Наместо да ја фрлите, направете од кората од лубеница разни вкусни нешта: Супа, слатко, салата…

Фото: Unsplash
239

Иако сме навикнати да ја јадеме само сочната црвена внатрешност на лубеницата, не е за фрлање ниту кората која најчесто завршува во кантата за отпад. Еве што сѐ можеме да направиме со неа

Повеќето од нас сме навикнати да ја фрламе кората од лубеница и да ја јадеме само сочната црвена внатрешност. Но кората од лубеница не само што е јадлива, туку е и богата со корисни хранливи материи.  Практично, тука има најмногу витамини, на пример, во неа се наоѓаат витамините Б и Ц и цитрулин кој се претвора во аргинин, кој е многу важен за здравјето на срцето и за циркулацијата.

Станува збор за белиот дел од лубеницата кој се наоѓа помеѓу слаткиот црвен плод и зелената кора. Иако црвената внатрешност е неспорно највкусна, и белиот дел може да биде вкусен, но на поинаков начин.

Затоа, време е да престанеме со фрлање на кората од лубеница и да ѝ дадеме шанса. Од кората може да се направат повеќе работи, на пример, слатко од лубеница, кисела туршија, може да се сомеле и да се додаде во смути, а може да се направи и кандирана закуска. Пред неколку години ние ја откривме и ладната супа од кора од лубеница и беше навистина вкусна и освежителна.

Подолу ќе ги најдете рецептите за супата, за слаткото, за салата и за кандирана кора од лубеница.

Супа од кора од лубеница

Состојки:

Кора од една кришка лубеница

1 помала краставица

1 лажица сок од лимон

1 лажица маслиново масло

200 мл јогурт

сол, црн пипер, копар

Приготвување:

Откако ќе ја исечете лубеницата и ќе го одвоите црвениот дел, излупете ја со нож за лупење зеленчук зелената кора (надворешниот дел) и белиот дел исечете го на коцки. Ставете ги во блендер заедно со краставицата, исечени на коцки, 1 лажица маслиново масло, 1 лажица сок од лимон, 200 мл јогурт, сол, црн пипер, копар и едно чешне лук.

Изблендирајте и ставете ја смесата убаво да се излади.

Оваа одлична супа е многу освежителна, вкусна и најважно, се прави дури побрзо и од таратур.

Белиот дел од кората може да се направи и за зимница такашто истите ќе ја подготвите на сличен начин како и киселите краставички.

Слатко од лубеница

За домашно слатко од кора од лубеница потребни ви се само3 состојки и помалку од еден час.

Состојки:

600 гр кора од лубеница
200 гр шеќер
сок од 1 лимета + кора

Приготвување:

Земете ја кората и извадете го зелениот дел со помош на лупач. Остатокот исечкајте го на ситни коцки и ставете го во поголемо тенџере. Поросете со шеќер, додадете сок и кора од лимета и оставете да се вари на тивок оган 45 минути. Потоа, истурете во чисти тегли и оставете да се излади.

Кандирана кора

Состојки:

500 гр кора од лубеница
250 гр шеќер

Приготвување:

Исечете ја кората на мали коцки. Ставете во тенџере, додадете шеќер и покријте со вода. Ставете го на средна температура и почекајте водата целосно да испари. Ќе потрае околу 2 часа. Потоа наредете ги парчињата кора од лубеница во плех на хартија за печење, а потоа сушете ги во рерна на 100 °C 1 час.

Еве еден рецепт и за салата со белиот дел од кората.

Состојки:

1 кисела павлака

3 чешниња лук

белиот дел од лубеницата

1/2 краставица

1 пиперка

2-3 ротквици

1 лажица маслиново масло

вински оцет или балсамико

Приготвување:

Подгответе ја кората од лубеницата на ист начин како за супата и изрендајте ја. Истото направете го со краставицата, ротквиците и пиперката, а лукот смачкајте го со преса.

Ставете ги сите состојки во сад за салата и зачинете.

На Блискиот Исток и во Кина се консумираат и семките од лубеница. Најчесто се сушат и се печат и се консумираат како закуска.