Словенечки мед, млеко и путер, македонски маџун, крем-сирење, проја и тиква: Традиција и пријателство за здрава иднина

844

Денес во ресторанот „Ореов лад“ во Скопје беше поставен традиционален словенечкo-македонски појадок, по повод одбележувањето на 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Словенија и Македонија, но и продолжување на иницијативата на словенечкото здружение на пчелари, позната како „меден појадок“.

По повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Словенија и Македонија, во организација на словенечката амбасада и здружението Слоу фуд Македонија, во ресторанот „Ореов лад“ утрово беше послужен традиционален словенечко-македонски појадок.

Алпско млеко, мед и путер од Словенија и македонски домашни производи од членови на локалната организација на Слоу фуд, како матеница, крем-сирење, мармалад од шипки, сок од калинки, маџун и проја, беа послужени на заедничкиот појадок чиј домаќин беше амбасадорот на Р Словенија, Н.Е. Милан Предан.

Во својот поздравен говор амбасадорот, но и претставниците на Слоу фуд Македонија, го истакнаа значењето на здравата традиционална храна и креирањето на навиките за здрава исхрана уште од рана возраст. Токму затоа дел од овој настан беа и неколку деца, ученици во трето одделение и нивната наставничка Славица Зафировска од основното училиште „Крсте Мисирков“ од Скопје, во кое веќе неколку години функционираат училишни градини. во кои децата одгледуваат зеленчук и се радуваат на плодовите од својот труд.

На настанот присуствуваше и сопругата на Претседателот на државата, госпоѓа Елизабета Ѓоргиевска Пендаровска која, иако не зборуваше на настанот, им посвети особено внимание токму на најмалите гости.

Инаку, традиционалниот словенечки појадок е иницијатива на словенечкото здружение на пчелари кое во 2006 година започнало да ги поврзува пчеларските друштва и училиштата во спроведувањето на проектот „Мед за појадок во градинките и основните училишта“, или скратено иницијативата „меден појадок“. Набргу потоа, проектот, кој се одржувал секоја година во третиот петок од ноември, бил проширен и во средните училишта и центрите за професионални активности.

На иницијатива на Здружението на пчелари на Словенија, појадокот со мед станал „Традиционален словенечки појадок“ и бил усвоен на национално ниво во 2011 година.
Слоганот на овогодинешниот настан е Појадок со млеко – одличен ден!


Затоа и денешниот датум, 18 ноември е одбран за одржување на словенечко-македонскиот појадок на кој се одбележа важноста на здравата исхрана генерално, но и важноста на пчелите и другите опрашувачи, за производството на храна.
Со спроведување на иницијативата за појадок со мед, се истакнува важноста на зачувување на природата и животната средина и важноста на пчелите, кои се апсолутно неопходни за подобар свет, свет без глад!