Денес е среда, Ајде да бидеме Швеѓани! Сакате полжавчиња со цимет и кафе? И можеме да „зафикариме“ некаде попладне
Швеѓаните се на листата на најсреќни нации во светот, a за ова, меѓу другото, можат да ѝ се заблагодарат на малата сабота и ресетирањето на денот со фика …
Швеѓаните се необични билки, посебен народ. Тие се вредни, но исклучително ја ценат паузата за кафе, тие се скромни, но знамињата им стојат насекаде и на прва топка може да изгледаат студени како климата што ги опкружува, но кога ќе ги запознаете, тие се топли како сауна. Швеѓаните не уживаат во брборењата и празните зборови што им се потребни на многумина за да ја премостат непријатната тишина.
Кога немаат што да кажат, Швеѓаните молчат, а ретки се оние кои ги поздравуваат соседите на скалите или на патека. Понекогаш не поздравуваат ниту келнерите, ниту вработените во продавниците. Особено за постарите генерации, коментирањето на времето со странци изгледа како бесмислена, залудна активност. Може да слушнете поздрави од имигранти, студенти на размена или туристи, но поретко од вистински Швеѓани. Но, токму кога мислите дека се ладни и далечни, ќе ве изненади топла прегратка наместо поздрав.
„Зафикарете“ попладне
Најдоброто нешто во врска со нивната фика е тоа што нема правила. Можете да бидете сами или со пријателите, дома или во кафуле, во воз, на работа, навистина насекаде или во секое време. Но, објаснувањето на некој што не е од Шведска, што е фика не е најлесната работа на светот. Тоа е пауза за кафе, но тоа е многу повеќе од кафе. Има и полжавчиња со цимет (kanelbullar), чоколадни топчиња во кокос (chokladboll) и деликатес со марципан (semla) или некој друг колач по ваш избор, но фиката има подлабоко значење од обичната кафе пауза со нешто слатко.
Овој ритуал е толку заплеткан во нивната традиција што Швеѓаните знаат да поминуваат фики и фики објаснувајќи им на пријателите од другите земји дека е тоа време да се опуштите, да се зближите со пријателите, подобро да се запознаете или да се одморите од секојдневните обврски На Фика е и ресетирање од напорниот ден, навика која не тера да застанеме, да седнеме, да станеме свесни за моментот и, под дејство на нешто слатко, да тргнеме во нови работни победи. Новите времиња и трендови во здравата исхрана овозможуваат слатките да се заменат со солени закуски, па затоа не е „нелегално“ наместо шеќерни бомби, да нарачувате тост со авокадо.
Дека нема среќа без фика потврдува и фактот дека Шведска е меѓу 10 -те најсреќни и најпријателски земји. Главен град на фиката е Стокхолм, во кој има стотици хипстерски или модерни кафулиња, и ако сакате вашиот домаќин да ви го покаже значењето на овој ритуал во целосна смисла на зборот, можете и да го изнајмите.
Мала сабота
Малата сабота не е резервирана само за Швеѓаните. Норвежаните, Данците, Финците и Бугарите исто така ја практикуваат оваа навика кои многумина би ја препишале од „северњаците“. Во Шведска, Мала сабота или lillördag е денот кога собарките имаат слободен ден бидејќи работат во сабота, а во модерните времиња денот на одмор е заменет со ден за пиење, во среда. Додуша, не толку интензивно како за време на викендот, но сепак доволно за да ја разбиете монотонијата во неделата, да направите некои глупости и да создадете нови дупки во меморијата. За умерените Швеѓани, станува збор за неколку чаши вино или пиво и дружење со пријателите во кафулиња кои нудат попусти во среда навечер.