Новогодишни, здрави, посни и вкусни: Ароматични празнични колачи

Фото: Pexels
251

И ако постите или имате здравствени проблеми па мора да внимавате на исхраната, сепак можете да си дозволите вакви празнични колачи кои се и здрави и посни и вкусни и ќе ви го исполнат домот со прекрасни миризби.

Можеби некому му звучи неверојатно, ама не е. Секогаш постојат поздрави варијанти за секое јадење, па на оние кои се вегани, постат или од некои причини мора да се придржуваат кон некој режим на исхрана кои секако не дозволува колачи, им го нудиме овој рецепт за вегански новогодишни кекси со ароматични зачини. И не мора да сте ништо од сето ова. Едноставно, за сите е подобро да одберат некоја поздрава варијанта за себе и за своето семејство, а сепак да им мириса на Нова година и Божиќ.

Еве го рецептот кој го најдовме а звучи токму така – и здраво и вкусно и миризливо.

Состојки:

1 шолја непечени бадеми

1-1,5 шолја брашно од хељда

20-25 свежи урми

½ шолја кокосово масло

2 лажички мелен ѓумбир

2 лажички мелен цимет

1 лажичка мелени каранфилчиња

½ лажичка сода бикарбона

Приготвување:

Смелете ги бадемите и измешајте ги во еден сад со брашното од хељда и со содата. Урмите, маслото и зачините измешајте ги во блендер, соединете ги двете смеси и замесете тесто.

Расукајте го тестото со сукало, до дебелина од 1/2 цм, вадете со модли и ставајте ги врз хартија за печење. Печете во загреана рерна на 150°C околу 10-20 минути во зависност од дебелината на кексите. Можете да ги украсите со бадеми, глазура од шеќер и лимон (како не толку здрава, но декоративна варијанта) или со прелив од црно стопено црно чоколадо.