Девојка од Полска слаба како манекенка, се вљубила во македонската храна

785

Јустина Млечак е дваесетидеветгодишна девојка од Полска која случајно заталкала во Македонија, но се вљубила во земјата, а особено во храната и во луѓето, па сега е најголем промотор на нашата земја во Полска и голем дел од времето поминува тука носејќи ни полски туристи.

Јустина Млечак беше една од говорничките на конференцијата „Хероини во туризмот, а иако е од Полска и нема македонски корени, иако на шега вели дека судејќи по името, можеби е и наследничка на Јустинијан Први, зборуваше на одличен македонски јазик. За ова, вели, заслужен е нејзиниот учител по македонски, прилепчанецот Звонко Димовски.

Инаку, дваесетидеветгодишната Јустина доаѓа од западниот дел на Полска, а моментално живее во Варшава.

„Тоа ги најчесто изненадува луѓето, што не живеам постојано во Македонија, бидејќи правам толку многу работи поврзани со неа што им изгледа неверојатно дека не живеам тука. Но во моите активности ми треба перспектива за да ги погледнам двете земји понекогаш одблиску, понекогаш од далечина“, вели нашата соговорничка.

Вели дека по образование е малку историчар, малку филолог, но има работено во многу различни сектори – финансиски, организација на настани, судија, тренер и одбојкарка, новинарка, итн. Сепак, она што сега го прави со страст е развивање на концептот на туризмот како едукативна алатка за инклузивност, антирасизам и одржливо патување.

Првпат дошла во Македонија со семејството во 2015.година. Тргнале на одмор во Албанија, а Скопје и Охрид им биле попатна дестинација. Кусиот престој тогаш само ја заинтригирал и таа одлучила да се врати повторно.

„На преминот од 2016 и 2017 година живеев речиси шест месеци во Скопје, правев интервјуа и пишував магистерски труд за потенцијалот на туризмот во решавање на конфликти, по примерот на Македонија. И останав. Не трајно, но оттогаш не можев да се отргнам од Македонија, доаѓав сѐ почесто, по неколку недели секоја година. Лани цел февруари и март ги поминав овде, а потоа дојдов повторно во мај, се вратив пак во јули и во октомври. Не доаѓам секогаш со туристи, бидејќи тоа не ми е единствената активност – да бидам искрена, сѐ почесто се оградувам од водење на тури и ги избирам само оние кои ми се особено важни. Сѐ почесто се свртувам кон поддршка на женските активности и образование. Затоа неодамнешната конференција „Хероини во туризмот“ ми беше толку важна. Би сакала да ги инспирирам жените со мојот концепт, да се приклучат на туризмот на поинаков начин, отколку што е оној на масовниот туризам“, раскажува Јустина.

Таа во периодот од 2016 до 2019 година доаѓала во текот на летото со полски туристи најмалку два пати неделно. Но, во последно време се фокусира на мали групи за да може да реализираат посета на домови.

„Многу ми е важно да не градам лажна автентичност, да не ги ограничувам луѓето на некоја туристичка слика. Да не правиме животни во зоолошка градина од луѓе кои живеат во туристички и нетуристички места.

Не знам што очекуваат туристите. Или можеби – знам, но се обидувам да го сменам тоа. Ги нарекувам моите патувања „uncomfortable tours“ со причина. Затоа што верувам дека мојата задача е да ги едуцирам луѓето што доаѓаат со мене, дека сите сме овде на еднаква основа, дека луѓето кои се во хотел, ресторан или на улица не се слуги – тие се еднакви луѓе, секаде и секогаш. Оваа моја страст, мисија, вера, како и да го наречете тоа што го правам, го плетам во туристички наратив. Не е важно дали сме во Охрид, во Тетово или во Прилеп“, објаснува таа.

Секако, сето нејзино доаѓање и она што го чувствува и го прави за Македонија ѝ донеле многу нови пријателства, па вели дека нема да биде претерување да се каже дека има повеќе пријатели овде отколку во Полска.

„Имаме една изрека дека најдобрите пријатели се прават во сиромаштија – добив толкава поддршка, добрина и насмевки од Македонците и од Албанците во Македонија за толку кратко време што го поминав овде што ми е незамисливо и секогаш ме допира. Овде посебна благодарност упатувам до семејството Малезан од Охрид и до Звонко Димовски од Прилеп – луѓе на кои им ја должам љубовта кон Македонија. Минатата година пак бев примена во семејството Balkan Prime, каде што бев прифатена надвор од сите бизнис планови и очекувања, едноставно, како човек, со отворени раце и срце. Искористувајќи ја приликата, особено сакам да ѝ се заблагодарам на Светлана која стана моја голема сестра која никогаш ја немав“, вели Јустина.

Таа и за време на карантинот во Полска, била со паметот овде па почнала да готви македонски специјалитети кои ги научила тука, но со оние намирници кои можат да се најдат во Полска

„Тоа беше обид да се рекреира македонската кујна користејќи производи достапни во Полска. Не бев во можност да направам сѐ и веднаш се откажав од ајварот, бидејќи овде апсолутно немаме толку квалитетни пиперки. Мојот прв бурек, не од готово тесто, туку од нула, заврши со нешто како полнета пица. Но, конечно успеав!

Направив и е-книга за моите полски читатели, во кои ставив 24 македонски рецепти, но и приказните поврзани со нив. Ги опишав луѓето кои биле околу масата каде што се дегустирало ова јадење. Досега над 70 луѓе ја купиле е-книгата, што можеби изгледа малку, но со оглед на тоа што не користев никаква реклама е навистина достигнување.Не сакав да бидат тоа толку вообичаени работи како баклава или шопска салата. Барав нешто специфично или не толку познато. Затоа вклучив на пример, црна алва, мазник, прилепска македонка, увијач, пеглани пиперки, качамак, јуфки со сирење, ѓомлезе, мекици, слатко од лубеница.

Мојот омилен? Пиперки во сите форми. И качамак со сирење“, вели одушевено Јустина со своите 50 килограми.

Таа од 2016. година пишувам за Македонија на блог, на полски јазик, се појавува на радио и на телевизија и објавува статии за нашата земја.

„Мојата прва цел кога почнав со блогот во 2016.година беше книга или серија написи за Македонија. Туризмот овде беше споредна тема. Никогаш не сум направила написи за некоја листа со места и најдобри хотели, се трудев да пишувам за луѓе, политика, култура, понекогаш сериозно, понекогаш со хумор и нежност.

Пишувам откако се сеќавам, од секогаш сакав да работам како новинарка, особено како воен дописник. Сакав да пишувам за луѓе кои немаат свој глас, за исклучените и оставените.

На почетокот, малку луѓе беа заинтересирани за моите текстови, но на крајот на 2021 година, претставник на позната и реномирана полска издавачка куќа ме контактираше, нудејќи ми да напишам книга за Македонија за нивната патувачка серија. Сега веќе можам да потврдам дека почнувам со работа овој месец.

Сакам да се фокусирам на луѓето низ призмата на конфликти, борба за идентитетот, не само македонски, туку човечки, личен и, пред сѐ, за гостопримството, кујната, верскиот и културниот мозаик. Сакам да им дадам посебна улога на жените.

Не сакам тоа да биде само мојот поглед, ниту погледот од книгите. Би сакалa да имам уште повеќе интервјуа со луѓе, иако веќе имав толку многу. Во овој момент, најтешко ми е да најдам средства за таква комплексна работа бидејќи издавачката куќа не ги покрива трошоците за патување или живеење овде, а јас несомнено ќе сакам да поминувам време со моите хероини и херои. Се надевам дека ќе најдам средства за ова тука, во Македонија“, искрена е Јустина.

На врвот од листата на работи кои најмногу ги сака во Македонија се луѓето.

А она што не ѝ се допаѓа, вели, е истото што не ѝ се допаѓа и во Полска, САД, Италија, Унгарија и секое друго место на светот.

„Не ми се допаѓа говор на омраза. Не ми се допаѓа тоа што во еднаквите права гледаме повреда на правата на веќе привилегираните. Не ми се допаѓа тоа што не можеме да разговараме. Не ми се допаѓа што или се согласуваш со мене или си мој непријател.
Не ми се допаѓа дехуманизацијата. А дехуманизацијата започнува со јазикот. Потоа следува насилство, омраза, геноцид и војна. Меѓу работите што ги сакам, освен луѓето се и македонските планини и села. Секое од нив ми изгледа уште поубаво од претходното и не можам да бирам меѓу нив, иако имам посебна наклонетост кон Јанче. Од минатата година доживувам обновен восхит од околината на Битола и  самата Битола, мојот Прилеп и манастирите Трескавец и Зрзе и Крушево, особено поради прекрасните крушевчанки“, завршува оваа срдечна девојка која речиси не засрамува со големината на својата љубов кон нашата земја.