Кога ќе се соединат сликарството и кулинарството се раѓаат уметнички пралини

1.194

Дејан Вучковиќ е млад битолски готвач кој карантинот го искористил за експериментирање во кујната. Во центарот на неговиот интерес е чоколадото кое ја има главната ролја во оваа приказна за Дејан и пралините „Дежаву“. Иако овој израз има друго значење, верувајте, сите се различни, прекрасни и посебни по вкус

Битолчанецот Дејан Вучковиќ го привлече нашето внимание на Винскиот салон во Битола на кој ги изложуваше своите необични чоколатца кои наликуваа на минијатурни уметнички дела, но јадливи и вкусни.

Дејан е главен готвач во комплексот „Фелиција Голд“ во неговиот роден град кадешто моментално ги изработува и десертите. 

Вели дека љубовта за готвењето кај него се појавила уште додека бил тинејџер, а особено му била и сè уште му е привлечна можноста за создавање на нови комбинации на вкусови.

„Готвењето за мене претставува уметност на повеќе нивоа истовремено, уметност која дозволува истовремено стимулирање на сетилата за вид, мирис и вкус“, објаснува Дејан чии чоколадни креации ги спојуваат во себе неговите афинитети и кон уметноста и кон кулинарството.

И покрај тоа што во своето семејство е единствен кој професионално се занимава со готвење, со љубовта кон готвењето се „заразил“ преку рецептите на неговата мајка и на двете баби.

„Тие ми покажаа дека едно јадење може да се приготви на различни начини и дека секој може да си го приготви на посебен начин, а резултатот, иако поинаков, да биде убав на свој начин“, вели тој.

Уште како дете Дејан помагал во приготвувањето на фамилијарните ручеци и секогаш му било задоволство кога ефектот од приготвеното јадење биле насмевки на фамилијарните трпези.

Со изработка на пралини почнал да се занимава за време на карантинот, а за неговите „DejaVu chocolates“ вели дека е стартап кој планира во иднина да прерасне во бренд за изработка на најквалитетни чоколадни бонбони и други слатки задоволства.

„DejaVu е на некој начин акроним од моето име и презиме Дејан Вучковиќ, а го одбрав затоа што чувствувам директна поврзаност со мене и со тоа што го изработувам, целам кон тоа секоја бонбона која ја изработувам да пренесува идеја и концепт и да создава насмевка кај луѓето. Желбата за изработка на десерти кај мене постои веќе подолго време, но време за да се позанимавам со ова најдов во периодот на првиот карантин заради короната, кога започнав да експериментирам со чоколадо. Оттогаш, секогаш кога имам прилика времето го користам за да направам нови производи“, вели Дејан.

Неговите насликани чоколадни бонбони може да се најдат преку неговиот инстаграм профил @dejavu.chocolates, но дел од овие вкусови, благодарение на Дејан има и на менито на Фелиција Голд: чизкејк, мус од ф’стак, чоколаден карамел, чоколаден флан и други интересни и вкусни десерти. Иако има интерес и за чоколадните бонбони, заради тоа што за нивна изработка се потребни многу труд и време, тие засега не се вклучени во регуларното мени.

Инаку, дел од неговата испирација за да почне со изработка на чоколадните бонбони со декорација од обоен какао путер, биле уметничките дела од различни уметници.

„Љубовта за сликарството ја добив од делата на американските сликари Грант Вуд и Боб Рос, како и од делата на Ван Гог. Чоколадото и обоениот какао путер пак, ги искористив како можност за спојување на моите две големи љубови, сликарството и кулинарството“, вели Дејан кој има и други преокупации и задоволства, а меѓу нив и собирањето на печурки, а со оглед на тоа што живее под Пелистер, разбирливо и планинарењето и сноубордингот.

Тој во иднина има желба да ги дополни своите знаења, а тоа има план да го направи преку посета на обуки во странство, како и преку размена на искуства со колегите во нашата држава. 

Кога станува збор, генерално, за готвење, Дејан нема конкретна омилена кујна или јадење, туку кај него интересот се менува со сезоните.

„Секој дел од годината си има свои продукти и тука е и мојот најголем интерес – работа со свежи продукти. Во себе ја чувствувам потребата заедно со колегите да се потрудиме за зачувување и унапредување на македонската кујна која, за жал, сè повеќе се заменува со рецепти од странски кујни кои кај нас тешко можат да се изведат на правилен начин заради пристапот до различни продукти. Нашето поднебје ни дава голем спектар на квалитетен производ кој нам ни е аманет да го користиме и да не го запоставуваме и заменуваме со преработени производи за да правиме евтини копии на туѓи идеи“, порачува Дејан. 

По завршувањето на студиите за гастрономија, исхрана и диететика при универзитетот „Гоце Делчев“, тој го печел занаетот во вино бар „Буре Магнолија“ во Битола, од кадешто продолжил во хотелскиот комплекс „Македонско село“ во Скопје, а потоа и во странство.

„Две сезони работев на островот Фехмарн во Германија во „Quintings“. Потоа се одлучив да се здобијам со дополнително искуство во Хрватска и работев во ресторанот „Bokeria“ во Сплит, кадешто добив нови познавања и големо искуство за тоа како една професионална кујна треба да функционира тимски“, вели Дејан, кој е сепак најсреќен кога е дома и ги создава своите превкусни чоколадни пралини.