Има ли нешто поубаво од празничната трпеза на мама?

770

Сите знаеме дека е мајката незаменлива во животот, но дури кога ќе ја изгубиме сфаќаме што значи тоа навистина. Нашата познаничка Марија Најдовска која великодушно ги сподели со нас рецептите за переците, кифлите и колачите кои наголемо ги подготвува за претстојните празници и за своите најсакани гости-своите две ќерки, нè потсети како изгледа кога човек си има мајка

Марија Најдовска, за пријателите само Мече, е прекрасна жена и уште попрекрасна мајка за која оние кои ја знаат одамна сигурно ќе ви кажат дека воопшто не се изменила. Секако, има некоја брчка тука и таму, некој килограм повеќе, ама, што би се рекло, има и висина. Оти Мери на времето беше и манекенка. За среќа, трагата од сите години кои можеби ги оставило времето врз неа се бришат како со гумичка со нејзината широка насмевка. Во доверба, многу потсетува на Џулија Робертс.

Како и да е, Мери летово прослави 44 години со својот сопруг Александар Најдовски-Ниски, од кои 35 се во брак, а најсреќна е кога целото семејство ѝ е на едно место. Двете ќерки, Стефанија и Сања веќе неколку години живеат надвор од Македонија па нивното одење кај нив или доаѓањето на девојките во Скопје е она што ѝ причинува најголема радост.

Токму такви се претстојните денови кога за новогодишните и божиќните празници, Стефи и Сања си доаѓаат дома, и тоа, во проширена постава, заедно со своите партнери. Затоа мама Мери наголемо ја подготвува богатата трпеза, а почнала од оние кои најдолго траат – переците, кифлиците и корнфлекс колачите чии рецепти великодушно ги сподели со нас.

 Веројатно сето ова таа го прави во двојни дози, ама вие прво испробајте ги вака, во оригинал, според рецептите од нејзината тетратка, уредно потпишани со изворот и времето кога го добила рецептот. Се разбира, повеќето се од нејзината мама Ани.

Нели, една е мајка!

Иако, има и други. На пример, омилените грицки на семејството по рецептот на нивната сакана Марлена.

Сусамки

Состојки:

250 мл топла вода

250 мл зејтин

1 маргарин

2 прашок за пециво

100 г сусам

1 кг брашно

сол

По желба може да се стават и 2 јајца, но одлични се и без нив.

Приготвување:

Се замесува тесто. Се расукува и се вадат форми со чашка. Се редат на тепсија подмачкана со маргарин, се премачкуваат со јајца и сусам или со малку вода колку да се залепи сусамот и се печат во загреана рерна.

Кифлички

Состојки:

550 г брашно

75 г шеќер

200 мл млеко

1 свеж квасец

100 г путер

50 мл вода

8 г сол

Приготвување:

Смесата се меси 10 минути и се остава да стаса. СТасаното тесто се дели на 15 топчиња (70г), од секое топче се формира кифличка и се реди во тепсија обложена со хартија за печење.

Се оставаат да стасаат 45 минути до 1 час. Пред печењето се премачкуваат со жолчка и малку млеко и се печат во загреана рерна на 220 степени околу 10 минути.

Переци

Состојки:

250 г кашкавал или сирење

300 г брашно

250 г путер или маргарин

Приготвување:

Сето ова се меси и со калап се вадат переци, се ставаат во подмачкан плех, одозгора се мачкаат со жолчка и се попрскуват со сол.

Се печат во загреана рерна околу 10-15  минути.

Корнфлекс колачи

Состојки:

1 маргарин

100 г шеќер

150 г чоколадо

8 лажици мед

Плус: 150 г сечкани ореви, 100 г сусам и 1 кутија (250 г) корн флекс

Приготвување:

Сите состојки, без оревите, сусамот и корнфлексот, се мешаат на тивок оган додека не се изедначи смесата. Потоа се додаваат 150 г сечкани ореви, 100 г сусам и 1 кутија (250 г) корн флекс. Кога смесата е изедначена се вади со лажичка, се става во хартиени корпички и се остава да се потсушат без да се покриваат со нешто.