Крсте Гаков: Човекот што од две даски чуда прави

674

На овој наш дизајнер на мебел и ентериери, сопственик и на брендот „Две даски“ за изработка на арт предмети за кујна и Хорека, најголемата желба, наместо да заработи милион евра, му е да направи изложба со неговите дизајни инспирирани од Мондриан и еден ден едно парче негов дизајн да се најде во некој од светските музеи.

Крсте Гаков е еден од најинтересните луѓе што сум ги запознала во последно време. Тој е дизајнер на современ дрвен мебел и ентериери, а неговите дела се уникатни и уметнички, но и функционални производи од дрво што ги изработува со голема љубов и страст. Неговата љубов кон работата е до толку голема, што брзајќи да реализира некое дело кое обично го има прво како тродимензионална слика во својата глава, останал без два прста на десната рака. Секако, ова не го спречило да продолжи да твори со истата страст и вистинска штета би била доколку неговата работа остане само во статистиките со добитниците на награди за дизајн на мебел.

Имено, во текот на своето долгогодишно постоење и творење како дизајнер, Гаков има добиено награди за некои од своите дизајни, како во земјава, така и во странство.

Едни од неговите најнаградувани производи се масата наречена „изместена” и закачалката наречена „3Д“ (инспирирана од Мондриан) кои добиле награди кај нас, во САД, во Германија и во Италија.

Господин Гаков е сопственик на компанија што произведува предмети со неконвенционален дизајн, мебелот го доживува како уметничко дело, а негова најголема инспирација и главниот „виновник“ за правецот на неговите дизајни е творецот на апстрактната уметност што го промени светот, Холанѓанецот Пиет Мондриан. Крсте се препознал во делата на Мондриан, во минимализмот, правите линии, различната големина на квадрати и правоаголници вклопени во една прекрасна целина, па вели дека поголемиот дел од неговите дизајни се инспирирани и поставени на таа основа.

Како дете, во чија фамилија повеќето од мажите се бавеле со столарија (освен еден чичко кој има фабрика за мебел во Грција, другите се занимавале со столарството како хоби), Крсте уште од најрана возраст, на 7-8 години при секоја посета на баба му во Кавадарци, сето време го поминувал во дрвниот комбинат во овој град, од каде што земал кора од бел и црн бор и правел кајчиња, обликувајќи ги и длабејќи ги со нож.

„Мојот прв производ, ако може да се каже така, беше реплика на една столица која се наоѓа во МОМА, во Њујорк. Јас сликата од таа столица ја видов во еден учебник кој го користевме во тоа време, се викаше уметност или така нешто.

Со оваа слика од таа столица, започна и мојата љубов кон дизајнот и делата на Пиет Мондриан кој го обожувам.

После таа столица, направив држач за цвеќе, користејќи само рачен алат, а неколку години подоцна, мислам дека имав околу 13-14 години, отидов кај локалниот столар, мајстор Киро и го прашав колку треба да му платам за да доаѓам кај него да му помагам, а патем и да украдам по некоја финта и знаење.

Секако тој не ми бараше пари, туку ми кажа: Ако сакаш ќе научиш, ама треба да сакаш. Така што кај мене, столаријата е пред сѐ љубов, а потоа сѐ друго“, раскажува Крсте.

Во некои од своите дела Гаков користел и рециклиран материјал како основа за создавање на некој дизајн. На пример, од старата када од купатилото на неговите родители пред дваесет и кусур години, поточно, од задниот заоблен дел од кадата создавал арт деко фотелја. Истото се случило и со барабанот од стара машина за перење алишта од која создал клуб маса, а од стара приколка за запрежна кола – прекрасен брачен кревет.

Инаку, по вокација тој е моден дизајнер, а бидејќи после основното училиште му било поважно каде ќе му се запишат другарите, учел дури во три училишта, првата година учел во ЕМУЦ, потоа бидејќи сакал архитектура, втора и трета година учел во ГУЦ, но заради недоразбирање со една наставничка, средното училиште го финиширал во текстилното училиште во „Кочо Рацин“, на отсекот за моден дизајн.

Благодарение на оваа лепеза од средношколско образование се здобил со повеќе знаења и ниту едно од нив не останало неискористено.

Почнувајќи од црвеното одело што самиот си го сошил за својата матурска, преку сукњите што ги шиел за мајка му и сестра му, па до нацртите и техничката изведба на сите свои дизајни за мебел и ентериер.

После завршувањето на средното училиште отишол во војска и се вратил дома непосредно пред почетокот на војната од 1991 година.

После само една година ја отворил својата прва фирма.

„Иако фирмата беше повеќе за трговија, уште од тогаш почнав да изработувам мебел, бидејќи сватив дека мене не ме бива со финансии и пари, па така столарството стана примарна дејност.

Бидејќи јас сум човек богат со пријатели, а многу од нив кои се бавеа со различни бизниси, се бавеа со производство на разни производи, јас ги учев технолигиите и техниките на производство кои многу ми помогнаа да создавам дизајни, кои и ден денес се авангардни, иако некои од нив се создадени пред повеќе од 25 години.

Многу од моите дизајни придонесоа одредени светски организации кои се бават со дизајн на ентериери и мебел, да ме канат да бидам говорник и да држам предавања, а сето тоа пак ми донесе ангажман ако дизајнер на ентериери во многу земји во Европа и Америка.

Мојата пасија и љубов е дизајнирање и создавање на маси (трпезариски, клуб маси, помошни маси) но секогаш се трудам тие да не бидат како ‘јајце на јајце’, туку секогаш сум правел нешто уникатно. Низ годиниве наназад сум создал многу дела на кои сум горд, а особено сум горд на неколку маси кои се наградени од светски институции, горд сум на мојата изложба во Њујорк од пред 15-16 години, горд сум на моето учество на Скопје Креатива пред 4-5 години кога изложив 3 дизајни инспирирани од Пиет Мондриан (две маси и една закачалка), но ако треба да издвојам, најмногу сум горд на мојот прв индустријски дизајн кој го продавав низ продавниците во Скопје, а тоа е држачот за цедеа. Тоа беше пред добри 27 години, а горд сум и на еден мој дизајн за закачалка (3D coutstand ) од пред 25 години, бидејќи многу подоцна тој стана широко распростанет како панели за ѕид, дизајн за плочки, итн“, објаснува господин Крсте.

А дека навистина станува збор за еден посебен човек, зборува и тоа што само заради тоа што омилен филм му бил „Казабланка“ во 90-тите години отишол во Мароко, а во текот на животот прошетал уште 70-80 држави низ светот, од Северна Африка, Мексико, па до САД кадешто ги дизајнирал ентериерите на куќите на американскиот џет-сет.

„До пред несреќата која ми се случи пред три години и во која ги изгубив палецот и показалецот на десната рака (малиот прст на левата рака пак, го изгубил како дете), обично ме ангажираа за големи проекти во Европа и Америка, но по несреќата цртањето ми претставува проблем. Интересно, не можам да седнам на компјутер и да нацртам ентериерно решение, а можам да дигам талпи кои тежат и по педесетина кила, да ги преработувам и да создавам, но навистина е така. Затоа пак не ми е проблем да цртам со рака“, се смее тој.

За принципот на работа со американскиот џет-сет, Гаков вели: „Таму се договараат за цената, ти отвораат сметка и веќе ништо не ги интересира. Не е како кај нас, кога тој што те ангажирал е поголем дизајнер од дизајнерот, поголем столар од столарот, поголем молер од молерот, електричар од електричарот. Обично со ваквите клиенти, работата се претвара во бизнис, а јас мојата работа ја гледам како љубов“.

Сепак, кога некој ќе го ангажира за дизајнирање на ентериерот, тој не прави ништо површно и колку да заврши работа. Напротив, вели дека прво сака да се запознае со семејството кое ќе живее во таа куќа и врз основа на тоа прави дизајн, кој ќе ги отсликува луѓето што живеат таму.

„Кога создавам нешто за одреден клиент, се трудам тоа да му биде прилагодено нему и на неговите потреби, да биде неговото алтер его, а потоа да биде и уметничко парче, а не само гол мебел“, вели тој.

Затоа нашиот соговорник не работи како што денес работат повеќето луѓе кои се занимаваат со столарија, а кои тој, иако признава дека е можеби и малку самобендисан (а ние додаваме – и со право), ги нарекува монтери.

„Не е мајсторлукот да земеш готови плочи и да ги склопиш, тие што го прават тоа јас ги викам монтери на кои две даски да им дадам нема да знаат што да прават“, се смее тој додавајќи дека токму оттука дошло и името на неговиот нов бренд, студиото „Две даски“. Станува збор за компанија која ќе се занимава само со Хорека и сѐ што е потребно за една кујна, бар, или домаќинство.

„Како скопјанец кој љуби добра дружба, добра журка, добра меана, добро пиење и добро јадење, нормално е да сум чест гостин во скоро сите меани во градов и ако нешто ми пречело како гостин секогаш било сервирањето на храната. А како човек кој сака да готви и да измислува јадења, сакам храната што ја готвам или ми ја приготвуваат да биде убаво презентирана. Затоа седнав и создадов нова компанија. Секако, многу луѓе прават такви производи, но јас како личност која сака да не е ординарна, решив да создавам предмети кои се АРТ, да дизајнирам уметнички предмети, но и функционални. Употребувам и комбинирам различни типови на дрво, орев, даб, костен, цреша, дива цреша, багрем, јасен, јавор, топола, а секое од овие дрва си има сопствена приказна и мојата работа е убаво да ги спојам сите тие приказни во една.

Знаете, сите музичари во еден симфониски оркестар се врвни музичари, ама диригентот прави тие да свират перфектно. Така и јас, се обидувам сите тие дрва заедно да изгледаат перфектно. Но за да не биде само изгледот перфектен, бидејќи сум убаво технички и технолошки поткован, јс се трудам моите дизајни да бидат и функционални“, објаснува нашиот соговорник кој од таа причина решил и да го прошири производството и почнал да создава даски за најразлични употреби: за сервирање сувомеснато, за сервирање сирења, за бифтек, за стек, за суши, за скара, за бургери, за овошје, постоља за торти, за кафе, за колачи, до даски за сечење и за одложување на врели тави и садови.

А дека мислат на сѐ, зборува и фактот што со сите тие производи нудат и соодветни држачи. Исто така, произведуваат и држачи за вино кои се самостоечки, односно, држачот и шишето вино се самобалансираат.

Последни два производи кои се целосно нивни дизајн, заштитени како производ и дизајн, се дрвените кутии за пури.

Едниот модел е за класични пури, а вториот модел е кутија за цигарелоси Тоскано кои доаѓаат со капак и пепелник ( се разбира, сѐ е од дрво ).

„До крајот на годинава треба да почнеме со производство на уште 4 нови производи, држачи за ножеви, за зачини, садови за зачини и еден производ кој ќе служи и за чување и за сечење и за послужување на леб, сето тоа во еден производ“, раскажува Крсте.

Нашиот соговорник цели 20 години имал ателје за дизајн на мебел и ентериери во Дебар Маало, а сега целата негова работа е сконцентрирана на еден огромен простор во Радишани.

„Во приказнава не сум сам, иако поголемиот дел, 80 отсто од работите ги изработувам сам, имам и калфи и чираци кои ги доработуваат производите, но и ги пакуваат, товараат, истовараат. Со мене се Пеце, Аце, Боле. И за крај, за мене столаријата е уметност, исто како и храната, музиката, сликарството и како човек со такви перцепции на животот, се трудам да живеам опкружен со убави луѓе и со убави нешта. Да, понекогаш треба повеќе да се плати за некои работи, но парите се само слики од мртви претседатели, а животот е еден и е убав онолку колку што сами ќе си направиме да ни биде убав. А убавината понекогаш е и обично лебче сервирано на убав начин и на убава даска, нели?“, завршува Гаков.

Инаку, нашиот соговорник во својот живот има и две дами, неговата сопруга е педијатар, а неговата ќерка, иако кога станува збор за неговите дизајни, е неговата најголема критичарка и иако и самата има афинитети кон уметноста, сепак тргнала по стапките на мајка ѝ и е втора година на медицина.

За среќа, нашиот соговорник има само 50 години, уште многу идеи, енергија и најважно од сѐ, уште многу љубов за својата професија, па најголемата желба, наместо да заработи милион евра, му е да направи изложба со неговите дизајни инспирирани од Мондриан и еден ден едно парче негов дизајн да се најде во некој од светските музеи. Тој го преферира Мома пред Гугенхајм, но би бил задоволен во секој случај.