Наточете ми литар масло! Најдовме здрава алтернатива за скапиот обичен и сомнителниот маслинов зејтин

1.445

Неодамна во хрватските портали се појави истражување на релативно евтините ладно цедени маслинови масла во нивните маркети со кое беше утврдено дека од 30, само 3 го оправдуваат името и квалитетот. Веројатно не се ништо подобри ни оние кај нас. Зошто упорно купуваме сомнителни маслинови и прескапи индустриски масла кога имаме здрава алтернатива, и тоа на точење: стариот добар шарлаган

Пред околу еден месец на хрватскиот портал „Јутарњи“ се појави текст насловен како: „Евтиното маслиново масло од нашите супермаркети во принцип, не вреди ништо!“

Станува збор за големо истражување во чии рамки биле анализирани и испробани 30 екстра девствени маслинови масла во хрватските маркети, од кои само 3 го оправдуваат своето име и квалитетот. а останатите, иако не се штетни за здравјето, немаат никакви здравствени придобивки.

Додека секаде во светот и кај нас се соочуваме со недостиг и покачени цени на рафинираното масло за јадење, си мислев дека е мудар и здрав мојот избор отсега да трошам исклучиво маслиново масло кое во маркетите се наоѓа по навистина ниски цени како за ладно цедено маслиново и сега веќе не толку поскапо од рафинираното сончогледово масло. Знаев дека за таа цена сигурно не станува збор за висококвалитетно ладно цедено маслиново масло, ама од друга страна не знаев што точно значи понизок квалитет. Односно, сѐ додека не го видов ова истражување не знаев дека маслиновите масла кои се продаваат евтино и ги сметаме за масла со понизок квалитет, не се ништо поздрави од најобичното рафинирано сончогледово масло, какво што трошат најголем број од луѓето. Зошто тогаш да ги купуваме и да ги плаќаме барем двојно?

Истражувањето и анализата на квалитетот на маслиновите масла за јадење што се продаваат во малопродажните синџири низ Хрватска со етикета на екстра девствено масло не се спроведува за прв пат, велат во Јутарњи.

„Неколку пати е констатирано дека етикетата не соодветствува со содржината, но ова е веројатно првпат, покрај сензорна, да се направи и детална, научно заснована физичко-хемиска анализа во лабораториски услови.

Од добиените резултати, за жал, може само да се заклучи дека состојбата сѐ уште не е добра. И покрај претходните забелешки, таквите лоши масла сè уште ги купуваат луѓето кои сакаат здрава исхрана, а упорно се форсираат од нутриционистичките гуруа кои се залагаат за маслиново масло.

Ситуацијата е следна: ваквите масла се за јадење, не се штетни, но не придонесуваат за нашето здравје и, пред сѐ, го немаат вистинскиот квалитет на екстра девственото маслиново масло“, пишува „Јутарњи“.

А што е тоа и кој е вистинскиот квалитет што секој купувач може да го препознае во вистинското екстра девствено маслиново масло?

Тоа е горчината и пикантноста на маслото. Ако некогаш сте пробале маслинка свежо набрана од дрво или сте џвакале лист од маслинка, сте забележале дека се горчливи. Значи, маслото што се вади од таа маслинка во процесот на обработка мора да биде горчливо. Станува збор за фенолни соединенија кои се природни антиоксиданти, чувари на квалитетот и природни конзерванси. Тие го штитат маслото од оксидација. Исто така, има и испарливи компоненти, па кога ќе го отвориме маслото, до нашиот нос доаѓаат свежи и пријатни овошни мириси. Затоа што маслинката е овошје.

Заклучот на текстот е дека, денес просечниот купувач нема можност да купи екстра девствено маслиново масло со прифатлива и квалитетна цена. Всушност, го има, но повеќето не го исполнуваат овој квалитет затоа што се – лажно декларирани.

„Главниот проблем – кој читателите на ситните букви на етикетите сигурно веќе го знаат – е дека сите овие масла се од Европската унија. А тоа значи дека дури и домашните производители (се мисли на хрватските) не црпат од домашни извори, туку ги полнат шишињата со масла од Шпанија, Италија или Грција, со можеби мал дел, ако воопшто има таков, од домашните маслинови насади. Така, сите заедно, рака под рака, учествуваме во овој нечесен чин на мешање на сите форми на масло, кои се добиваат од плодот на маслинката и комињето (остатокот по преработката на маслинката во масло). И поголемиот дел од таа мешавина на масло се состои од рафинирано маслиново масло. Хрватска нема рафинерија за маслиново масло (иако има многу добри маслинки), па затоа се увезува од земјите што ги имаат.

Ова е шаблон кој кај нас (во Хрватска) функционира веќе 10 години. А во светот одамна е познато – на тоа се градат империи.

Хрватска е земја со маслиново масло и производител на маслиново масло во светот со 0,8%, а 50% е самодоволна во однос на просечната потрошувачка. Најголем дел од производството се малите семејни фарми, кои прават маслиново масло за сопствена потрошувачка и одреден вишок за продажба. Значи 95 проценти се оние на кои ова им е хоби, а 5 проценти се професионалци. Хрватска има само еден голем производител по големина, број на дрвја и тони произведени плодови, односно масло, кое може безбедно и несомнено да произведува масло со екстра девствен квалитет. Цената на нивното масло е над 100 куни (околу 15 евра) за литар и може да се најде во сите поголеми продавници. Сѐ друго се производители кои претежно преработуваат маслинки и откупуваат масло па ги мешаат и мали складишта кои имаат нешто свое масло, а повеќето го купуваат надвор од Хрватска.

Прашањето е дали клиентот навистина верува во она што е напишано на шишето со масло или само сака да верува во тоа затоа што нутриционистите го препорачуваат како здраво. Ова верување, секако, го фаворизира ниската цена на маслото надополнета со слабата куповна моќ на нашите потрошувачи. Како и неедуцираноста и непознавањето на квалитетите на производот – по малку од сѐ. Нема сомнеж дека речиси сите хрватски декларирани екстра девствени масла се навистина екстра девствени и заслужено добиваат високи оценки на меѓународни натпревари. Но, нив нема да ги најдете во супермаркетите“, пишува „Јутарњи“.

Нивниот заклучок, а тоа веројатно важи и за нас, е дека е можеби за нас подобро, ако сме сиромашни, да користиме обично рафинирано растително масло во секојдневната употреба, а понекогаш да се почестиме со маслиново масло, ама не со она лажното, туку со некое кое ќе можеме да го набавиме од вистинските докажани мали производители.

Што е наравоучението од овој текст за нас?

Со оглед на тоа што состојбата со сите евтини маслинови масла кои можатда се најдат кај нас, а за нашата платежна моќ и тие не се баш толку евтини, е слична, незнам зошто досега не се научивме да го цениме она што го имаме како наш производ.

Уште пред извесно време пишувавме за македонската компанија Био оил, на Роберт Коцев, Александар Димитриевски и Кристијан Коцев кои произведуваат ладно цедено сончогледово масло, но луѓето сѐ уште како да не го препознаваат. Иако, истото може да се купи и на точење, што пак е во согласност и со новите трендови за намалување на отпадот, а е сосема природно, без никакви додатоци и направено од македонски сончоглед.

„Нашето поднебје е природна средина за маслодајните култури кои се одгледуваат на овие простори и нормално е дека истите треба и да се користат во исхраната. Нутритивните вредности што ги има сончогледовото масло не се ништо помали во однос на маслиновото, а уште кога се работи за домашен производ, тоа е причина плус да го преферираме нашето масло во домашната исхрана. Освен тоа, сончогледовото масло има параметри кои покажуваат дека има повеќе здравствени придобивки во однос на маслиновото. Сончогледот е растение на Сонцето и нормално дека е огромна ризница на минерали и витамини корисни за човечкиот организам. Тоа значи дека нашето масло има импресивна содржина на масни киселини, вклучувајќи линолеинска, палмитинска, стеаринска и олеинска киселина. Во сончогледовото масло има и високо ниво на лецитин, токоферол, каротеноиди и разни витамини како што се витамин А, витамин Д и витамин Е, а богато е и со калциум, цинк, железо, бакар и протеини. Секако, не може да негираме дека и маслиновото масло е здраво и корисно за јадење, но само ако е природно и ладно цедено. Но мора да имаме предвид дека на нашиот пазар се појавија масла со сомнително потекло кои се декларирани како природни. Во однос на овој проблем ние гарантираме дека нашиот производ е 100% природен и ги исполнува сите критериуми за здрава храна“, тврдат двајцата партнери во Био оил.

Нивното масло кое може да се купи на точење, доколку земете 5 литри, количина за која имате бесплатна достава доколку живеете во Скопје, чини 200 денари за литар, односно, 1000 денари за 5 литри.

Ова, во споредба со индустриското масло кое сега може да се најде по цена од 156 до 163 денари, навистина не е голема разлика, особено ако се земат предвид здравствените придобивки од ладно цеденото, како и тоа дека истото може да го замени она, наводно, ладно цедено маслиново масло по пониски цени кое можеме да го најдеме во нашите маркети. Ладно цеденото сончогледово масло може да се користи и како лек за многу здравствени проблеми, од стомачни тегоби, кардиоваскуларни болести, до проблеми со холестерол.

„Ние дојдовме до заклучок дека маслиновото масло може да се замени со ладно цедено сончогледово масло за севкупна употреба во домаќинството, но сончогледовото не може да се замени со маслиново. Тоа е причината зошто домаќинствата користат сончогледово масло и тоа рафинирано за готвење, а маслиново за салати. Ние имаме намера да го смениме тоа и нашето ладно цедено сончогледово масло да биде единствено и за севкупна употреба во секое домаќинство“, велат нашите соговорници.

Тие, со години наназад го испитувале македонскиот пазар во врска со асортиманот на масло кое се нуди во малопродажба и утврдиле дека има дефицит од екстра квалитетни масла. После детални анализи на побарувачката и понудата на масла се решиле да изградат фабрика за производство на 100% природни ладно цедени масла. Иако не го дробат семето со камења кои ги влечат коњи, туку напротив, нивната фабрика е современа, со напредни технолошки решенија и ги исполнува сите критериуми за производство на храна и ХАСАП сертификат, вкусот на маслото е оригинален или што би рекле старите: како Шарлаган.