Старата добра тава со ориз и кокошка

1.384

После сите оние нови јадења што сакаме да ги испробаме, највкусни се сепак старите добри рецепти што не потсетуваат на детството

Македонката Марина Луетиќ која со децении живее во Загреб и ги знае сите јадења кои ги правела нејзината свекрва која е по потекло од Славонија, како и далматинските кои ги правела бабата на мажот ѝ, одвреме навреме се навраќа и на оние кои ја потсетуваат на јадењата од детството. Меѓудругите, тавата ориз со кокошка, овојпат збогатена и со сув вргањ кој му дава дополнителен шмек на ова класично јадење кое сите не враќа во детството, кога кокошките мирисаа на кокошки, а целата куќа на домашната супа која секогаш одеше пред главниот оброк.

Кога готви од овие јадења кои му се омилени и на нејзиниот син, таа секогаш прави двојна доза, па едната тава останува дома, за неа и сопругот, а другата ја испорачуваат на адресата на синот.

Таа ја прави на стариот начин, како и нејзината мајка, па кокошката прво ја вари, а потоа ја потпекува во рерна заедно со оризот. Во последно време ова класично јадење редовно го збогатува и со вргањ.