Сѐ што треба да знаете за печењето леб

Фото: Unsplash
488

Колку често и да правите дома леб секогаш е добредојден уште некој совет плус. Еве уште неколку доколку сѐ уште имате дилеми околу тоа дали е лебот печен или не, дали е тестото доволно стасано, како да добиете крцкава или пак мека кора

Некои луѓе мислат дека е премногу комплицирано да се направи леб и колку пати и да правеле сѐ уште не се сигурни ниту дали доволно стасал, ниту дали е доволно печен, ниту пак како да го одржат свеж подолго време. Затоа не е лошо да се имаат сите потребни совети на едно место и секогаш кога ќе се зафатите со правење леб, ако не сте сигурни во постапката, да си побарате сѐ што ве интересира токму тука.

Еве ги најважните совети кога станува збор за правење леб:

Како да ја направите кората од лебот крцкава? Лебот пред печење премачкајте го со млака вода во која сте додале малку масло или изматено јајце. А ако сакате мека кора премачкајте ја со путер.

Крцкава кора без масло и јајца: За да добиете крцкава кора на лебот околу 15 минути пред крајот на печењето, премачкајте го со вода.

Дали лебот е доволно испечен? За да го проверите ова, лебот треба со рака да се потчукне по површината и одоздола. Ако звучи шупливо, лебот е печен.

Ако го прелиете тестото со врела вода – ќе добиете леб што не се распаѓа при сечењето и после десет дена. Ако секогаш сакате свеж леб, загрејте ги кришките леб на тивок оган во сува тава под капак пред да јадете.

За да спречите свежиот леб да се распаѓа при сечењето – исечете го со врел нож што може да се загрее на пламен од плин или со потопување во врела вода. Но, по секое сечење, ножот треба да се брише.

За лебот да биде чуван како што треба и да ја задржи аромата, кутијата за леб треба секоја недела да се плакне со вода во која сте додале малку оцет и добро сте ја исушиле.

Квасецот ќе стаса побрзо ако издробен го помешаме со малку шеќер и дури потоа да го помешаме со млако млеко или вода.

Ако користите интегрално брашно, количината на вода потребна за тестото може да варира. Во зависност од тоа колку ситно е смелено брашното, може да впие повеќе или помалку вода. Затоа, сметајте ги количините на вода наведени во рецептот како приближни, но не и точни мерки.

Дали тестото нараснало доволно? Ќе проверите со притискање на тестото со прстот – ако остане видлива вдлабнатина, тестото доволно нараснало.

Испековте премногу, што да правите со вишокот? Кога лебот ќе се излади, исечете го на парчиња, ставете го во пластична кеса и чувајте го во замрзнувач. Така може да стои и до два месеци. Кога ќе ви треба, извадете го од замрзнувачот, завиткајте го во хартија за печење и загрејте го во рерна на 50° C да омекне.

Не фрлајте стар леб! Од него може да се направат презли. Испечете го како двопек а потоа смелете го во мелница за ореви. Освен тоа, сувиот леб е основа за правење кнедли кои се незаменливи со различни чорби и сосови. Исто така, можеме да го исечеме на коцки и да го потпечеме па тоа да биде одличен додаток за супа.

Ако лебот е стар и не е премногу сув, исечете го на еднакви кришки и потопете го во изматени јајца и млеко и пропржете го во масло. Одличен појадок.