Вкусот на вистинскиот сладолед, оној од млеко, јајца и путер, речиси го заборавивме, сѐ додека случајно, барајќи го во стариот тефтер со рецепти стариот добар рецепт за тесто за пица, не го најдовме и стариот добар рецепт за сладолед од ванила
Кога бевме мали, секое лето мајка ми ни правеше домашен сладолед. Вкусот речиси и го заборавивме, но откако сосема случајно го најдов рецептот од нејзината стара тетратка барајќи рецепт за домашно тесто за пица, сигурно ќе го направиме и ќе се потсетиме каков вкус имаше стариот добар сладолед од ванила.
Во оваа основна верзија можете да додавате сѐ што ќе посакате и ќе имате сладолед каков што заслужувате.
Состојки:
8 јајца (само жолчките, со белките направете пуслици, пардон, целувки)
1 литар млеко
2 кесички ванилин шеќер или екстракт од ванила
1 шолја шеќер (пишува 500 грама, ама знам дека мајка ми постојано намалуваше од шеќер, па веројатно и тука нема потреба за толку многу, а и подолу во рецептот пишува дека се става една шолја. Веројатно ако додадете и некое кисело овошје, се става и повеќе шеќер)
1 путер
1 лажичка брашно
Приготвување:
Ставете ги млекото и путерот во тенџере, на тивок оган. Во друг сад изматете ги пенесто жолчките и шеќерот (и ванилиниот шеќер), па внимателно додавајте ги во млекото и путерот, но на тивок оган, па додадете и една лажичка брашно и мешајте додека да се згусне.
Префрлете ја смесата во некој сад и оставете ја да се излади, а потоа ставете ја во замрзнувач. Претходно покријте ја со капак или со проѕирна фолија. По 2 часа извадете ја смесата и измешајте ја. Повторете го тоа уште неколку пати.
Инаку, по желба, во овој сладолед можете да додадете и некое овошје, да ставите чоколадо или нешто трето. Но превкусен е токму ваков каков што е.