Расте како плевел, а здрав е како риба, ореви, грав и салата

681

Можеби и вие се чудите што чудо е ова што постојано ви никнува по саксиите и во градините без да го садите, па постојано го корнете, а тоа сѐ повеќе расте. И ние го правевме истото сѐ додека не откривме дека е одличен актиоксидант, лекува холестерол и висок крвен притисок

Ова растение расте кај што не го садите и веројатно повеќето од вас го сметаат за бескорисен плевел. Веројатно го корнете кога ќе го здогледате како неповикано, односно, незасадено, повторно ви никнало некаде низ дворот или во некоја саксија што сте ја намениле за некое друго растение. И ние го правевме истото или, во најдобар случај, го остававме да си расте по саксиите кога не сме дома подолго време па и онака нема кој да ни ги наводнува веќе познатите корисни билки како босилек, копар, жалфија и нане. Сѐ додека не сфативме дека станува збор за корисна билка која, велат, е поздрава од многу други кои ни се познати одамна. Станува збор за толчник (Portulaca oleracea), едногодишно тревно растение од семејството Portulacaceae кое го нарекуваат и туња, тушац, тушњак, трева и ледена трева.

Откако дознавме дека толчникот е богат со омега-3 масни киселини, соединенија кои главно се наоѓаат во рибините масла, а ги јакнат имунолошкиот и кардиоваскуларниот систем, почнавме да го додаваме во салатите. Всушност, за јадење се користи целиот надземен дел – сиров или варен. Младите лисја имаат благ, кисело солен и ароматичен вкус, па затоа се користат во исхраната како салата. Постарите лисја се готват во чорби.

повеќето луѓе не знаат дека е фантастичен антиоксидант и дека ја подобрува циркулацијата и спречува создавање на тромбови. Богат е со антиоксиданти кои штитат од рак и од штетното дејство на слободните радикали, а го забавува и стареењето. Толчникот може да помогне во регулирање на нивото на холестерол во крвта.

Бидејќи ја релаксира мазната мускулатура, делува и врз намалување на крвниот притисок. Слузта од оваа билка ги смирува инфекциите и воспаленијата во цревата, како и инфекциите во уринарниот тракт. Се препорачува против киселини, гастритис, но и кај опстипација.

Има и противвоспалителни својства, па екстрактот од суви листови и стебленца делува противвоспалително и како средство против болки. Однадвор може да се користи за лекување на грчеви во мускули. Во исхраната се користат млади сочни листови и млади гранчиња со должина од три до пет центиметри. Набраните гранчиња треба да се одвојат од тврдите стебленца и ливчињата да се додаваат во салати, супи, варива или дури и во тесто за палачинки. Се варат најдолго до 15 минути и притоа ослободува слуз која малку ги згуснува супите и им дава кремаст изглед. Досега сме ги пробале само свежи, како додаток во салата од варени компири.