Кога ве боли нешто, ќе пробате сѐ! Дали би пробале тибетска акупунктура, би ја смениле исхраната, стилот на живеење?

Фото: PS visualart
624

Мојата болка во раката ме натера половина од времето предвидено за интервју, да го искористам за преглед кај тибетскиот и ајурведски лекар кој неодамна беше во Скопје. Ми боцна две игли под пазувите и следниот ден, болката исчезна. Сега веќе почнува да се враќа, ама тоа е – не ги следев сите останати совети. Имено, кога станува збор за овие древни медицини, станува збор за стил на живот.

Кога одиме на лекар, обично не прашуваат што не боли и бараат од нас да ја опишеме болката. Првпат отидов кај тибетски и ајурведски лекар кој беше дојден во Скопје да одржи предавање на темата: тибетска медицина, на покана од Ајурведа Македонија. Првото што ме праша беше: Која е твојата најголема страст во животот?

Кога фатив да му набројувам, рече: Не може сѐ, треба да одбереш само едно.

Ме фати во небрано. Не бев подготвена за ова прашање, а уште помалку бев подготвена за иглите. Да, да, игли.

Си помислив, како стигнавме сега од „која е твоја најголема страст во животот до игливе?! Мислев ќе продолжиме со духовен муабет, ќе ми отвори 2-3 чакри и толку, ќе си одам назад дома со болката.

А болката на левата рака траеше веќе 3 недели, не можев да ја кренам, ниту пак да се облечам. Отидов дури и на физикална терапија. Ми беше малку подобро, но далеку од добро.

И така, без трошка надеж, обвинувајќи се постојано себеси затоа што не вежбам, дозволив да ме убедат дека оваа постапка со иглите нема воопшто да ме боли. И навистина, иглите завршија под моите две пазуви и додека докторот ме прашуваше за моите секојдневни навики, тие веќе без надвор, а јас онака, сѐ уште полна со недоверба, станав и продолжив да ги слушам упатствата за тоа како да си правам мали вежбички и со прстите на рацете, поточно, како да ги третирам моите отечени мали зглобови, а истовремено добив и линк на кој можам да прочитам малку повеќе и за исхраната.

Си отидов дома признавајќи дека ми е малку подобро. Изненадувањето следуваше следниот ден. Се разбудив, станав, се облеков и дури и не забележав дека тоа можам да го направам сосема нормално кревајќи ги рацете без онаа болка која претходно со недели ми го отежнуваше функционирањето.

Веднаш му пишав на докторот за да се заблагодарам, a тој ми одговори: „Ете, фала му и на Бога. Види малку и околу исхраната на мојот канал. Секое добро“.

Беше тоа неверојатно скромно од него. Иако, станува збор за човек кој неодамна доби признание и од министерoт за Ајурведа, јога и натуропатија, унани, сида и хомеопатија – AYUSH (државно тело во Индија чија цел е развој, едукација и истражување по Интегративна медицина со цел едукација на терапевтски кадар), за својата 20-годишна работа на полето на ајурведата помагајќи им на луѓето со терапии и третмани, но и подучувајќи ги учениците во Индија и во Европа.

Станува збор за Смајо Сафиќ Гупта, ваидија (санскритски назив за традиционален ајурведски терапевт и лекар) и специјалист по тибетска медицина – Сова Ригпа. Ако мислите дека името е малку чудно за еден ваидија, тогаш сте во право. Но, има објаснување. Неговата мајка е Босанка, а татко му Индиец. Се школувал како лекар во Индија и Непал, а живее во Словенија и е неуморен во предавањата за природните лековити и терапевтски процедури на овие древни медицини низ поранешните југословенски простори, но и пошироко, во Индија и Европа.

Од 1999 година, Смајо Сафиќ Гупта, ваидија, работи во образовниот центар Ајур Ашрам, заедно со експерти од Индија (професори, лекари, фармацевти итн.), промовирајќи ја ајурведата преку едукативни курсеви и студии за ајурведскиот кадар. Тој промовира здрави и природни начини на живеење и лекување преку бесплатни работилници и јавни предавања. Во својата ајурведска практика користи традиционална акупунктура која се заснова на натуропатската техника на третман Сушиведа (еден сегмент од тибетската медицина – Sowa Rigpa).

На покана на Здружението за интегративна медицина на Словенија – Европа, во 2013 година станува претседател на Секцијата за ајурведска традиционална медицина.

„Преку овие два (Ајурведа и Сова Ригпа) традиционални медицински системи, денес работам како професор со студенти и со клиенти/пациенти. Најпрво, со мојата работа ги подобрувам луѓето преку природни терапии и со насоки и совети за да дојдат до добра имунолошка рамнотежа, среќа и здравје“, вели нашиот соговорник и објаснува дека неговите цели се „да им помогне на луѓето да живеат долг, здрав и балансиран/витален живот преку главните упатства: превенција на болести, развој на повисока свест, дијагноза и интегративен третман на болестите“.

Ако го прашате што значи да се биде традиционален ајурведски терапевт и лекар и како се пренесува ајурведското знаење, ќе рече дека се тоа тешки прашања, за да може да се одговорат накусо, но сепак се обидува да ни објасни:

„Во ајурведската медицина среќата значи ЗДРАВЈЕ, односно човекот секогаш го одржува и зајакнува своето физичко, ментално и духовно здравје. Здравјето е мир, љубов и хармонија со она што не опкружува секој ден. Среќата не е надвор од нас, туку состојбата на блаженство живее во нас. За некого, среќниот живот претставува богатство и материјална корист, додека некој друг би можел да каже дека за него среќниот живот претставува љубов и присуство на семејството и пријателите, дури и во екстремна сиромаштија. Опишаното е основа на ајурведскиот начин на живот во Азија – на Исток! Ајур-животот како Веда на животот се пренесувал како наследство од учител на ученик низ генерации, како и целата ведска наука.

И на светско ниво, овој медицински систем и во рамките на Светската здравствена организација (СЗО) е препознаен во многу култури како едноставен и ефективен превентивен метод. Додека училишната (западната) медицина лекува на клеточно ниво и ја лекува настанатата состојба, традиционалната медицина се обидува да дојде до изворот на болеста, односно нарушувањето на физичкото здравје чиј извор е во човечката душа, свест или личност, што често е причина за болеста (самата состојба). Ајурведата може да се преведе како „наука за животот“. Бидејќи во суштина е лекувачка наука, таа се концентрира на она што е потребно за да се води здрав и нормален живот. Ајурведата може да се практикува самостојно или како додаток на алопатското лекување. Во земјите каде ајурведските експерти соработуваат со официјалната, западна медицина, ајурведата успешно ги спречува и лекува хроничните болести“, вели тој.

А за да стане некој Ваидија, потребни се најмалку 5 и пол години учење и голема инвестиција во пракса!

Нашиот соговорник објаснува и дека ајурведата не е решение за сите здравствени проблеми, туку нуди начин како човекот да води квалитетен живот.

Долгогодишното искуство на ајурведската медицина е потврдено на многу начини од модерната биологија и западната медицина. Позитивните ефекти од ајурведскиот третман се зголемената способност за природно самозаздравување. Целта на Ајурведата е да не насочи, да влијае на нашиот живот, да го промени и прошири, т.е. да го подобри. Овој систем на медицина се заснова на филозофијата дека духот-душата кај човекот има најголемо влијание врз телото и дека нашето здравје зависи од состојбата на нашата свест, што е причина за рамнотежа или нерамнотежа на телото и умот. Правилната состојба на свеста го зајакнува имунитетот и придонесува за подобро здравје“, вели добриот доктор Смајо, кој иако нема волшебно стапче, некако волшебно прави да почнете да верувате во својата и во моќта на природата.

„Терапевтската програма се спроведува врз основа на холистички пристап, посветувајќи посебно внимание на промените во исхраната и начинот на живот, вежбање со насоки; терапија со вакум, облоги од лековити растенија, употреба на лековити масла за акупресурна масажа, магнетни терапии и процес на загревање (мокша) т.н. термичка акупунктура. Посебен процес е акупунктурата за која се користат многу тенки игли за еднократна употреба. Иглата безболно навлегува во телото и го поврзува телото/здравјето преку 180 меридијани, односно енергетски канали, кои се распоредени анатомски и прецизно според големината на секој човек“, објаснува Смајо ваидија.

Но, бидејќи во принцип, моќта на тибетската медицина е во превенцијата, од ваидија Смајо добив и исцрпни упатства за исхрана и начин на живот.

Еве што е важно во однос на исхраната според неговите препораки:

Важно е да се јаде свежа храна која се одгледува таму каде што живеете.

Избегнувајте мешање на протеини, како месо и сирење.

Оброкот треба да содржи 40% до 60% зрна и 15% до 20% зеленчук, што е можно повеќе протеини и овошје.

Не јадете готвена и сирова храна во исто време; Избегнувајте комбинирање на лесна и тешка храна во истиот оброк.

Не мешајте млеко и јогурт; не јадете варено овошје заедно со готвени јадења.

Избегнувајте нездрави навики во исхраната, како што се: преголеми количини на храна; или да јадете кога имате запек. Исто така, не јадете ниту многу рано, ниту многу доцна. Не јадете кога сте сити и не е добро да јадете кога сте вознемирени, лути и под стрес.

Медот никогаш не го варете, туку додавајте го во чајот, бидејќи со варењето неговите молекули стануваат како лепак, кој се прилепува на слузницата, ги затвора суптилните канали и произведува токсини. Не јадете овошните пијалаци направени со млеко или јогурт.

Дневните оброци треба да содржат малку или никакво месо и многу варен зеленчук и овошје.

Потребно е лебот почесто да се заменува со ориз, јачмен, просо.

За вечера не јадете свежа салата и зеленчук како прилог бидејќи го оптоваруваат црниот дроб и жолчката и го задржуваат целулитот во целото тело.

Јадете додека стомакот не ви се наполни 60% (и пијте топла вода)!

Папајата и ананасот позитивно влијаат на чувството на удобност и на рамнотежата на телото (имаат антистресни и антидепресивни својства). Нивните ензими многу добро ги разградуваат протеините и ги разградуваат липидите (мастите).

Билен чај, понекогаш и козјо или овчо млеко е добредојдено за појадок или вечера.

Составете оброк по ваш избор и вкус и според упатствата што можете, а што не можете да јадете:

Житарки – пченични трици, овесни трици, пченкарни трици (проја), …

Сушено овошје – сливи, суво грозје, кајсии…

Свежо овошје – јаболка, јагоди, портокали, круши…

 Јаткасти плодови – лешници, ореви, бадеми, ф’стаци…

Семиња – лен, сусам, тиква, сончоглед…

Почнете да размислувате за постот на еден ден – неделно или барем еднаш месечно. Пијте само вода!

Најдобро е да се пости во пролет или есен. Постот е добар пред или после големи празници, прослави, семејни празници. Секој што не постел нека го направи тоа со помош на туѓи совети (луѓе кои веќе постеле или најдете литература).

За време на постот се препорачува и правење клизма двапати на ден.

И на крајот, од докторот го добивме и рецептот за најпознатото ајурведско јадење: кичари.

Тоа е идеален оброк со сооднос на протеини што ни се потребни, а неговиот дополнителен квалитет е што го детоксицира и зајакнува телото. Кичари е чорба што овозможува лесно и брзо закрепнување по тешки терапии и болести.
Може да се готви потечно или погусто, по сопствена желба и избор. Истото важи и за изборот на различни зачини и зеленчуци (особено сезонските што ве опкружуваат таму кадешто живеете.
Оставете го зелениот мунго грав во вода преку ноќ за полесно да се свари. (Секако, ние можеме да го направиме и со некои други мешунки, најчесто со леќа и ориз или некои други зрна како киноа, амарант итн.
Загрејте го путерот (ГИ путер, односно, прочистен кравји путер) на тивок оган, додадете куркума и ким и варете половина минута.
Додадете го зеленчукот и пржете околу 30 секунди, а потоа и мунго гравот и оризот околу 30 секунди.
Додадете вода и зголемете ја топлината додека не зоврие – потоа намалете ја топлината и варете на тивок оган околу 25 минути.
Додадете малку ѓумбир, сол и остатокот од зачините на крајот од готвењето.

Докторот си замина, но неговите рецепти ги има и на неговата официјална страница, а некои од зачините можат да се најдат кај неговите пријатели и соработници во Ајурведа Македонија.