Нема зејтин, народот удри јајца на маст

Фото: Unsplash
337

Да не е тажно би било смешно, земјата која се нарекува земјоделска, со најплодна почва и најмногу сончеви денови во годината е во паника заради недостигот на зејтин. Како што расте паниката, се проширува понудата на свинска маст. А кога ќе се потсетиме на вкусот на јадењата зготвени со маст, ама и на тоа дека и свињи нема колку што имало, можеме да очекуваме наскоро и неа да ја снема

Со рускиот напад врз Украина, цената на житата и на сончогледот се драстично зголемени, а со оглед на тоа што Русија и Украина се најголеми извозници на пченица и сончоглед, страв дека нема да има доволно храна, но и дека цените ќе растат, постои во целиот свет. Кај нас луѓето се во паника уште од самиот почеток на војната, па извесен период бевме соочени со испразнетите полици за брашно, а оние за зејтин сè уште се празни. И тоа додека трае најстрогиот христијански пост во годината кога верниците постат – на вода.

Недостигот и поскапувањето на храната поради војната во Украина повторно ја стави во фокусот и темата за важноста од домашно производство на основните прехранбени производи.

Не пример, иако имаме идеални услови за одгледување на сончогледот, Македонија секоја година за купување на сурово масло плаќа огромни средства. За разлика од 80-тите години од минатиот век кога на полињата во битолско, скопско, прилепско, кумановско, Овче Поле и Пелагонија, кои своевремено биле најголеми производители на сончоглед, сончогледот бил застапен на површина од над 30.000 хектари, во изминатата деценија производството на сончоглед е речиси преполовено. Двaесетина години Македонија е увозно зависна земја, бидејќи најголем дел од потребите за производство на масло за јадење, е од увоз. Исто така и рафинираниот зејтин во големи количини доаѓаше од соседството.

Не се произведуваат доволно ниту пченица, ниту останатите житни култури кои се користат како сточна храна, па и домашното производство на месо со години се намалува, а недостигот се надополнува со увозни производи кои се често поевтини од домашните.

Деновиве многумина на социјалните мрежи советуваат наместо зејтин кој го нема, народот да се врати на готвењето со свинска маст. Ова и не е толку лоша идеја, напротив, тоа е одлична идеја, особено ако се потсетиме на вкусот на јадењата зготвени на маст, но и ако земеме предвид дека е таа, според поновите сознанија, сепак поздрава варијанта од индустрискиот зејтин. Меѓутоа, мора да бидеме свесни дека и на ова поле не сме баш за фалење. Имено, според достапните податоци, во 2007.година сме имале 255.146 свињи, а во 2022 – 164.074 што е за 91.072 помалку свињи. Африканската чума и разни други болести, скапата сточна храна, ниските откупни цени и миграцијата т.е немањето желба кај младите да се занимаваат со оваа земјоделска дејност, како впрочем и со која било друга, доведоа до вакви поразителни бројки и во свињарството.

Чисто информативно, за да има доволно свинска маст, треба да има и доволно свињи.

Ако оваа ситуација не нè натера да размислиме зошто една ваква земја која постојано се фали себеси со најплодна почва и најмногу сончеви денови во годината, најшироки пасишта и најубави планини, нема доволно за да ги задоволи потребите на своите граѓани кои баш и не се којзнае колку на број и ако набргу не смениме нешто, тогаш со нас и со нашата држава дефинитивно нешто не е во ред.

Како тоа изгледа, доволно отсликува податокот дека годишно на храна и на земјоделски производи од увоз државата троши и до 700 милиони евра, а секоја година од државната сметка се одвојуваат и по најмалку 100 милиони евра за субвенции за домашното производство. Земјоделците се едногласни дека досегашното мало производство, конкретно, на сега актуелниот сончоглед, се должи на скапото производство, ниските приноси и ниските субвенции што ги прави неконкурентни во однос на увозниот сончоглед.

Стравот од недостиг на зејтин стана оправдан, а паниката меѓу населението порасна откако директорот на фабриката „Витаминка“, во чија сопственост е и фабриката за масло за јадење „Брилијант“, призна дека и тие се во паника. „Брилијант“ е најголемата рафинерија на нерафинирано сончогледово масло за јадење, додека пак фабриката „Благој Ѓорев“ е единствената фабрика што има технологија за производство на масло од сончоглед.

И додека маката на првите е недостигот на увозно нерафинирано масло, другава мака мачи со набавка на семе.

Е сега, дали е проблемот во организацијата на државата, во субвенциите, во недостигот на земјоделска работна сила, односно, во тоа што имаме сè повеќе граѓани и сè помалку селани, сеедно, нешто е дефинитивно „гнило“ во земјава наша сончева.

Во меѓувреме, во недостиг на зејтин, луѓето удрија јајца на маст. За вкусови не се расправа, ама ова е – прсти да излижете.