Во конкуренција од 144 мостри од вина и ракии, прилепчанецот Гоце Станоески освои прво место за најдобра ракија и ги победи и кавадарчани и неготинчани, но џентлменски изјави дека учел од нив
Помеѓу рекордни 144 мостри од вина и ракии кои пристигнаа на натпреварот во Неготино што го организираше Општината во рамки на Неделата на вино, наградата за најдобра ракија ја освои прилепчанецот Гоце Станоески, сопственик на семејната винарија „Сарика“ во Прилеп.
Гоце кој по професија е воено лице, вработен во АРМ и овојпат покажа дека, неодамна, сосема оправдано во интервјуто за нашиот портал го нарековме офицер, џентлмен и винар. Тој како вистински џентлмен, на забелешката дека ги победил и неготинчани и кавадарчани и тоа на нивни терен, рече дека тој само ги следел нивните совети и упатства и дека тие му помогнале да направи победничка ракија. Навистина џентлменски, нели?
Инаку, мострите се од вина и ракии на натпреварот беа од реколтата 2021.година. Притоа, 57 беа во категоријата црвени вина, 48 во категоријата бели вина, додека 39 мостри беа во категоријата ракии.
Наградите на најуспешните производители им беа врачени вчера (14-ти февруари), на празникот Свети Трифун.