргнам од менито. Лудо е, луѓето ме запираат на улица и ме прашуваат за тоа јадење. Мене тоа ми значи повеќе од ѕвездите на небото затоа што ги допрев луѓето со својата храна”, вели готвачот за Би-Би-Си.
За својот специјалитет, готвачот прво ја загрева ванилата во млеко, а потоа додава ориз со кратки зрна што го готви 40 минути на тивок оган. Кога оризот е доволно мек, додадете го шеќерот и варете уште 15 минути. Откако оризот ќе се олади, готвачот додава шлаг и го попрскува јадењето со карамела со јаткасти плодови. Без оглед на големината на порцијата, парижаните не можат да се наситат од тоа јадење што им ја измамува насмевката на лицето.