Добивањето позиција во светот на виното и во патријархален контекст е потешко за жените отколку за мажите, но во никој случај не е невозможно. А вистински пример за ова е нашата соговорничка Ивана Симјановска
Жената која создаде име и направи големи промени на македонската винска сцена, но беше и прв претставник од Македонија, односно, прв македонски судија што се појавил на светскиот вински натпревар Concours Mondial de Bruxelles во 2013.година, се вика Ивана Симјановска.
Иако не потекнува од винарско семејство, не е винарка, ниту енолог, туку има сосема поинаков бекграунд, токму таа денес може да се пофали со три вински водичи, голем број текстови на тема – вино, со богато искуство и како познавач, дегустатор и вински судија и секојдневно придонесува за промоција на македонските вина и винарии.
Иако сè уште постојат предрасуди, таа смета дека жените не само што ја освоија таа машка винска тврдина и навлегоа во сите пори на винскиот свет, туку и дека се рамноправни учесници во него, во сооднос од 50/50.
И навистина, сведоци сме дека кај нас има сè повеќе жени во винскиот свет, но тоа се главно наследнички на семејниот бизнис, винарки и енолози кои се грижат за квалитетот на виното, состојбата во подрумот, ја водат работата, маркетиншките активности и со својата работа и со виното освојуваат нова публика и отвораат нови пазари. Но кај нашата соговорничка љубовта кон виното не е наследена, таа не го поминала детството трчајќи низ виногради, напротив, иако ја добива поддршката од семејството, признава дека нејзините родители не биле воодушевени од нејзиното влегување во светот на виното, а сепак е една од оние жени кои успеаја да го освојат светот во кој досега главно доминираа мажите.
Повод за нашиот разговор со Ивана е промоцијата на првото македонско издание на Slow Wine Водич 2021 која се одржа во рамките на третиот вински салон во Битола Slow Wine 2021, изминатиот викенд (3 и 4 декември).
Идејата со овој водич за вино е да се поддржат и промовираат малите македонски производители на вино, а токму Ивана веќе неколку години работи како независен вински консултант за македонски вина, меѓународен вински судија, вински водич, ко-основач на скопскиот вински салон „Винодонија“ и страстен поддржувач на концептот на Slow Wine во земјата и ширум светот. Таа е и коавтор на првиот македонски вински водич, кој го издала во 2011 година и на вториот македонски вински водич кој се појавил во електронско издание во 2014.година.
Ивана е меѓународен вински судија и вински критичар, иако, како што вели, не го сака зборот критичар, а својата улога ја сфаќа повеќе како охрабрувачка. Токму тоа е и она што секогаш го прави, ги дава своите забелешки, сугестии и впечатоци за вината, а винарите ги почитуваат и ги прифаќаат затоа што чувствуваат дека и таа како нив, е пред сè, голем вљубеник во виното.
По образование е професорка по англиски и италијански јазик, но никогаш не работела по струка.
„Во винскиот свет влегов пред 14 години кога со колегите од работа оформивме вински клуб и почнавме да организираме еднаш месечно дегустации со фокус на малите винарии, по некое време се вљубов во виното и спонтано и неочекувано, влегов во светот на виното.
Ги запознавав македонските винарии, одев кај нив, ги дегустирав вината, и на предлог од мојот колега-странец, го напишавме првиот македонски вински водич. Во тој период се оформи првиот балкански вински фестивал и натпревар во Софија, во Бугарија и добив покана од нив да учествувам како судија.
Тогаш се случи тој пресврт во мојот живот. Се најдов во друштво на многу „мастер оф вајн“, имаше дегустатори од цел свет, па јас се чувствував малку изгубена и се прашував што барам тука. Потоа претседателот на жирито ми кажа дека имам добар нос и вкус и дека треба да работам на тоа, но дека сум одличен дегустатор. И тогаш почна сè“, раскажува Ивана.
Во 2016.година почнала да работи како продажен менаџер за италијанска винарија, па живеела малку таму, малку во Македонија. Винаријата се наоѓала во регионот Емилија Ромања и за тој период од нешто повеќе од една година имала можност да посети многу фестивали во Италија, во Европа, а бидејќи сопствениците биле од Израел, ги продавале вината и во Тел Авив.
Бидејќи живеела со семејството кое освен лозови насади и винарија, имало и фарма за животни, па правеле и храна, ова за неа било интересно и поинакво искуство. Но најфасцинантно од сè ѝ било тоа како овие мали производители, од работна униформа и калливи гумени чизми знаат да се трансформираат, да се дотераат и да одат на некој саем за да го претстават и да го продадат своето вино.
„Ми беше интересно да видам како е од онаа страна, па сакав да се запознаам со процесот на производство на вино одблизу, односно, да искусам и берба во лозје со калливи чизми, па чекате ферментации, зреења, а тоа не е само период на чекање, туку и на грижа и посветеност, па флаширате, па пак чекате, а потоа се дотерувате и одите на вински салон во Болоња, во Милано, или каде и да е во светот. Тој процес е особено присутен кај малите винарии, кои учествуваат во целиот процес и на крајот одат на саем и да го продадат тоа што го направиле и токму тој дел ми е најфасцинантен“, опишува Ивана која вели дека оттогаш уште повеќе ја почитува работата на винарите.
„За малите винарии е интересно тоа што многу сакаат да слушнат мислење, не е битно дали е тоа мое мислење или мислење од некој друг вински критичар или енолог, сакаат да слушнат и немаат проблем ако ги искритикуваш малку. Прифаќаат друго мислење, се дружат, разменуваат мислења, а тоа е многу добро. Интересно е и тоа што см забележала дека кај малите производители на вино, обично сопругите се тие што ги туркаат мажите за некои работи кои тие можеби никогаш не би се одлучиле да ги направат. На пример, во делот на маркетингот, брендирањето, до тоа како се комуницира со гостите, па некако ми звучи оправдана онаа позната изрека дека е мажот главата, а жената – шијата“, се смее Ивана.
Ивана досега дегустирала многу вина, но никогаш не се напила, напротив, вели дека досега никогаш не видела пијан дегустатор бидејќи виното главно се дегустира со плукање, а кога го ужива, тогаш си ја знае мерката.
„Имам дегустирано повеќе скапи етикети на вино, а многу често во друштво на енолозите што ги имаат направено, што ми причинува огромно задоволство, бидејќи поубаво е кога може да ги слушнете приказните за виното од неговиот настанок во самото лозје, па сè до моментот кога тоа излегува на пазарот.
Најстарото вино што го имам дегустирано е Kopke Colheita Portugal од 1940 година, со цени што одат до 600 евра од шише. Во последно време ми се интересни унгарските вина, сè уште ми се фасцинантни белите грчки вина, португалските, но слабост ми се малите винарии кои имаат уникатна приказна и повеќе експериментираат. Големите винарии се важни зашто го одржуваат винскиот сектор со своите големи количини, но малите винарии се оние кои со своето експериментирање знаат да направат вистински бум. Интересно за овие винарии е тоа што ја менуваат перцепцијата за една винска сорта која е толку потценета како на пример смедеревката или запоставени како станушината. Луѓето треба да разберат дека има вино за секаква пригода и дека перцепцијата за овие потценети сорти треба да се смени. Малите винарии тоа одлично го прават“, вели Ивана.
Во меѓувреме, нејзиното мислење го бараат и рестораните и винарите и пријателите и семејството. Ивана составува вински листи, прави спарување на вина со храна во соработка со македонските шефови и се радува за тоа како изгледа денес винската сцена во Македонија.
„За почеток задоволна сум со винскиот водич како првенче на слоу фуд, а се надевам дека следните години тој ќе се надградува со повеќе винарии, кои работат во согласност со филозофијата на слоу фуд.
Пред 14 години кога почнував многу винари си седеа во своите винарии и мислеа дека го прават најдоброто вино на свет. Но за да дознаете каде сте навистина во овој свет, треба да излезете од својата винарија, да шетате, да се дружите, да споредувате, да разменувате мислења и искуства.
Македонскиот вински туризам во земјава бележи сè поголем развој од една единствена причина – за да станете препознатлива винска земја, недоволно е да продавате само добро вино, туку треба да ја прераскажете и приказната за виното, за земјата, луѓето, природата. Овие концепти се тесно поврзани еден со друг и водат кон едно целокупно заокружување на она што значи градење вински идентитет во светски рамки“, порачува нашата соговорничка.