Рецепти на азербејџанско семејство го освоија јутјуб светот

Фото: Фејсбук
565

Во зафрлените предели на Азербејџан живее семејство кое благодарение на своите рецепти може да се пофали со статус на Интернет ѕвезди

Во руралниот Азербејџан, подготовката на храна на свеж воздух не е ништо ново: готвењето на отворен оган во оваа област се користи уште од памтивек. Оваа традиција локалното население ја одржува жива и денес, а нејзини најпознати претставници секако се Азиза Рамиханова и нејзиниот син Амираслан. Тие живеат во село во подножјето на Кавказ, каде владеат свеж воздух и недопрена природа, далеку од метежот и вревата на азербејџанските градови.

Јадењата на Азиза се неизбежен дел од секоја селска свадба, додека Амираслан по професија е професионален готвач. Пандемијата го принудила да се врати во татковината, но љубовта кон готвењето никогаш не го оставил зад себе. Тие решиле да ги споделат своите рецепти кои дефинитивно отвораат апетит, со остатокот од светот преку каналот Youtube, а со тоа привлекоа милиони гледачи кои верно ги следат нивните видеа и црпат инспирација за следниот оброк.

Рурален начин на живот

Дуото е дел од тесно поврзана заедница, па често им се придружуваат во видеата и други членови на семејството. Нивниот начин на живот можеби ни изгледа далечен, но неговата привлечност е несомнена. Освен љубовта кон добрата храна, ова семејство го поврзува и тешка работа.

Денот започнува со рано будење проследено со работа во градината и обиколка на кокошките и кравите. Тие го извлекуваат најдоброто од селската средина и собираат свежи билки и зеленчук кои подоцна ги користат за подготовка на оброци собрани околу огнот, а сè прават со насмевка на лицето.

Рецепт за стек со зеленчук

Едно од најпопуларните видеа од нивниот канал на Youtube го прикажува процесот на подготовка на стек со зеленчук. Ова симпатично семејство останало верно на обичаите, па се придржува до традиционалниот начин на подготовка со помош на посебен вид тава наречена сај. Овие области некогаш биле населени со претежно номадски народи, па смислиле паметен начин како полесно да се подготват вкусни јадења без премногу опрема.

Сај е од железо и има малку вдлабна форма, а во зависност од страната на која е свртен во него може да се приготвува месо и зеленчук или леб, палачинки и слични јадења. Ќе забележите дека користат маслиново масло и обилно количество зачини за да го истакнат и подобрат вкусот на квалитетните парчиња месо, но и вкусниот, домашен зеленчук како модар патлиџан, морков, компир, домати и пиперки.

За добриот вкус нема сомнеж: тоа може да го потврди бројот на обожаватели на нивните рецепти, а освен тоа, сликата вреди илјада зборови, па проценете сами врз основа на примамливите глетки.