Никаде не е како дома освен во Макка: Едно многу градско и винтиџ и модерно, антитурбофолкерско место

967

Со Данило Галевски зборував во неговиот втор дом – Макка бар. Велам втор дом, не само затоа што голем дел од времето Данило поминува тука, туку и затоа што таму изгледа токму така, како дома. Неговата сопруга Ана, која е архитектка, го дизајнирала просторот и го постигнала токму тоа што си го замислил Данило – сите да се чувствуваат како дома. И добредојдени се сите, од деца, млади, возрасни и уште повозрасни до домашни миленици. Само за турбофолк влезот е забранет

Данило Галевски е сопственик на Макка бар едно од оние места кои брзо ви влегуваат под кожа. Секако, ако не сте од тие што имаат мерак на турбо-фолк. Зашто овде тоа нема и „има да нема“.

„Додека сум јас тука, овде нема шанси да се слушне турбо-фолк“, ветува Данило кој тврди дека иако многу луѓе, за жал, вклучувајќи ги и помладите генерации, се далдисани по турбо-фолк, уште има места како неговото кои нема да дозволат турбо-фолкот да метастазира секаде низ градов.

„Турбо-фолкот не е проблем од сега, ама најмногу се чудам како успеа да ги навлече помладите генерации на кои тој јазик воопшто не им е близок, за разлика од нам, генерациите кои сме родени во СФРЈ па дури и учевме српски. Јас кога бев дете се слушаше рок, рап, а потоа и електронска музика, а младите денес се навлечени на турбо. Фала Богу сѐ уште има луѓе кои слушаат нормална музика и кои излегуваат на вакви места како нашето, иако се во помал број од турбофолкерите. Секако, турбофолкерските места се попосетени од овие како нашето, ама се бориме и кај нас тоа го нема. Ние работиме врз база на неделна програма и нашата клиентела знае што може да очекува тука. Последниве години не се вложува воопшто во културата, па и не е чудно што е на толку ниско ниво“, искрен е нашиот домаќин додека зборуваме во неговиот втор дом, Макка бар.

Велиме втор дом не само затоа што голем дел од времето Данило го поминува тука, туку и затоа што сите што ќе влезат овде не може да не се чувствуваат како дома.

Токму тоа била и идејата на Данило, а неговата сопруга Ана, која е архитектка и го средувала просторот, го постигнала саканото. Прво, самиот мебел и теписите се како во повеќето градски домови од 80-тите години, ама како да се тукушто купени на кредит. Знаете, како што правеа на времето нашите родители. Имено, Данило сиот тој мебел кој е купен на старо, го има претапацирано, реставрирано и дотерано како тукушто да излегол од „Симпо“ или од „Треска“.

„Порано држев едно кафуле во ТЦ „Буњаковец“ во кое многу луѓе се плашеа да влезат затоа што даваше впечаток на многу скапо место. Токму тоа не сакав да ми се случи, а и самиот сум голем љубител на овој стил на винтиџ и модерно, на овој микс на современо и на ретро, па мислам дека иако е тоа можеби и најтешко да се постигне, ние успеавме да создадеме токму таков простор“, вели Данило.

Шанкерот е како психијатар

Тој е во оваа работа од 2008 година, иако немал цело време свој локал, туку извесно време работел како шанкер. И ден денес шанкот му е омилен дел од кое било место каде што ќе влезе, а оваа работа, вели, ја сака веројатно затоа што секогаш го сакал ноќниот живот и секогаш сакал да запознава и да се дружи со многу луѓе.

Вистински човек на вистинско место, нели?

„Шанкерот е како психијатар, па и јас знам кога ќе отидам некаде сам, да си седнам со шанкерот и да си правам муабет, како што правеле многу луѓе додека самиот сум работел на шанк. Задолжително некој што доаѓа сам, седнува на шанк и почнува разговор со шанкерот. А приказни има еден тон. Кој се скарал со жената, кој раскинал со девојката, а ти слушаш, па делиш совети, ги тешиш, тоа му доаѓа како дел од работата“, се смее Данило чија пасија е и проучувањето на разни карактери.

Вели дека има впечаток дека жените сѐ уште пијат помалку од мажите, можеби зашто мажите се и поиздржливи, но пијат и тие.

„Кај нас се пие доста алкохол, пијат и жени и мажи. Најпродаван пијалак е џин-тоник, но Макка е најпознат по коктелите. Имаме доста авторски коктели. На почеток имавме една коктел-мајсторка која смисли 10 авторски коктели, а потоа и фирмите што ни носат алкохол исто ни смислуваат коктели, а последниве години е тренд и секој шанкер да си смислува свој коктел по кој ќе биде препознатлив, како што сме и ние препознатливи како место за коктели“, вели тој.

А бидејќи ниеден бар или кафуле не може да функционира без пиво, секако дека тука имаат и богат избор за пивопијци, и тоа од домашни крафт пива кои полека, но сигурно го освојуваат пазарот, па до оние веќе добро познатите индустриски пива.

„Ние од индустриските пива ексклузивно држиме „Златен даб“ и тој најмногу се троши. А кога станува збор за крафт пива соработуваме со скопските пивари Пиволабс и СК091, а викендов, поточно во сабота (24.12) ќе бидеме домаќини и на Пивскиот салон што го организира Марјан Костадиновски, производител на пиво, но и сопственик на продавница за пиво и на порталот „Сакам пиво“. Јас планирав да организирам и еден Божиќен базар со тезги на кои ќе има и пијалаци, пиво и греено вино и храна, колачи, облека и сѐ што вообичаено има на ваквите предновогодишни настани во европските градови, а сакав тоа да го направам баш со тие мали производители на пијалаци и на храна, како што се членовите на „Слоу фуд“, но немаше доволно време, а бев зафатен и со други работи, со организирање корпоративни забави, детски работилници, претстави („ПОД.ГОТВЕНО“, тоа се оние интерактивни претстави во кои актерите готват и ѝ послужуваат храна на публиката составена од 20-тина луѓе, а за кои ќе имаме посебен текст наскоро. н.з.)…“, раскажува Данило кој сепак нема да се откаже од таа идеја да направи убав спој на домашна храна и пијалаци на едно место-на терасата на Макка бар, некаде на пролет, кога е таму и најубаво за дружбите на отворено.

Повремено имаат соработка и со луѓе кои имаат мобилни фаст-фуд сендвичари, па дури се случило и да печат колбаси на скара за некои специјални пригоди кога луѓето сакаат да им се најде и некое мезе.

И kids friendly и pets friendly

За оние со мали деца се интересни и споменатите детски работилници кои обично се организираат со 20 дечиња. На пример, децата учат како да изработуваат мали пињати за роденденски забави или за Нова година, честитки и слично.

Земајќи ги предвид сите настани кои се организираат тука, очигледно е дека во овој скопски локал се чувствуваат како дома буквално сите, од деца, родители, возрасни и повозрасни, до домашните миленици за кои влезот е слободен, а домаќин им е бушавиот Бањо.

А по ѕидовите, како музејски експонати ќе видите многу стари телефони, грамофони, фотоапарати, радиа и што уште не. А Данило, ако мислите дека е тоа некој од оние кафеански типчиња кои знаат само шанк-муабети и која пијачка е најдобра во лето, а која во зима, се лажете, човекот е мајстор за сѐ или поточно кажано – „Сам свој мајстор“.

„Голем дел од предметите кои се тука се купени од пазар за стари предмети во Германија, некои сум ги довлечкал од дома, некои од пријатели, а голем дел од нив ги имам реставрирано сам, столици, масички, кречење (ова, како и нашиот убав ѕид на терасата го правевме заедно со вајарот Горазд Христов), скоро сѐ е мое. Првично почнав да ги правам работите сам за да заштедам на трошоци, а после ми стана пасија и сега сѐ што можам да сработам сам, правам сам и не викам мајстори. Мора да признаам дека поради таа моја пасија за купување и реставрирање на винтиџ предмети, го преполнив станот, па морав дел да однесам и кај моите дома. Мислам, жена ми ја разбира таа моја страст, ама бидејќи претерувам, мораме да наоѓаме компромис“, се смее Данило.

Во меѓувреме, бидејќи е само обично претпладне во работен ден, нема многу луѓе. Внатре две жени си пијат кафенце и си муабетат, а во предниот дел седат Данило и неговиот пријател кој пристигна со своите две миленичиња. Ним, како вистински домаќин, миленикот на Данило и на Ана, бушавиот Бањо, им приреди едно големо и среќно добредојде со мала културна брканица низ „дневната соба“.