Зошто Русите секој ден јадат каша од хељда?

Фото: Unsplash
1.068

Во последно време хељдата стана производ за кој сѐ повеќе се зборува и кај нас. Причината зошто е толку популарна е секако нејзиниот нутриционистички состав, но и фактот дека може да ја консумираат луѓе кои се интолерантни на глутен.

Хељдата е древна намирница со потекло од средна и источна Азија, но таа стана многу популарна дури во последните десет години. Најмногу се одгледува во Русија, Казахстан, Кина и источна и средна Европа.

„Кашата од хељда е наша мајка“, велат Русите. За нив, хељдата е една од главните намирници многу пред да стане популарна и кај нас.

Таа спаѓа во онаа група на намирници кои најчесто се нарекуваат псевдо-житарки или лажни житарки. Псевдо-житарките се семки кои се консумираат и подготвуваат како класични житни култури, но не се исти по состав. Иако ѝ припаѓа на истата група како пченицата, главната разлика помеѓу хељдата и пченицата е тоа што хељдата не содржи растителен протеин глутен, такашто луѓето кои се нетолерантни на глутен, најчесто го користат брашното од хељда како замена за обичното брашно.

Хељдата содржи најголемо количество растителни протеини. Рускиот онколог Волф Ласкин, лекар со речиси половина век искуство им препорачува на своите пациенти диета со хељда, дури и на оние во напредна фаза на онколошко заболување. За да се потисне процесот на карцином, вели д-р Ласкин, потребно е да се ограничи внесувањето на киселини и да се внесе одредена количина на кверцетин (биофлавоноид) во телото, што најмногу го има во хељдата и во шипката.

Диетата со хељда на д-р Ласкин ги чисти крвните садови, односно се бори против атеросклерозата, враќајќи ја густината на крвните садови и затоа има корисен ефект и кај оние кои страдаат од атеросклероза, но и како превенција од срцев и мозочен удар.

Состав на хељдата

Хељдата е популарна како здрава храна поради нејзината висока содржина на протеини и биофлавоноиди. Содржи фолна киселина, железо и магнезиум, ја подобрува работата на кардиоваскуларниот систем и спречува анемија, тромбоза, исхемија и атеросклероза. Покрај тоа, делува како антиоксидант и имуностимуланс, ги отстранува токсините од телото и го намалува нивото на лош холестерол.

Покрај тоа, содржи повеќе од 80% скроб, додека остатокот е составен од белковини, влакна, протеини и масти.

Здравствени придобивки од хељдата

Хељдата е една од најздравите растенија во светот. Се одгледува без пестициди и нитрати бидејќи тие би го расипале квалитетот на житото. Хељдата има многу протеини, па затоа ги заменува месото, млекото и јајцата. Хељдата е спас за дијабетичарите, бидејќи ги нормализира нивоата на гликоза во крвта. Дијабетичарите можат да консумираат хељда секој ден без никакви негативни последици. Хељдата има минимум калории – со максимум витамини, минерали и аминокиселини.

Бидејќи содржи многу растителни влакна, кои ефикасно ги чистат цревата, лекарите ја препорачуваат оваа храна на пациенти кои страдаат од запек, гастритис и чиреви. Хељдата е исклучително богата со растителен флаваноид наречен кверцетин. Го забавува растот на тумори и затоа е ефикасен за превенција и третман на рак.

Како ја јадат Русите?
Русите најчесто ја консумираат хељдата како каша со додавање на суво или свежо овошје за појадок, но и за ручек, како чорба или како гарнир.

Основниот рецепт за каша од хељда, според рускиот онколог д-р Ласкин е следниот:

50 гр хељда, сирова или печена (суровата е поздрава, печената има малку подобар вкус)
150 мл вода (секогаш три пати повеќе вода од хељдата) и само малку сол. 

Прелијте ја хељдата со 150 мл вода и оставете ја да отстои минимум половина час, максимум 12 часа. Потоа процедете, исплакнете добро. Вратете ја во тенџерето и истурете 100 мл вода, варете додека не зоврие, а потоа намалете го огнот и варете уште неколку минути, без мешање, додека водата не испари.

Хељдата се користи и за правење супа, која исто така е често на менито на Русите.

За супа од хељда ви требаат:

150 гр хељда

1 голем кромид

20 г путер

еден литар исцедена супа од зеленчук (морков, пашканат, целер, сол, црн пипер, праз, половина лажица ситно сечкан магдонос).

Прелијте ја хељдата со топла вода, исцедете ја, исечкајте кромид, додадете ја хељдата и путерот и пропржете. Доддете ја исцедената супа. Исечете коцки од морков, целер и пашканат, ставете ги во супата да се готват на тивок оган. Зачинете со сол и црн пипер. Ставете и исечкан праз. Додадете уште малку зачини по ваш избор.