Домашни крекери со маслиново масло

350

Имаат само една маана, заразни се. Каснеш ли еден отидоа сите. А нели, иако се домашни и здрави, не чини да се претерува

Ако сте од оние што секогаш мора да имаат нешто за грицкање, ама сепак внимавате на тоа да консумирате здрава храна, сигурно не купувате чипс и смоки.

Ние најдовме еден рецепт кои си го прилагодивме по свое па добивме некоја малку поздрава верзија. Е сега крекериве се навистина заразни и иако се поздрави од купечките или од оние кои се прават во домашни услови но со други не толку здрави состојки, сепак не претерувајте, грицкајте со усул.

И не се секирајте, нема да се расипат од стоење. Ако не ги изедете набрзина, ќе ви траат навистина долго. И посни се. Односно, не содржат млечни производи.

Состојки:

500 г брашно (тука можете да си играте до бескрај, односно, да си изберете брашно по ваш вкус. Ние ги направивме со комбинација од бело, брашно од хељда и од лен)

200 мл бело вино

150 мл маслиново масло

1 лажичка сол

1 прашок за пециво

И потоа, сусам, сончоглед, чиа семе, афион, ама најмногу ким. Ние сончогледот и кимот на кратко ги блендираме, па ги додаваме во сувите состојки.

Приготвување:

Во сад ставете ги маслото, виното, солта, семките од сончоглед, сусамот, кимот и замешајте со лажица. Постепено мешајќи додадете го брашното. Замесете кратко со рака и на малку набрашнета површина растегнете го во тенка кора. Вадете форми со калапчиња или сечетe ленти или форми по ваш избор. Печете на 200 степени околу 10 минути.