Тајната на Римјаните ќе им ја продаваме и на Италијанците

626

Производот на гостиварската компанија „Рамазоти Фуд“, Пинса Романа за кој компанијата доби од Фондот за иновации 2.214.000 денари, е всушност инспириран од пинсите – „лепчиња од кисело тесто кои биле храна за сиромашните кои пред 2000 години аргатувале за Римјаните“, објаснуваат од компанијата.

Проектот за кој се крена голема фама во јавноста откако се обелодени дека Фондот за иновации одобрил 2.214.000 денари за “тајната на Римјаните за пица стара 2000 години“, ја завршил првата фаза од реализацијата и веќе го направил првиот извоз.

Од Фондот, во изјава за „Плус инфо“ велат дека буџетот на корисникот „Рамазоти фуд“ од Гостивар е распределен во три квартали односно девет месеци и дека засега им е исплатена рата само за првиот квартал која изнесува 882.000,00 денари.

„Вкупното учество на корисникот во проектот изнесува 246.000,00 денари, а вкупното кофинансирање на Фондот за проектот изнесува 2.214.000,00 денари. Сите предвидени активности се очекува да се реализираат во период од 9 месеци. Буџетот на корисникот  Рамазоти фуд од Гостивар е распределен во три квартали односно девет месеци и засега им е исплатена рата само за првиот квартал која изнесува 882.000,00 денари, а од страна на корисникот на наменската сметка за проектот се внесени 98.000,00 денари“, објаснуваат од ФИТР.

Оттаму велат дека компанијата има обрска да достави за преглед квартален извештај со придружна документација за прв квартал и уплата за сопствено кофинансирање за втор квартал. Откако извештајот за првиот квартал се прегледува од независна ревизорска куќа која утврдува дали предвидените активности се реализирани и дали средствата се наменски потрошени, фондот ќе ја исплати втората рата, а во текот на проектот се предвидени и теренски посети на компанијата кои се реализираат со претставник од Фондот и претставник од ревизорска куќа.

Од компанијата „Рамазоти фуд“ се задоволни од развојот на производот кој ќе се продава и во Италија.

„Фабриката на Рамазоти Фуд ќе создава бренд на здрави тестенини кои Италија ќе ги купува од македонската компанија, а договори за здравите тестенини оваа мала фирма веќе склучи и со германска и со компанија од Чешка. Првите извози се направени“, велат од компанијата откако љубезно не поканија да ја посетиме нивната фабрика во Гостивар и да го пробаме ова тесто за кое се крена толку врева во јавноста.

„Пинса Романа е прв производ кој во новоформирана мала фабрика започнува да се произведува, како закиселена, зреана, комерцијална, био тестенина. Рамазоти Фуд е стартап компанија за која занаетот и дипломите сопствениците ги донесоа директно од Италија, земјата на тестенините и ја започнуваат приказната од Македонија. За само 1 евро ќе се понуди комерцијално здраво тесто. Ќе добиеме пица за дијабетичари, за спортисти, за луѓе кои се алергични, а сакаат пица, има ли некој кој не сака пица? А има многумина кои заради своите проблеми или концептот на живот не сакаат или не смеат да ја јадат. Замислете да имате избор да си нарачате пица од бело брашно или протеинска пица. За прв пат ова ќе ви биде достапно“, се пофалија од „Рамазоти фуд“.

На домашниот пазар засега производот сè уште не е во продажба, но менаџерскиот тим е во преговори со повеќе маркети и дисконти низ државата. 

Ги прашавме да ни го објаснат овој производ и да ни кажат по што е тој толку посебен, како и да ни објаснат што е остварено досега, а што би ги оправдало средствата на Фондот?

„Проектот ги следеше правилата за аплицирање до фондот и критериумите во правилникот. Нашата визија, цели и потреби се преклопија со повикот. Во проектот има предвидени и соодветни активности. Назначен е проектен менаџер, предвидена набавка на соодветна опрема исклучиво за производот пинса- по проектот (специјална фурна за тестенини, миксер-хомогенизатор за тесто и касети за зреење тесто). Набавка на консултанти за развивање и истражување (анализи на пазарот,
маркетинг, правилник за чување и трајност), набавка на имплементација и сертификација на стандарди за контрола на квалитет, квалитет на храна и извоз на храна кон ЕУ“, објаснуваат од компанијата, додавајќи дека тие претходно се подготвиле соодветно со простор за производство, според ХАСАП стандардите, набавиле дел од опремата за да отпочнат со работа, ја развиле рецептурата и создале оригинална Пинса Романа на Рамазоти Фуд.

На прашањето дали овој производ ќе биде 100 проценти безглутенски, а со оглед на тоа што во образложението на проектот до Фондот пишува дека во рецептурата, покрај другите, безглутенски, има и пченично брашно во мали количини, оттаму ни одговорија:

„Да, тестото е безглутенско 100%. Основните состојки се специјални зачини, од растително потекло, оризови брашна- без глутен- сертифицирани како такви и 80% е вода. Рецептурата е оригинална, уникатна. Тестотот е пуфкасто и крцкаво. Имаме за цел да го сертифицираме како безглутенско тесто, закиселено тесто, кое со својот pH помага во лесно варење на храната и алкална состојба на желудникот“.
Во однос на она дека проектот беше насловен како „Тајната на Римјаните за пица стара 2000 години, ги прашавме дали е ова рецепт на Римјаните или е, како што велат, „уникатен рецепт на компанијата”, од Рамазоти Фуд ја објаснуваат тајната на Римјаните:

„Историјата кажува дека ефтините брашна како хељда, овес, ’рж, трици, оризови брашна, биле наменети за сиромашните. Од овие брашна добивале по едно мало лепче, кое се дуе во стомакот со вода, ем да не се изеде многу, ем да се помине ефтино. Тоа е Пинса Романа, кисело лепче наменето за сиромашните, за работниците, аргатите, тесто со малку домат и можеби бoсилек и ретко моцарела. Пинса била правена од тогаш евтини состојки, кои со самата цивилизација се докажа дека се поздрави, покорисни и немаат штетни влијанија врз организмот на човекот, едноставно, овие кисели теста се здрави теста. Во Италија киселите теста – Пинсите, како рецептури, датираат низ историјата 2000 години, за тоа има стари записи, како се хранеле сиромашните кои аргатувале за Римјаните.

Наспроти ова, белите брашна биле префинети и наменети за богатите, за гурманите, за аристократијата, полни со богати намрници, сушени меса и го освоила светот како најстар и најсовршен италијански вкус- Пица Наполитана. Рамазоти Фуд направи сопствен рецепт на пинса, со крцкав совршен вкус, без глутен, без адитиви, без алергени, едноставно, долго крафт зреано тесто, избор на здрави брашна, кој на секој кој го сака вкусот на пица и од многу причини мора да ја избегнува, сега, за првпат добива алтернатива. Пица која и оние кои имаат проблеми со метаболизмот или имаат алергии, ќе можат да си ја дозволат“.