Која е тајната на вкусниот куглоф?

792

Тајната на овој вкусен куглоф, вели Лихнида, нашата редовна читателка и соработничка од Њујорк, е во матењето. Јајцата и шеќерот се матат со миксер барем 10-15 минути, а потоа, сѐ друго се меша со лажица.

Нашата редовна читателка и соработничка кога станува збор за споделување на нејзините рецепти, Лихнида Дамовска која инаку, живее отаде големата бара каде што ги провоцира сетилата на соседите со замамните мириси од нејзината кујна, ни испрати уште еден рецепт. Само кога ќе го погледнете, ќе ви отвори апетит. Иако звучи обично, односно, станува збор за куглоф, секако не е баш обичен куглоф. „Тестото е топ, фантазија, најдобро до сега“, вели Лихнида во описот, а бидејќи е голема гурманка, во потполност ѝ веруваме дека е така.

Според неа, тајната е во долгото матење на јајцата и шеќерот, барем 10-15 минути со миксер. Додека сѐ друго потоа се меша исклучиво со лажица. Исто така, вели дека може да се прави и со друго овошје, по ваша желба, но никако со замрзнато.

Додека таа го направила со 700 г свежи боровинки и малини, нејзината ќерка Сташа имала успешен колач по овој рецепт со 5 јаболки и цимет и малку ореви.

Состојки:

(Мерките се со шолја за кафе од 100 мл)

3 ипол шолји брашно

1 прашок за пециво

2 шолји шеќер

4 јајца

1,5 шолја павлака

1 лажица екстракт од ванила

3/4 шолја масло

700 г боровинки, малини или јагоди

Приготвување:

Јајцата и шеќерот се матат со миксер околу 10-15 минути. Потоа се додаваат другите состојки, малку по малку, а се меша со лажица.

На крајот се додава овошјето и се става смесата во подмачкан калап за куглоф или во обично тавче со размер од 22 цм.

Печете во загреана рерна на 180 степени околу 50 минути. Проверувајте со чепкалка дали е печен, а времето за печење може да е различно во зависност од рерната, но отприлика од 40 до 60 минути.

Не го сечете додека не се олади.