Наместо сѐ помалку, овошјето има сѐ повеќе пестициди

Фото: Unsplash
142

Наменети да ги уништат живите организми кои се сметаат за штетни, пестицидите, исто така, веројатно ќе влијаат на човековото здравје, зголемувајќи го ризикот од развој на проблеми со плодноста и беше откриено дека предизвикуваат некои болести, како што се ракот или Паркинсоновата болест, велат од невладината организација PAN Europe

Трагите од пестициди во овошјето одгледувано во Европската унија се зголемија меѓу 2011 и 2019 година, во период кога земјите-членки мораа да ја ограничат нивната употреба и да ги заменат со други супстанции од природно потекло, покажува новата студија на невладината организација PAN Europe, објавена денеска.

Студијата, базирана на резултатите од анализата на околу 97.000 примероци свежо овошје (праски, јагоди, цреши, јаболка…), покажува дека речиси секој трет примерок, или 29 отсто, бил контаминиран со траги од хемиски пестициди, за разлика од 18. проценти во 2011. година.

Оваа мрежа на европски невладини организации, која промовира одржливи алтернативи на пестицидите, потсетува дека од 2011 година земјите-членки мораа да ја охрабрат употребата на заменски производи за да се минимизира употребата на синтетички пестициди – хербициди, фунгициди и инсектициди, кои се сметаат за најопасни, а авторизацијата им е строго регулирана во рамките на ЕУ.

Невладината организација, основана во 1982 година, потсетува дека одобрението за употреба на пестициди треба да биде предмет на компаративна проценка со заменските производи и на национално ниво.

Резултатите од студијата фрлаат сенка на аспирациите на Брисел од 2020 година, според кои употребата на најопасните пестициди треба да се преполови до 2030 година.

„Ако нема силни мерки, не гледаме како оваа цел може да се постигне“, вели Саломе Ројнел од ПАН (Pesticide Action Network) за АФП, потсетувајќи дека на Комисијата е да ги потсети и да ги „повика на ред“ земјите кои „не успеале да ги реализираат поставените цели“.

Претставниците на организацијата сметаат дека некои авторизирани  производи треба да бидат апсолутно ограничени, вклучувајќи го и тебуконазолот, токсичен фунгицид кој влијае на репродуктивните органи.

Негови траги се пронајдени на цреши произведени во 2019 година и во Шпанија.

Наменети да ги уништат живите организми кои се сметаат за штетни, пестицидите, исто така, веројатно ќе влијаат на човековото здравје, зголемувајќи го ризикот од развој на проблеми со плодноста и беше откриено дека предизвикуваат некои болести, како што се ракот или Паркинсоновата болест, велат од ПАН Европа.

Експертскиот извештај од Францускиот институт за здравствени и медицински истражувања (Inserm) од 2021 година заклучи дека постои „силна претпоставка за поврзаноста помеѓу развојот на одредени видови на рак (леукемија, тумори на средниот нервен систем) и изложеноста на бремените жени и деца на пестициди“.

Студијата на PAN Europe покажува дека во 2019 година половина од примероците од цреши биле контаминирани со траги од пестициди, во споредба со 22 отсто во 2011 година.

Што се однесува до јаболката, најпроизведуваното овошје на континентот, повеќе од една третина или 34 отсто од примероците во 2019 година биле контаминирани со траги од пестициди во споредба со 16 отсто во 2011 година.

Деветгодишното истражување на невладината организација покажало дека меѓу најзагадените овошја се капините (51 отсто од примероците), праските (45 отсто), јагодите (38 отсто), црешите (35 отсто) и кајсиите (35 отсто), пишува theguardian.com.

Во случај на зеленчук, контаминацијата е помала бидејќи тие се помалку подложни на инсекти и болести.