Кумановецот Филип Митевски ги учи Германците на перфекционизам: Тој е шеф на кујна во преубав хотел-ресторан среде шума

1.906

Животот на еден шеф на кујна е тежок, зема многу од вашата енергија и трпение, но од друга страна е и посветеност, љубов и страст кон работата што ја сакате. А кога сте вљубени во тој свет и ја имате големата поддршка од семејтвото, како што ја имам јас од мојата сопруга и од мојата ќеркичка, тогаш ништо не е тешко, вели нашиот Филип Митевски од својата нова позиција, шеф на кујна во еден прекрасен хотел-ресторан сместен во шумите на Оденвалд.

Нашиот готвач и дизајнер на храна, Филип Митевски живее во регионот Оденвалд, во Германија, поточно, во гратчето Ербах сместено во длабоките шуми на Оденвалд.

Таму, на својата нова работна позиција која е чекор напред во неговата кулинарска кариера е од мај годинава. Станува збор за позицијата шеф на кујна во хотел со капацитет од 44 соби и А ла карт (A la carte) ресторан со 60 седишта внатре и летна тераса со 40 седишта и три локации за настани. „Станува збор за ресторан со модерна кујна и фајн дајнинг каде што сѐ мора да биде перфектно додека сум јас таму. Мојот принцип на работа е многу захтевен, па можеби затоа велат и дека е тешко да се работи со мене“, се смее Филип кој и инаку е познат по својот уметнички начин на изразување во кулинарството, а неговите порции се вистински одраз на неговиот перфекционизам кој го бара и од своите колеги. Сеедно што повеќето од нив се Германци, а во нашите перцепции за овој народ тие се оние кои се склони кон перфекционизам, Филип „ги шие“. Настрана од перфекционизмот по кој е препознатлив, со својата настојчивост да се спроведат неговите методи на работа смета дека им се олеснува работата и нему и на колегите. 

Го запознавме шеф Филип Митевски преку неговите неверојатни кулинарски специјалитети кои зборуваат за него како за човек од „новото време“, кој го привлекува иновативната или уште поконкретно, молекуларната гастрономија.

Тој е еден од наједуцираните кулинари кои иако образованието за професијата го почнал како и повеќето, во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје, продолжил со образованието на Медицинскиот факултет во Софија, отсек санитарен инспектор, а потоа магистрирал на Економскиот факултет во Софија – менаџер во здравството.

Едукацијата му помогнала да се запознае со контролата на храната, нејзиното одржување, складирање, обработка, а потоа и организација.

Ја сака симетријата, архитектурата и структурата кои заземаат важното место во неговата работа, како и уметничкиот начин на изразување. 

Неговата љубов кон кулинарството започнува уште од рана возраст, благодарение на тоа што неговите родители имале ресторан за рибни специјалитети, па тој уште од 11 години знаел што сака да работи, но сфатил и дека за да се биде меѓу најдобрите, се потребни многу посветеност и знаење, но и дека колку што е важно образованието, уште поважно е искуството кое решил да го надградува и да го проширува надвор од границите на Македонија – во Германија.

„Тука сум 8 години. Предизвикот да се пробам на страна беше пресуден за да направам успех во мојата кариера. Да се одлучите да тргнете да градите кариера некаде надвор од татковината е тежок чекор, некој ќе рече, можете да изградите кариера и дома, а јас не велам дека не е можно, но за мене беше голем предизвик да запознаам нова култура, нов начин на работа, техника на обработка на продуктите и најважно од сѐ, неограниченоста и достапноста на продуктите и материјалите за работа кои се исклучително важни за нашата професија. Но на оваа тема можат да дискутираат само луѓе кои ги поминале и двата пата, надвор и дома, па самите ги знаат предностите“, објаснува Филип.

Тој сега го прави токму тоа што најмногу го сака. Хотелот се наоѓа на десетина километри од гратчето во кое живее со семејството и е сместен во самата шума, а таа шумска идила која го опкружува, вели, му е голема инспирација за да биде уште покреативен во работата.

„За мене е голем успех да водам еден таков хотел кадешто дојдов и добив шанса по препорака на еден добар пријател, колегата Горан Младеновски, а секако со мојата работа ја оправдав нивната доверба, па сега имам неограничен договор за работа.

За да бидете шеф на кујна треба да ги имате сите познавања во кујната. Самиот шеф има многу други задачи освен да знае да готви. Тој ги создава менијата според сезоната, користи намирници кои се актуелни во тој период, искористува ресурси од околината каде што работи, прави програма по која работи тимот, ги организира и работата и самата кујна, обезбедува намирници за работа и има уште многу други задачи, но накусо значи дека шефот треба да е комплетна личност со претходно големо искуство на секоја позиција. Животот во кујна е тежок, ви зема многу од вашата енергија и трпение, но од друга страна е и посветеност, љубов и страст кон работата што ја сакате. А кога сте вљубени во тој свет и ја имате големата поддршка од семејтвото, како што јас ја имам од мојата сопруга и од мојата ќеркичка, тогаш ништо не е тешко“, вели Филип.

А кога сме кај семејството, за Филип најдобар готвач е неговата мајка, а омилено јадење, покрај сите егзотични рецепти кои ги прави, сѐуште му е мусаката. Иако нема многу време и можности за тоа, на своите колеги од тимот кој освен него и уште еден Македонец е составен само од Германци, во неколку наврати им направил неколку к наши специјалитети, како лутеница, полнети модри патлиџани и сарма, а низ работата ги учи и на по некој македонски збор.

„Добро, жешко, топло, многу добро, донеси, однеси и слични, се дел од изразите кои ги научија Германците со кои работам во тимот, а кога станува збор за Македонија, најмногу ги интересира колку се платени кај нас готвачите, какви се условите за работа и работното време. Имам во тимот и тројца ученици кои се тука на пракса, да научат да готват, а работат исто како останатите, 8 часа дневно и за тоа земаат плата од хотелот, а подоцна, ако шефовите мислат дека се потребни, остануваат да работат“, објаснува шеф Филип.

За време на короната кога сите имавме повеќе време и седевме дома, тој заедно со ќеркичката која беше сѐ уште бебе, готвеше и правеше видеа од тоа (Татко и ќерка готват за вас), па затоа не е чудно што неговата ќеркичка порасната во рацете на татко ѝ и гледајќи го додека готви, експериментира и ги дизајнира порциите дури и за нив дома, на неполни две години, во градинка направила ваква слика.

„Учителката ни ја даде сликата и ни кажа дека е талентирана, а ние си ја врамивме за спомен. Сѐ уште готвиме заедно, само што повеќе не се снимаме бидејќи немам толку време, но неа, иако е малечка и не е некоја голема јадачка, ја интересира сѐ. Кога имаме гости речиси секогаш сѐ подготвуваме заедно и сѐ изгледа перфектно, но уште е многу мала и се разбира дека не може сама да работи, но според цртежот гледам дека се учи“, вели тато Филип и додава дека малата Никол е и голема позерка, а многу сака и да јава коњи.

И за крајот, како потврда дека за добрите нешта далеку се слуша, го прашавме Филип за неговиот неодамнешен ангажман на Канарските острови.

„Ангажманот за Канарските острови го добив од мојот драг пријател и колега Владимир Барџиќ, заедно со него на покана од еден прекрасен човек кој е сопственик на синџир на ресторани на Канарските острови бевме поканети за да создадеме ново мени, а воедно и работевме на вечера на која бевме специјални гости со наше заедничко мени од 5 следови. За ова треба уште многу да раскажувам во некоја наредна пригода.  Што се однесува до иднината, засега сум задоволен и не ги планирам моите професионални планови, туку оставам сами да се создаваат, а се надевам дека и понатаму ќе создавам креативни нешта“, завршува Филип посакувајќи им среќни празници на сите наши читатели со неколку фотографии од неговите кулинарски креации.