За што е добра свежата, а за што киселата зелка?

789

Зелката го зајакнува имунитетот без оглед дали се користи како сирова или како кисела зелка. За некои здравствени проблеми се употребува свежа зелка, како салата или сок, а за други, подобар избор е киселата зелка. Најмногу лековити својства губи кога се обработува термички.

Лековитите својства на зелката се огромни, затоа се препорачува нејзино консумирање во текот на целата година, особено во текот на зимата.

Вистина е дека во свежа состојба е богата со хранливи материи, додека многу голема количина од нив се губи за време на готвењето. Токму затоа е најдобро да се јаде свежа, како салата или сок, наместо зготвена или пржена.

До денес e откриено дека зелката е многу важен извор на минерални соли, витамини А, Б, Ц и особено витамин К, целулоза, фосфор, калциум, магнезиум, цинк, сулфур … Затоа, се препорачува да се јаде свежа или кисела, како салата, во секое време од годината, особено во зима, поради што се нарекува и „кралица на зимскиот зеленчук“.

Неколку факти за зелката и нејзините придобивки

Варена зелка, без маснотии, се препорачува за луѓе кои страдаат од цироза на црниот дроб и воспаление на бубрезите. Пациентите со чиреви и заболувања на црниот дроб во никој случај не треба да јадат јадења од зелка направени со многу маснотии, како на пример, подварок.

Лутината на зелката потекнува од сулфурните хетерозиди, поради што таа има антисептично дејство и треба да се јаде превентивно, за спречување на појава на заразни болести.

Бидејќи зелката е богата со сулфур, водата во која се готви е одлична за убава и негувана кожа, затоа консумирањето на оваа вода се препорачува за секој што не е задоволен од квалитетот на својата кожа.

Сокот од зелка е добар природен лек за лекување на заболувања на слузокожата на органите за варење, особено на желудникот.

Слатката и киселата зелка, а особено расолот (вода од кисела зелка), се вистински народни лекови против запек. Расолот е исто така докажан рецепт за лекување на мамурлак од народната медицина.

Како да се консумира и за што е добра свежата зелка?

Свежиот сок од зелка пак го штити мозокот од штетните ефекти на слободните радикали и целокупната штета предизвикана од стареењето.

Ако неколку лисја свежа зелка се сварат во чаша млеко, се добива пијалок корисен во борбата против бронхитисот.

На слабокрвните лица им се препорачува да ја јадат сирова или барем на пареа или да пијат по две чаши исцеден сок од свежа зелка секој ден.

Не треба да се заборават ниту лековитите својства на зелката кога станува збор за изгореници, рани или чиреви. Тие се третираат такашто се ставаат лисја од свежа зелка за да се отстранат проблемите и да се спречи формирање на гној и инфекција.

Познато е дека зелката го зајакнува имунитетот бидејќи содржи витамин Ц, како и значителни количини на бета-каротен, калиум, железо и магнезиум. Има најмногу лековити својства кога ја јадете сирова – свежа или кисела, а ги губи своите здрави својства со подолг термички третман.