Зошто е добро да се инвестира во апарат за готвење на пареа? Водич за почетници

Фото: Pixabay
510

При готвење на пареа, намирниците се третираат со влажна топлина за разлика од сувата топлина во рерната. Ова ја зачувува бојата, вкусот и сите хранливи материи во намирниците, а притоа, бидејќи се готви без маснотии, можете да ги намалите и килограмите без посебна диета

Еден од најздравите начини за подготовка на храна во светот е готвењето на пареа. Овој начин на готвење се користи повеќе од илјада години и овозможува храната да го задржи својот оригинален изглед, вкус и боја.

При готвење на пареа, храната се готви во сопствениот сок, а на тој начин се зачувуваат и хранливите состојки, бојата, текстурата и вкусот. При готвење на високи температури, витамините може да се уништат или ако го готвиме зеленчукот во вода, витамините наместо во зеленчукот ќе останат во водата која обично ја фрламе. Но, високите температури не само што придонесуваат за губење на хранливите материи, туку може да се формираат и некои штетни соединенија. На пример, долгорочното пржење во масло е само дел од методите при кои се формираат штетни канцерогени соединенија, а сѐ се должи на високата температура.

 Зошто е добро готвењето на пареа?

Освен што загубата на витамини и минерали е минимална и не се губи оригиналниот вкус и боја, не ви требаат ни масло и маснотии при готвење на пареа. Можете да готвите секаква храна – од овошје и зеленчук до месо и риба, а за подготовка на оброк ви требаат најмногу 30 минути.

 Како се готви на пареа?

Процесот на готвење на пареа е многу едноставен. Во поголемо тенџере истураме вода и ја загреваме на шпорет и наместо да го зготвиме јадењето во тенџерето со вода, го ставаме на метална цедалка или во чинија со дупчиња и ја ставаме над тенџерето. Водата од тенџерето испарува, а топлата пареа која не надминува 100 Целзиусови степени е одговорна за готвење или термичка обработка на храната.

Не ја солете водата бидејќи кога се готви на овој начин тоа нема да влијае на вкусот на храната, туку само ќе го забави процесот на испарување. Зачинете ја храната кога ќе биде готова.

Секако, постојат сега и многу убави апарати за готвење на пареа и во слоеви кои ќе ви го заштедат времето, ќе ви помогнат секогаш да имате брзи и здрави оброци, а ќе придонесат и за намалување на килограмите.

Готвење на пареа во апарат за готвење

Истурате вода во долниот дел на уредот и ги редите дупчестите делови на неколку ката. Можете да готвите на еден кат или на неколку, во зависност од моделот на апаратот. Многу уреди од овој тип имаат и додаток (кадичка) за готвење ориз. Она што е добро со апаратите со повеќе делови е тоа што, на пример, на последниот „најладен“ спрат можете да ги ставите брокулите и да ги отстраните по 5 минути, сечканите тиквички и модар патлиџан од вториот кат по 10 минути, додека месото и оризот на првиот кат ќе се готват 20 минути.

Кој метод и да го одберете бидете внимателни затоа што водената пареа е ужасно врела. Кога готвите на пареа, треба да бидете многу внимателни кога го вадите капакот од тенџерето или апаратот. Капакот се отстранува со ракавици за рерна или со рака завиткана во сува кујнска крпа. Во никој случај не повлекувајте нагоре, туку секогаш на страна.

 Храна што може да се готви на пареа

Скоро сите видови зеленчук може да се варат на пареа, но попогодни се некои намирници како брокула, карфиол, моркови, шпароги, боранија и тиквички. Готвењето на пареа е релативно брз начин на подготовка, бидејќи се потребни околу 10 минути за да се подготви зеленчукот, а помекиот зеленчук исечен на помали парчиња може да биде готов за 5 минути. Важно е да се нагласи дека при готвење на пареа не е потребно да се додава масло и други масти, затоа готвењето на пареа е идеално за оние кои внимаваат на количеството маснотии во храната. Покрај зеленчукот, одлични кандидати за варење на пареа се и месото и рибата.

Неколку совети

Готвењето на пареа е брз метод кога станува збор за времето за готвење бидејќи зеленчукот, рибините филети и морските плодови ќе бидат готови за неколку минути.

Но, можеме да свариме и некои намирници кои можеби не би очекувале дека можат да се зготват на пареа. На пример, варените јајца излегуваат фантастично со варење на пареа заедно со лушпата. За совршено меко варени јајца кои лесно се лупат, потребно е да се варат 6 минути во загреано тенџере, а тврдо варените јајца 11 минути, по што треба да се изладат во ледена вода.

Кое месо може да се готви на пареа?

Иако речиси сите намирници можеме да ги свариме на пареа, за некои намирници тоа нема многу смисла. На пример, можеме да испариме дури и парче потврдо месо, како што е парче говедско бутче. Но, прво би требало да го омекнеме, да го исечеме многу тенко и да го вариме на пареа покриено, заедно со зеленчукот што ќе даде малку од својата арома, најмалку 2 часа. Температурата на пареата не надминува 100 °C, но таа е доволно висока за да се ослободат штетните бактерии од месото, што на крајот ќе биде здраво. Меѓутоа, поради долготрајното готвење, ризикувате месото да изгледа прилично непривлечно на вашата чинија поради оштетениот површински слој и иако готвењето на пареа обично ја обезбедува сочноста на храната, тоа не е случај со потврдите видови месо.

Исто така, при толку ниски температури на подготовка и недостаток на маснотии за време на готвењето, не доаѓа до оние реакции кои се одговорни за убавата кафена боја и вкусот на месото.

За разлика од говедското месо, подготовката на свински котлети на пареа трае помалку време и е поветувачка. Котлетите треба да се маринираат или да се намачкаат со зачини по ваш избор и сок од лимон и да се стават на метална цедалка. Се препорачува да ги ставите на лист зелена салата за да не истече природниот сок од месо низ дупките на цедалката. Во водата по желба може да се додадат малку зачини или вино, а тоа резултира со поголема сложеност на вкусот на храната зготвена на пареа. Растојанието помеѓу водата и котлетите мора да биде што е можно помало. Месото се вари на пареа приближно 8-10 минути без да се отвори капакот, по што мора да се превртат котлетите. Вака подготвените котлети, исечени на тенки парчиња, се идеален додаток за салати или, на пример, во тортилји.

Пилешкото и другите помеки парчиња месо може лесно да се подготват на пареа, само внимавајте парчињата да не бидат премногу големи или предебели, бидејќи површината на месото ќе биде преварена, а средината ќе остане сирова. За да обезбедиме сочно приготвување на месото на пареа, можеме да го завиткаме во некоја јадлива обвивка како што се листови зелка, пченка или во фолија која ќе ја заштити површината на месото од силната пареа и ќе овозможи постепено варење на месото.

Десерти

Кремите како крем бруле или пудинзи, мусови, па дури и некои бисквити може да се направат на пареа. Пареата им дава сочност и леснотија на десертите.

Во aпарат за готвење на пареа, невозможно е храната да изгори или да добие неубава црна кора. Некои намирници не се погодни за готвење на пареа, бидејќи се претвораат во каша.

Такви се, на пример, тестенините направени од меки сорти пченица. Но, некои апарати на пареа имаат посебен сад, во кој дополнително се става вода. И грав е исто така тешко да се вари на пареа, бидејќи овој процес одзема премногу време.

При готвење на пареа, производите се третираат со влажна топлина за разлика од сувата топлина во рерната. Ова ја зачувува бојата на производот и витамините во него.

Готвењето на пареа е погодно за луѓе кои сакаат здрава исхрана.

Современите уреди за готвење на пареа може да се користат и за подгревање на храната и за стерилизирање на шишињата за млеко за бебиња.

Ако се случи да заборавите дека сте го вклучиле апаратот за готвење додека гледате ТВ серија, кога целата вода ќе испари, апаратот автоматски ќе се исклучи.

Постојат и уреди за готвење на пареа со одложен старт – храната ќе почне да се готви додека сте уште на работа, а кога ќе се вратите ќе имате готово вкусно јадење.