Од Зоки Џубокс до Мистер Кофи

1.781

„Никогаш не сум мислел дека ќе водам кофи-шоп, ама еве, после толку години веќе се истрошив, а бидејќи не сум тип кој ќе се пензионира и ќе почне да готви по дома или да оди по риба, за мене е ова одлична опција. Наместо по цели ноќи како порано, сега сум тука од 9 до 3“, вели Зоран Блажевски, алијас Зоки Малиот за својот нов ангажман – Mr.Coffee

Речиси сите го знаат како Зоки Малиот или најчесто, како Зоки Џубокс, а некои сѐ уште го довикуваат со Зоки Поки. По години поминати како сопственик на кафулиња и ноќни клубови во Скопје, Зоки Малиот од пред неколку месеци е конечно во „пензија“. Не, не е класична пензија, не готви по дома и не оди по риба, туку конечно се скраси во кафетерија и наместо по цели ноќи, работи само од 9 до 3

Скопјанецот Зоран Блажевски е познат скопски угостител со кој се поврзани најпознатите локали во градот кои беа собиралишта на актери, музичари, уметници и кој, освен во угостителскиот бизнис, се пробал и како актер, а опеан е и во песна на Владо Јаневски. Тој многупати гостувал и по телевизии раскажувајќи за животот во Скопје некогаш. Нашиот соговорник потекнува од стара скопска фамилија и е прв во семејството кој се занимавал со угостителство. Но не и последен. Неговата ќерка на која токму тој ѝ помогнал да започне со работата, сега има локал во кој се прават најдобрите крофни во градот.

„Никогаш не сум мислел дека ќе водам кофи-шоп, ама еве, после толку години, веќе се истрошив, а бидејќи не сум тип кој ќе се пензионира и ќе почне да готви по дома или да оди по риба, за мене е ова одлична опција. Наместо по цели ноќи како порано, сега сум тука од 9 до 3. Шоте (Саша Шотаровски) ме викна да го видам локалот во кој намислил да се отвори кафетерија, јас дојдов, видов дека има одличен поглед, дека има паркинг, сончева тераса и знаев дека ова мало просторче одлично ќе функционира“, вели Зоки.

Во кафетеријата „Mr. Coffee“ (Мистер Кофи) која е лоцирана во ТЦ „Алуминка“ и чие лого е направено таман за да биде слично на Зоки, со очила и мустаќи, се прави одлично кафе во кое навистина ќе уживате само ако имате трпение малку да почекате.

Станува збор за тоа што откако ќе го нарачате, кафето ви го мелат на лице место и потоа го спремаат. Познавачите на кафе знаат дека кафето е најдобро кога е тазе мелено, па од тој принцип тргнале и тие.

„Станува збор за преубаво кафе кое го подготвуваме на посебен начин. Прво се мерат 10 грама кафе, се става во машина за мелење, во преса, па во кафемат и се прави. Станува збор за одличен состав на кафе, а вистинските љубители знаат за добро кафе да одат и подалеку. Моите родители порано велеа дека за добро кебапче и до Велес оделе порано, па така и сега кај нас на кафе доаѓаат и луѓе од Сопиште и не им е тешко бидејќи знаат дека ќе се напијат добро кафе, ќе си го испијат на раат и во добро друштво. Мене ми е мило што тука доаѓа една генерација на луѓе со кои сакам да се гледам и да се дружам, а сега барем знаат каде можат да ме најдат“, се смее Зоки.

Кафетеријата сега има неколку маси и столчиња на сончевата тераса затоа што многу од луѓето што доаѓаат сакаат да си го пијат кафето седејќи, но во зима ќе функционира само со кафе за носење.

„„Гледам дека ми недостасувало да имам обврска. А што да правам дома, да плетам ли, што да правам? Многу мажи кога ќе се пензионираат се трансформираат во готвачи, па уште и се фалат дека уживаат да готват. Лажат! Некои играат шах, некои чуваат гулаби, играат тенис, јас си го задржав своето и ова ме релаксира, нема голем ангажман како на времето во МЦМ и Џубокс, па ми е песна. А и добар спој сме со Шоте“, вели тој.

Инаку, Зоки е во угостителскиот бизнис многу долго, од далечната 1986.година кога го отворил првото кафуле во скопската чаршија – „Рандеву“, откако стекнал искуство работејќи со години на шанк на грчкиот остров Миконос. Патем, во тој период научил грчки, па ова подоцна било причина да го повикаат да го глуми Гркот во серијата „Преспав“.

„Таму ми беше првото школо и научив многу работи што ми беше база за еден почеток во Скопје. Во 1986. година го отворив моето прво кафуле „Рандеву“ во турската чаршија. Тоа беше времето на Анте Марковиќ кога градот беше весел. Кафулето беше едно од ретките кои беа средени така. Имав и една режисерска столица која одлично се вклопи во целиот амбиент особено со оглед на тоа што таму Унковски им држеше час на своите ученици и им даваше потписи. Се слушаа „Џипси кинг“ кои тогаш беа модерни и Медитеранот влезе во чаршијата. Покрај „Рандеву“ тогаш проработеа и улички кои никогаш претходно не работеле и дури не беа ни осветлени. Тоа беше стартот на моето угостителско работење и сѐ што следуваше потоа беше вистински погодок, бидејќи едноставно имам чувство за локациите, знам дали ќе функционираат или не и досега не сум промашил, ниту ентериерно, ниту екстериерно“, раскажува нашиот соговорник.

Угостителската работа Зоки ја продолжил .во МЦМ каде што доаѓале сите ѕвезди од македонската, балканската, па и светската сцена, а тој го продолжил имиџот со жива музика во сите објекти  што ги водел.

„Се сеќавам дека еден период бендовите што доаѓаа на скопскиот џез-фестивал беа чести гости и во МЦМ. Немаше вечер да нема свирка, имаше многу познати музичари и неверојатни гости. Таму за првпат во Македонија направив машки стриптиз, и тоа баш во среда, која беше позната како спортска среда, па додека мажите дома следеа спортски натпревари, ние направивме забава за жените. Го донесовме Зоран Остојиќ, кој беше професионалец кој настапувал во разни европски градови и тие вечери беа женски вечери, а се случуваа двапати во месецот. Доаѓаа организирано жени со автобуси дури и од другите градови. Подоцна ни го забранија и ме обвинија дека ширам машка проституција, а Остојиќ најгрубо го избркаа од државата и го депортираа на граница.

После МЦМ каде што бевме 10 години, на иницијатива на Јовица Михајловски, се префрливме во Центар, во просторот каде што претходно беше „Флок“. Ние го крстивме Џубокс. Таму приказната траеше кратко зашто со денационализација им ја вратија куќата каде што беше Џубокс на сопствениците и ние моравме да бараме друг простор. Така се „вселивме“ во стариот простор на „Матиник“. Тука останав цели 18 години. Продолживме со живи свирки, со џез вечери, стендапи, претстави… Замре малку кога се донесе закон за забрана на пушењето и кога се скрати работното време, но ние се регистриравме како кабаре и продолживме да работиме до сабајле. Меѓутоа, јас веќе се истрошив. Јовица си замина пред мене, а јас не можев да најдам заеднички јазик со сопственикот на просторот и решив да се повлечам“, вели оваа скопска легенда со која сега можете да го испиете најубавото кафе во градот, на мир, преку ден, на сончевата страна од улицата (мислам на „Партизанска“).