Ратко Захариевски: производител на зачин поскап и од кокаин

925

Оваа година во мај нашиот прв производител на шафран, Ратко Захариевски од Македонска Каменица има листа од 10 земјоделци заинтересирани да откупат од него луковици и да ги засадат своите ниви со овој скапоцен зачин

„Кај нас не се знаеше за шафран до неодамна и дури сега го впишаа како земјоделска култура. Јас веќе четврта годин се занимавам со производство на шафран,  а идејата беше на моите ќерки. Двете се мажени, едната живее во Бугарија, а другата во Швајцарија и токму тие и ги нарачаа моите први луковици од Холандија“, ја почнува својата инспиративна приказна Ратко Захариевски, кој е и првиот македонски производител на шафран.

Тој вели дека шафранот е едноставен за одгледување и доколку е почвата поволна за него, нема никакви проблеми.

„Луковиците ги набавив од Холандија, некаде околу 30 илјади парчиња за кои платив 6.000 евра. Некаде отприлика за еден декар површина е потребно околу 10 илјади луковици, кои, потоа се множат. Шафранот се сади на 15 август, а бербата кој трае 25 дена, почнува на 1 ноември. Ние ангажираме 10 работници дневно зашто токму бербата е она што е најтешко во целиот процес“, објаснува нашиот соговорник.

Годинава во мај Захариевски има листа од 10 земјоделци заинтересирани да откупат од него луковици и да ги засадат и тие своите ниви со овој скапоцен зачин.

Вели дека уште првата година имал род, а шафранот не бара никаков друг ангажман освен што треба многу внимателно да се бере.

Според Захариевски, околу производството на шафран нема многу работа бидејќи тоа е култура која одлично се адаптира на сите температури, а не треба ниту да се ѓубри.


„Го береме рачно и внимателно за да не се оштетат прашниците и цветовите, потоа ги ставаме во плетени кошници или во дрвени гајби, кои го носиме дома, ги ставаме на маса и полека го истресуваме правот од прашниците. Секој цвет шафран се состои од толчник и три прашници. Во текот на сезоната од секоја луковица растат од два до девет цветови, кои имаат сина или виолетова боја, а секој цвет пак е составен од 3 црвени толчници кои се долги околу триесетина милиметри. За еден грам се потребни некаде околу 150 цветови, додека за еден килограм зачин шафран се потребни и до 200 илјади цветови. Килограм шафран се продава за 18-20 илјади евра, а јас го продавам главно во Швајцарија. Кај нас се случува да го купуваат ам на грамови. Па така 1 грам шафран чини 15 евра“, објаснува нашиот соговорник.

Захариевски вели дека после 8 години, треба да се смени нивата каде што расте шафранот и тој да се премести на друга нива.

„Незнам зошто, но после 8 години советуваат да се смени парцелата, а на место на шафранот можете да засадите било што друго. Луковиците тогаш се пресадуваат на друга нива кој се заорува и се израмнува како за садење пченка, а садењето се врши рачно“, вели тој.

Откако почнале да се занимаваат со производство на шафран, семејството Захариевски почнуваат и да го консумираат секојдневно, го ставаат во храна како зачин, но и во ракија и чај.

На прашањето каков е вкусот на ракијаа со шафран вели:

„Вкусот е рајски. Каков може да е вкусот на литар ракија кога во него ќе ставите 1 грам шафрн кој чини 15 евра“, се смее Захариевски.

А дека овој шафран кој е поскап и од кокаинот навистина вреди, зборува и тоа што тој отсекогаш имал неодолива и магична моќ. Станува збор за растение во кое се капела и Клеопатра за да си ја зачува убавината, а Александар Македонски го користел за залечување на раните. Многу Иранци веруваат дека во својата чиста форма шафранот делува како антиоксидант, дека ја ублажува депресијата, дека е лек за Алцхајмерова болест, рак и го чува здравјето на очите.

Во светот се произведуваат 225 метрички тони од овој зачин годишно, а само во Иран повеќе од четири петтини. Затоа тие го употребуваат шафранот насекаде – во чорби, ќебапи, јадења од зеленчук, десерти.

Често се вели дека шафранот се плаќа со иста тежина во злато, бидејќи многу тешко се бере.

Овој скапоцен прав предизвикувал и трговски војна полни со измами својствени за трговијата со скапоцени камења или дрога: евтини замени, разблажни пакувања, лажни декларации. Вистинска битка се води за иднината на „кулинарското злато“.

Меѓутоа, се смета дека луѓето кои користат лажен зачин не го знаат суштинскиот вкус и мирис на вистинскиот шафран. Експертите сметаат дека ваков исклучителен производ треба да остане автентичен и чист наместо да се бои или да му се додава пченкарна свила како што прават некаде.

За Иранците постои само еден шафран кој се произведува во Иран, но производство на шафран постои и во Франција, Шпанија, Грција, Косово, Австрија и се разбира, кај нас.

Иранците се убедени дека благодарение на специфичната комбинација на составот на почвата, топографијата, климата и водата, шафранот одгледуван во областа Корасан, во североисточен Иран, е навистина единствен!

Во 2008 година, тројца разбојници со автоматски пушки упаднале во семејната куќа на Ферешт Фахра, најпознатиот производител на овој магичен прав во Техеран, надевајќи се дека ќе украдат залихи. Госпоѓа Тјерселен била ранета, но шафранот останал во сефот!

„Шафранот е многу поскап од кокаинот, затоа престанавме да зборуваме за него“, рекла г-ѓа Тјерселен.

Лековити својства на шафранот

Шафранот е растение кое е полно со активни растителни соединенија и затоа се користи за медицински цели. Еве неколку лековити својства на ова посебно растение:

Помага во ублажување на симптомите на депресија

Ја подобрува меморијата и концентрацијата

Го зголемува либидото

Ги намалува симптомите на ПМС

Добро е за здравјето на очите

Има потенцијал да ублажи голем број здравствени заболувања, вклучувајќи рак, кардиоваскуларни болести, депресија и Алцхајмерова болест.