Ако никогаш не сте пробале слатко од млади оревчиња, од дудинка, од тиква, модар патлиџан, ореви и грозје без семка, од зелени и црвени домати, од ајварки со чили и уште едно чудо необични комбинации, но домашни и произведени на традиционален начин и без никакви додатоци, ќе ги најдете кај нашата соговорничка од Валандово чија цел е да ја врати традицијата, а оние што ќе ги вкусат – да ги врати во детството
Лелја Рајкова од Валандово ја запознавме на настанот на кој неа и на уште 24 жени, им беа доделени сертификати за завршена Меѓународна академија за жени – претприемнички од рурални средини.
Оваа валандовчанка беше дојдена со сопругот Виктор и деветгодишната ќерка Драгана, нејзиното мало семејство со кое таа, заедно со свекрвата пред 2 години почнала семеен бизнис за производство на домашни слатка, мармалади и сирупи.
Сѐ почнало во екот на пандемијата со корона, кога таа и сопругот кои претходно извесен период живееле и работеле во Скопје, во Германија и во Грција, се вратиле во Валандово. Инаку, Лелја е родена дојранчанка мажена во Валандово, од каде што пак била нејзината баба која на времето се омажила во Дојран. Така што, Лелја всушност само направила „трансфер“ назад, во родното место на баба си.
„Јас сум дипломиран правник, ама Валандово е мало место и единствен начин да се вработиш како правник е да чекаш некој да замине во пензија или да умре“, се смее Лелја почнувајќи да ни раскажува за себе.
Немајќи веќе никаков постојан извор на егзистенција, таа и нејзиниот сопруг Виктор седнале на маса и на идеја на сопругот, а благодарение на искуството на нејзината свекрва која цел живот правела различни слатка за дома, а по некое, како на пример слатко од смокви и за продажба на локалното пазарче, решиле да направат поголема количина слатко и да го продаваат. За оваа цел направиле и Фејсбук страница и ја огласиле продажбата на слатко од цреши и од дудинка, првите што ги направиле во поголеми количини.
„Ние и двајцата потекнуваме од земјоделски фамилии. Во Валандово имаме околу 30 декари обработлива земја, претежно овоштарници, грозје, калинка, јапонска јаболка, смокви, цреши, кајсии, круши… Најмногу имаме цреши, околу 2 декари, па затоа кога решивме да се пробаме со производство и продажба на домашни слатка, почнавме токму со слатко од цреша. Во тој период беше и сезона за црница, па направивме од слатко од црница, по рецептите на свекрвата. Значи, иако идејата беше на сопругот, сѐ почна од рацете на баба. Токму затоа и подоцна, кога веќе фативме чекор и ја проширивме палетата на производи, нашите традиционални домашни слатка ги брендиравме со логото „Од рацете на баба“.
Сега имаме над 30 различни видови домашни слатка, некои традиционални, а како што ги правеле нашите баби, само шеќер и овошје без никакви додатоци, а некои пак сосема нови и оригинални, речиси експеримент, нештоп што многу сакам да го правам. Секако, за ваквите комбинации кои првпат ги правиме, најприн правам само мала количина, колку да гои испробаме ние, па ако нам ни се допадне, правиме и за продажба“, раскажува инвентивната валандовчанка.
Нивната палета на слатка пак, е толку богата и необична што ако имате можност да испробате нешто, ве чека многу тешка одлука: дали да пробам слатко од цреша со рум, слатко од млади оревчиња, од дудинки, од зелен домат, од црвен домат, од ајварки со чили, или евентуално, слатко од цели лупени сливи со бадем, од рендани јаболка со сусам или од тиква, модар патлиџан, ореви и грозје без семки, или пак… Веројатно ќе сакате да ги пробате сите, иако некои комбинации звучат навистина егзотично, па ако не сте од тој крај, сигурнои нема да ви се верува дека добар дел од овие комбинации се правеле тука и многу одамна.
Лелја пак, сака да зборува со повозрасните и токму низ разговор со нив, открива многу заборавени комбинации кои има желба повторно да ги врати на трпезите.
„Голема мотивација ми се реакциите на нашите купувачи кои често се идентични. На пример, досега нема кој не ни ја кажал онаа реченица која најмногу не радува, дека вкусот ги вратил во детството и ги потсетил на вкусот на она што го правеле нивните баби. Такви беа реакциите и кога почнавме да ги правиме домашните сирупи од бозел со лимон, од вишни, од аронија. Лани почнавме да правиме и маџун и за него имаме неверојатни реакции од луѓе кои велат дека за разлика од други што ги пробале и им правеле проблеми со желудникот, со нашиот го немаат овој проблем. Веројатно тајната за ова е тоа што и него го правиме онака како што се правел порано, наместо со сода, со варовник од пештера.“, вели Лелја.
Бидејќи имаат свое грозје тие, освен маџун, прават и одлична домашна ракија и мастика.
Ако ја прашате кое слатко ѝ е омилено, вели дека за неа најубаво и најраскошно е слаткото од цела лупена слива со бадем или лешник, а најинтересно на изглед и на вкус ѝ е слаткото од тиква, гризје без семка, ореви и модар патлиџан. На ќерката ѝ е омилено слаткото од аронија, а на нејзиниот сопруг она од рендани дуњи.
„Мојата свекрва е таква домаќинка што од што и да направи слатко, нема да згреши, таа е жена со искуство, домаќинка која цел живот правела слатка.
Јас многу научив од неа, но сега веќе можам да правам и самата, многу истражувам и постојано експериментира. Од слатката што ги имаме ние во нашата палета, најмногу ни се троши слаткото, а најтешко за правење, иако секое си има своја тежина, е слаткото од млади ореви кое се вари во седум води.
Слаткото од тиква во комбинација со модар патлиџан, грозје без семка и ореви е традиционално и кај нас се вика ‘рчели, тоа е слатко кое нашите баби го правеле традиционално, секоја година. Исто така поранбо се правеле и слатката од зелени и од црвени домати.
Со тиквата имаме правено и други комбинации, со печен бел бадем, со лешник, само со модар патлиџан. Токму сега е сезоната на тикви па работиме турбо, без престан, а и самите гледате по рацеве дека не е баш лесно да се излупат и да се спремат тиквите за варење слатко“, вели Лелја покажувајќи ни ги рацете на кои трагите се и повеќе од видливи.
Освен преку Фејсбук, тие сега ги продаваат своите производи и на локалниот пазар и веќе имаат постојани муштерии чиј број постојано расте, но нивните коиличини се огранбичени бидејќи сепак станува збор за домашно производство.
„И да сакаме не можеме повеќе, сите помагаат, па дури и ќерката која е главен дегустатор, а има и уште една работа, да лепи етикети на теглите, но сѐ правиме рачно, а со раце толку се може. Но затоа и е толку добро и вкусно, а јас знам точно што има во секоја тегла зашто со мои раце сум ставила.
Најважно ми е тоа што мојата идеја има ефект и ја враќаме традицијата во домовите. Секако, имаме и поегџзотично и нови производи кои ги смислувам во од, како на пример, слатко со киви и моркови, слатко со моркови, со портокал и многу други. Сега сакаме да се пробаме и во една друга насока, а тоа е да развиеме некој вид на агротуризам, да организираме работилници за изработка на слатка, а да отвориме и една куќа на слатката во која посетителите ќе можат и да ги дегустираат слатката и да си купат од нив. Секако, продолжуваме со изработка и на она најпрепознатливото слатко за овие краишта, а тоа се слатката со смокви, како и сокот од калинка. Се знае каде има најубави смокви, калинки и јапонски јаболка, во Валандово и на ниту едно друго место“, се смее лелја и патем не информира дека годинава имаат и две нови сорти јапонски јаболка, чоколадни и сплескани кои се јадат и тврди и не ја збираат устата како обичните. Ништо чудно овие чоколадниве да завршат и во слатко.