Лампиони на дрво, здрав деликатес во кујната: Јапонските јаболка се вкусен лек за многу болести

Фото: Freepik
1.085

Многу дворови периодов ги красат овие прекрасни плодови кои неодоливо потсетуваат на новогодишни лампиони. Во светот се познати и како „каки јаболка”, а иако потекнуваат од Азија, во Кина се користат како лековит плод веќе над 2.000 години, одлично виреат и на нашето поднебје.

Јапонското јаболко е егзотично овошје кое потекнува од Кина и Јапонија, ама одлично вирее и кај нас. Изгледа дека е неправедно запоставено во исхраната, па ако еднаш ви ја ‘собрало’ устата, не значи дека не треба да му дадете втора шанса. Има и повеќе видови јапонски јаболка, а вистински хит се оние „чоколадните“. Освен што дрвата на кои растат кога ќе се појават овие плодови, изгледаат како новогодишни елки со тркалезни лампиони, тие имаат и многу здравствени придобивки. Меѓу нив се делотворноста за здравјето на очите, спречување разни видови рак, подобрување на варењето, зајакнување на имунолошкиот систем, намалување на холестеролот, зајакнување на коските и намалување на крвниот притисок.

Јапонските јаболка може да му помогнат на телото и за побрзо заздравување, за губењето тежина, при намалување на воспаленијата и за подобар крвоток.

Тоа е богато со бројни витамини, особено со витамин А, бета-каротен, лутеин, ликопен и криптоксантин. Овие витамини се делотворни против брчки, старечки дамки, Алцхајмерова болест, замор, губење на видот, мускулна слабост и голем број други состојби на стареењето.

Свежиот плод и сок од ова овошје се исклучително лековити кај проблемите со варење, како што се опстипација, воспаление на цревата, хемороиди и разни болести на желудникот. Влакната кои се наоѓаат во јапонското јаболко помагаат дигестивниот тракт да ја свари храната ефикасно, полесно да ја спроведе низ цревата и да дојде до полесно празнење. Со тоа, благо го зголемува лачењето желудочна киселина и ги ублажува симптомите на тврда столица и дијареа.

Каки јаболкото се користи за болести на црниот дроб и на жолчката, како и за нервниот систем, бидејќи има смирувачко дејство. Го јакне имунитетот зашто изобилува со витамин Ц и на телото му обезбедува дури 80 проценти од дневните потреби, а со тоа го стимулира производството на белите крвни зрнца кои се најважни во борбата против разни микробиолошки, вирусни и габични инфекции.

Доколку сте слабокрвни, задолжително јадете јапонско јабоко, бидејќи го стимулира создавањето нови и ја подобрува концентрацијата на црвени крвни зрнца и го зголемува нивото на хемоглобин во крвта. Каки јаболките содржат калиум во значителни количини, па поради тоа ова овошје штити од кардиоваскуларни болести и од зголемен холестерол, односно, го регулира крвниот притисок и го зголемува протокот на крв низ целото тело.

Јапонските јаболка може да се јадат свежи, сушени, сурови или варени, што го менува вкусот, но битно е што се слатки и меки. Ако целосно созрее, мекиот дел од плодот се вади и со лажица. Една „каки” јаболкница дава до 200 килограми плод.