Италијанците сакаат еспресото да се најде на листата на УНЕСКО

Фото: Unsplash
92

Шолја темно, кадифено кафе е повеќе од брза доза на кофеин: италијанското еспресо е ценет социјален и културен ритуал кој се смета за национално наследство во Италија, достојно за статусот на УНЕСКО.

Италијанците сакаат еспресото да се најде на листата на УНЕСКО

Шолја темно, кадифено кафе е повеќе од брза доза на кофеин: италијанското еспресо е ценет социјален и културен ритуал кој се смета за национално наследство во Италија, достојно за статусот на УНЕСКО.

Италијанците пијат приближно 30 милиони шолјички еспресо дневно. Од Венеција до Сицилија, во порцелански шолјички или во мали чаши, со капка млеко или без него, секоја шолјичка им претставува гест на пријателство.

„Еспресото е можност да му кажеш на пријателот дека ти е важен“, рекол сопственикот на кафулето Џамбринус во Неапол – Масимилијано Росати, кој помогнал да се подготви предлогот за вклучување на еспресото на списокот на светско нематеријално наследство на ОН.

„Еспресо се пие секој ден во секое време. Тоа е момент на заедништво, момент на магија“, изјавил тој за Франс прес.

Блескавата машина зад мермерниот пулт шишти и ѕвечи, додека шанкерот го става меленото кафе во портафилтерот, го кликнува и го притиска копчето, по што од апаратот почнува да тече врз меленото кафе речиси зовриена вода.

Цвеќиња, овошје, чоколадо

Според советите на италијанскиот институт за еспресо, тоа мора да има „заокружен, богат и кадифен“ вкус и „лешник-кафеава до темнокафеава пена, со карактеристичен жолтеникав отсјај“.

Мора да има долготрајна арома која има „ноти на цвеќе, овошје и чоколадо“, велат од институтот основан за зачувување на еспресото.

Италија веќе вклучи бројни традиции и обичаи на листата на нематеријално наследство, вклучувајќи ја потрагата по тартуфи, вештините за правење наполитанска пица, медитеранската исхрана и традиционалната изработка на виолини од Кремона, родното место на Антонио Страдивари.

Пиењето еспресо е „речиси свет ритуал“, изјави седумдесетгодишната пензионирана учителка Анамарија Конте.

Некои луѓе сакаат со еспресото да јадат принцес крофни, мали пици или крофни и да си муабетат помеѓу залачиња.

„Кога сум во странство гледам луѓе како чекаат за кафе во редови еден зад друг, некои со телефон во рака, а некои во ќоше читајќи книга. Тука не е така“, вели сопственикот Росати.

„Во некои делови на Неапол и денес е вообичаено кога се оди на посета некому, наместо колачи и цвеќиња, да се носат кафе и шеќер“.

Спомени

Анџело Мориондо од Торино ја патентирал првиот апарат на пареа за еспресо во 1884 година, но за натамошниот развој и масовното производство бил заслужен Десидерио Павони од Милано, кој имал пари за тоа.

Апаратите набрзо станале широко распространети низ Италија, а секој од 20-те региони имал малку поинаква варијанта на еспресо – пократко, подолго, повеќе или помалку интензивно, понекогаш со минерална вода од страна.

„Имам многу спомени од доаѓањето во ова кафуле и пиењето на ова многу добро кафе“, рекла 28-годишната туристка Џаел Лесин-Дејвис додека го земала своето Морето, еспресо со млечна пена и какао во прав.

Рејмондо Ричи, сопственик на кафулето Свети Еустахио во стариот центар на Рим, вели дека еспресото помага да се намали осаменоста, дури и кога се пие во самотија, далеку од кафулињата.

„Понекогаш кога правиме кафе дома, друштво ни прави апаратот кој ја исполнува просторијата, ја исполнува куќата“, рекол тој, додавајќи дека тоа ги враќа „спомените за среќните времиња“.