„Yes for Less“ е онлајн платформа базирана на еко-заедница, а осмислена од тројцата млади ентузијасти кои сметаат дека со мали чекори, можеме да стигнеме до големи промени. Тие се спремни заедно со својата еко заедница да работат на подигнување на еколошката свест во Македонија
Сара Коцевска, Катерина Илијовска и Марко Гапо се тројца млади ентузијасти кои стојат зад идејата за онлајн платформата „Yes for Less“, базирана на еко-заедница која беше една од победничките идеи од проектот RISE што втора година по ред го спроведува здружението за социјални иновации АРНО.
Сите тројца се екологисти и активно работат на тоа да го направат светот подобро место за живеење на тој начин што почнуваат од себе и од менување на сопствените навики.
Сара е архитектка и работи во компанија која се занимава исклучиво со одржлива архитектура (XTU Architects) во Париз. Таа смета дека луѓето треба да се едуцираат и да земат што е можно повеќе знаење од европските поразвиени земји и тоа знаење да го имплементираат во Македонија. Силно верува во тоа дека е сè можно со напорна работа, страст и голема мотивација да се направи и види позитивна промена.
Во секојдневниот живот се бори против секојдневниот отпад и се обидува да ја намали секојдневната употреба на предмети за еднократна употреба со изнаоѓање поиздржливи решенија. Нејзиниот најголем сон е Македонија да стане одржлива земја, да има чиста животна средина, енергетско-независни објекти и урбана мобилност.
Kатерина е инженерка кој се интересира како за техничката, така и за социјалната страна на проблемите поврзани со животната средина. Таа била активистка во хуманитарни и студентски организации уште од својата 15-та година. Моментално работи во Барселона како логистички аналитичар и е во потрага по нова работа во областа на заштита на животната средина.
Марко е пејач/музичар по струка, студирал на Музичката академија во Скопје, но се занимава и со глума, видео продукција и од неодамна со еко-активизам. Во моментов е дел од граѓанското еко движење (За Почиста Македонија) кое има за цел да ги инспирира и мотивира луѓето да се вклучат во решавањето на проблемите со ѓубрето преку акции за чистење и кампањи на социјалните мрежи. Марко верува дека големи и позитивни промени се можни сè додека има луѓе кои работат на нивно остварување.
Токму живеејќи надвор од Македонија тие имаат можност да видат како граѓаните на овие европски држави живеат и се однесуваат и тоа ги поттикнало да размислат што правиме ние во Македонија подобро, а што полошо и што можеме да примениме и да научиме од нив.
Во јануари минатата година, тие го започнале инстаграм профилот @_yesforless и нивната првична идеја била споделување на секојдневни, еколошки навики со нивните пријатели и блиски и учење едни од други.
„Со текот на времето, добивме многу позитивни коментари од страна на поединци кои лично не ги познававме, но со кои поминувавме саати и саати допишувајќи се. Во текот на оваа година разменивме толку многу совети и научивме толку многу и самите ние, што решивме дека имаме нова мисија – креирање на еко заедница во Македонија. Не сакавме ова да остане само на инстаграм и сметавме дека има голем потенцијал со оглед на тоа што добивме околу 10.000 прегледи од различни профили на нашите објави“, ја раскажуваат приказната за настанувањето на нивната онлајна платформа „Yes for Less“ двете пријателки.
Еден ден Сара ја нашла програмата RISE, во организација на АРНО и заедно со Кате решиле дека е моментот да ја донесат својата идеја на следно ниво.
На тимот му се приклучил и нивниот нов пријател Марко и сите тројца заедно аплицирале и биле избрани во 9-те среќни тима со кои во наредните 5 месеци биле менторирани со цел доразвивање на нивната замисла.
„Иако сега живееме надвор од Македонија, мотивацијата за нашата идеја се роди од желбата да ги споделиме еколошките навики кои ги имаме имплементирано во нашиот живот со останатите. Во секојдневјето гледаме да генерираме што помалку отпад, да не купуваме работи што би ги фрлиле по некое време, да поддржуваме локални и еколошки бизниси, како и да бидеме свесни за тоа какво влијание врз природата има секое наше дејствување. Со сето ова се обидуваме да бидеме добар пример прво за нашите семејства и за најблиските, а потоа и за останатите.
Сакаме да покажеме дека СЕКОЈ од нас индивидуално може да направи мала промена и дека само со мали чекори, можеме да стигнеме до големи промени еден ден. Работите не се менуваат преку ноќ, а ние сме спремни заедно со нашата еко заедница да работиме на подигнување на еколошката свест во Македонија. Инаку, навистина не ни замислувавме дека ќе стигнеме до тука и дека од нашето хоби и секојдневен живот ќе бидеме на пат кон создавање на социјално претпријатие“, велат тие.
Нивното решение е платформа заснована на еко-заедница која ќе обезбеди размена на знаење и практични совети за одржливо живеење, каде истовремено ќе може да најдете еко-производи и услуги од многу локални бизниси кои нудат етички произведени и еколошки производи и услуги, но повеќето луѓе не ни знаат дека постојат.
„Целта на нашата идеја е да им помогнеме на што поголем број луѓе кои се обидуваат да ја заштитат животната средина и да ги поддржат локалните еко-бизниси, да ги остварат своите еко-цели, воедно штедејќи време и пари. Сметаме дека со оформување на една ваква еко-заедница се зголемува потенцијалот за заедничко дејствување и за решавање на поголеми проблеми во државата“, објаснуваат тие.
Инаку, Катерина и Сара се најдобри другарки веќе 7 години , а Марко го запознале виртуелно откако го отворија инстаграм профилот @_yesforless.
„Ние сме тим со различни приказни и искуства, но соединети сме со иста заедничка мисија. Веруваме дека тоа е она што не прави силни. Сепак, не ги поседуваме сите вештини за целосно развивање на еден бизнис, па ќе ни биде потребна помош и од други луѓе со слични интереси за успешно изведување на нашата идеја.
Инаку, од она што најмногу им пречи во нашата држава, а Сара ја издвојува централизацијата, односно тоа што сè се врти околу главниот град и нема добар транспорт помеѓу градовите во државата. Начинот на кој таа мисли дека може да се реши ова е функционална железничка станица и брзи возови, но и уште подобри патишта за автобуси до местата каде што е тешко да се изгради железница.
„Најголем впечаток за тоа како функционира ова ми имаат оставено Франција, Италија и Белгија, каде огромен број на луѓе доаѓаат да работат во големите градови, но сепак на крајот од денот се враќаат во своето родно место. Сето тоа е овозможено благодарение на брзиот транспорт. На тој начин, не само што ќе се намали употребата на возила, туку знчително ќе се намали и масивното градење во Скопје, а животот во малите градови и села кои изобилуваат со природа ќе стане попримамлив“, објаснува Сара.
На Кате пак, најмногу ѝ пречи ставот на голем број на луѓе дека сè е лошо и ништо не може да се смени.
„Точно е дека треба време за некои промени да се случат, но тоа не значи дека треба да седиме со скрстени раце и да чекаме некој друг да смени нешто што нам ни смета. Исто така жал ми е што луѓето (а особено политичарите) не ги ценат доволно природните убавини со кои располага нашата земја. Реткост е да отидеш на планина, а да не видиш купишта ѓубре, изградени објекти каде што не им е местото, исушени реки и езера и слично“, вели таа.
На Марко му пречат токму тие секојдневни глетки од ѓубре по улиците и низ природата.
„Секој ден ме мачи прашањето зошто луѓето без око да им трепне можат да си фрлат отпад кај ќе стигнат. Можеби си мислат дека е веќе загадено, па уште едно ѓубренце плус не би сменило ништо? Можеби ги мрзи да побараат канта? Можеби едноставно немаат оформено чувство за одговорност кон околината? Ова е и дел од причината зошто настана „За Почиста Македонија“. Велат, каков народ – таква држава, па ако сакаме да видиме големи промени, најмалку што можеме да направиме е да почнеме од самите себе, а потоа да се потрудиме позитивно да влијаеме и на другите околу нас да ги сменат своите навики. Секој мал чекор има потенцијал да придонесе кон градење на поголема маса на еколошки освестени и совесни луѓе кои понатаму можат да имаат посилно влијание врз државата за издејствување поголеми и позначајни промени“, тврди Марко.
Во склоп на програмата, тие заедно со победничките тимови од 5 други држави од регионот ќе имаат можност во текот на една недела во Сараево да работат на своите идеи, а со наградата во вид на грант од 2500 евра, да инвестираат во отворање на социјалното претпријатие, креирање на веб страна, посета на некој настан/курс за зацврстување на своите претприемнички вештини, маркетинг кампања, итн.
Нивната заедничка желба е да стигнат до уште поголема публика и еден ден да организираат работилници со еко занаети (пр. изработка на предмети со реупотреба на отпад и сл.), да спроведуваат едукативни активности на теми за одржливост во македонските училишта, како и да изградат еко-заедница која може да влијае на поголемите компании во Македонија да направат зелени промени.