Три ролни сладолед, ве молам!

274

Рами Закија е апсолвент на Економскиот факултет на државниот универзитет во Скопје, слаткар – специјалист за сладолед и прв сертифициран мајстор за ролован сладолед на Балканот.

Рами Закија е млад скопјанец, кој како и многу други млади луѓе од земјава, пред 5 години заминал од земјава и отишол во Дубаи кадешто веќе бил неговиот постар брат.

„Се одлучив за Дубаи од повеќе причини, од кои клучна беше таа што претходно ја имав посетено земјата како турист, а и мојот постар брат веќе работеше и живееше таму, и секако, затоа што имам основно познавање од арапскиот јазик, бидејќи мојот татко беше од Сирија. Знаев само дека ќе работам за огромна турска компанија која многу успешно работи во Дубаи, и дека секоја година е дел од манифестацијата „Global Village“ (Глобално Село). Станува збор за манифестација која трае 6 месеци, од ноември до април, бидејќи се одвива на отворено, а временските услови и температурата во Дубаи тогаш се идеални.

Секоја земја која земала учество на таа манифестација добива свој простор кој го уредува по своите најпознати знаменитости и ги продава своите традиционални производи. Со еден збор, светот во мало. Од страна на компанијата ги добивме сите услови за работа, вклучувајќи хотелско сместување, транспорт до работа и назад, работни дозволи, здравствени осигурителни полиси, авионски билети, апсолутно сѐ. Наше беше само да се фокусираме на работата која воопшто не беше лесна. Таа година турската компанија имаше закупено преку 200 најразлични тезги и локали, а јас бев определен да работам на една од трите тезги со овошје. Подготовка на овошни салати, најразлични овошни коктели, смуди и сѐ што е поврзано со овошје, од кое, патем, голем дел воопшто не ми беше познато ниту знаев како се консумира. Ама јас сум упорен и амбициозен и се разбира, не се откажувам. Наскоро менаџерот свика состанок и ни најави новитет на нашата тезга кој сѐ уште го нема на пазарот, а се очекува да направи сензација. Ни кажа дека му треба некој што ќе биде целосно насочен кон тоа. Во салата во која во моментот бевме отприлика 400 луѓе завладеа целосна тишина. Тоа беше моментот кој беше одлучувачки за мене. Си реков, па јас сум обожавател на сладолед, а секако, сум и амбициозен и решителен. Ја кренав раката од задните редови, па господин Мурат, нашиот менаџер, ме повика напред. Ме праша дали воопшто знам што е тоа и како се прави, а откако срамежливо му одговорив дека незнам, но дека со задоволство би научил, тој ме прегрна, го извади мобилниот од џеб и на јутјуб ми покажа кратко видео. Тогаш првпат видов као се подготвува овој сладолед. Искрено, се извадив од памет.

 

Стресно и тешко

Почетоците беа стресни и тешки, а единствен учител ми беа малубројните видеа. Мојот производ беше далеку од ролничка, но бев многу упорен и уверен дека ќе успеам. По само 5-6 дена ја направив мојата прва успешна ролничка, набрзо и втората, па и цела порција. Верувајте, никогаш не сум ни помислил дека подготвувањето на една порција сладолед ќе ме направи толку горд.

Веќе од 10-тиот ден почнав и да продавам, а сладоледот беше навистина сензација затоа што и самиот начин на подготовка е шоу, а и вкусот со свежо овошје е неодолив.

Потоа стаса и тимот од Тајланд, од тамошното здружение на занаетчии кој менаџерот го договорил да дојде и да ми оддржи професионална обука за да се стекнам со сертификат за таканаречен „Ice cream rolls master“. Обуката траеше две недели, период во кој секој ден доаѓав три часа порано на работа. Полагањето помина со највисока оценка, а јас бев навистина горд на својот финален производ и на својот успех, а менаџерот уште погорд и на мене и на себе затоа што не погрешил кога решил да инвестира во мене. На ред беше јас да ја вратам цела таа инвестиција, но и довербата што ја вложија во мене.

Следуваа 5 месеци или 150 денови до крајот на манифестацијата и јас секојдневно по 12 часа дневно, без ниту еден слободен ден, го подготвував овој сладолед. Целиот процес и начинот на подготовка воопшто не е лесен и трае 4-5 минути за подготовка на една порција. Се вложува многу физичка енергија и навистина бара добра физичка подготвеност“, раскажува Рами.

И покрај тежината на работата, тој уживал во неа, затоа што и интересот за овој нов производ кој бил за првпат измислен во Тајланд само една година претходно (во 2014.), а и веќе солидно заработувал. Следната година Рами бил повторно на истата манифестација со тоа што тогаш веќе се појавиле уште 2-3 тезги за ролован сладолед, но, како што вели, и онака не е возможно еден да постигне да ги задоволи сите кои во долги редици чекале за да го пробаат овој нов сладолед.

Во меѓувреме, нашиот Рами научил сѐ за сладоледот, за машините и начинот и постапката како да се набават истите и после завршувањето на неговиот двегодишен договор со турската компанија решил овој иновативен производ кој бил прогласен за најдобар гастрономски производ за 2017. година, да го донесе во Македонија. За оваа цел се здобил со лиценца и франшиза за генерален дистибутер на Балканот за машините за подготовка на овој вид на сладолед.

Кој ќе ти јаде сладолед во ролна, кога има топче?!

Момчето со завршено средно економско во Скопје и  апсолвент на Економскиот факултет на државниот универзитет „Кирил и Методиј“, на почеток не ја добило поддршката од најблиските кои сметале дека е премногу ризично да инвестира во некаков ролован сладолед кога ние тука сме си навикнати на сладолед во топче.

Ама како што веќе сфативме, Рами е упорен и амбициозен млад човек.

По потпишувањето на договорот со компанија од Истанбул која врши производство на ваков тип на машини  и набавката на една, за што, како што вели, имало долга и макотрпна процедура и челични нерви, машината стасала во Скопје.

Станува збор за машина која работи на принцип на течен азот и за само 30 секунди достигнува огромна минусна температура (-30).

„Откако стаса машината следуваше навидум полесниот дел, каде, кога и како би работел. Ми требаше само одлична локација со голема фрекфенција на луѓе, но ова се покажа како најтежок дел.

За моја среќа ги познавав лично господин Пане Темов и госпоѓата Фимка, кои тогаш го подготвуваа за отварање нивниот локал на самиот плоштад, ресторанот „Колектив“. По кратка презентација што имам и што сакам веднаш добив позитивен одговор дека апсолутно тоа е тоа што му фали на градот и одлучивме „шоуто“ да биде тука. За краток период „Колектив“ беше спремен, а „Rami’s роллс“ поставен веднаш пред локалот.

Отварањето го закажав токму деновиве пред 3 години (10.мај), бев истовремено и исплашен и среќен и одлучив првите 3 дена сладоледот да биде бесплатен.

Беше многу напорно, набавки, подготовки, се сеќавам дека првиот ден имаше толку многу народ пред мене, што изгледаше како да има партиски митинг на плоштад. Поминаа трите дена, а интересот не стивнуваше, се чекаше и по цел час за порција сладолед. На секој поединечно му се извинував, но верувајте не е до мене, таков е начинот на подготовка, а јас бев сам наспроти десетици пред мене. Едноставно не можев да постигнам, па набрзо набавив  уште една двојна машина.

Уште истата година се проширив и во Охрид и во Струга. Меѓутоа проблемот со персонал кој би го работел ова беше огромен. Имаше многу неуспешни обиди поради специфичноста и тежината на подготовка на овој вид на сладолед, многу луѓе за краток период се откажуваа, но за моја голема среќа луѓето со кои соработував во Охрид најдоа упорни момци кои одлично се справија и со ова и брзо научија. На мое огромно задоволство во тимот имаше и две девојки кои исто така успешно ја совладаа техниката на правење тајландски сладолед.

Веќе стануваше сѐ потешко да се грижам сам за сѐ, повеќе набавки, повеќе подготовки, да не речам невозможно. Понудите се зголемуваа, а капацитетот остана ист. Минатата година бев дел од прекрасниот ресторан, а воедно и слаткарница „Ла Тераца“, што беше навистина прекрасно искуство благодарение на сопственикот, господин Зоран кој направи многу за овој сладолед да биде дел од целата приказна. Работев сезонски, односно само преку лето. Имав интересни понуди да заминам од тука, и ова да го правам на некое место на море, конкретно, во Грција и во Хрватска, сериозно размислував за тоа, но веќе моменталната ситуација со корона вирусот промени сѐ. Сега кога веќе дефинитивно останувам тука, и по најавените мерки за олабавување на карантинот сериозно размислувам каде ова лето скопјани би можеле да јадат тајландски ролован сладолед. Имам некои понуди што сериозно ќе ги разгледам, а се надевам и дека градските власти конечно ќе ми излезат во пресрет со некоја локација“, порачува Рами.

Како се прави ролован сладолед?

За да се направи ваков сладолед потребни ви се прво основните состојки: база за сладолед, млеко во прав, посебни стабилизатори кои се користат за ваков тип на сладолед, шеќер во прав. Тоа  е базата, односно сладоледот, а вкусот што сакате да го добиете е најразличен и  зависи од вас, вашата креативност и од вкусот на потрошувачот.

Постапката е следна  – прво се одбира комбинација на две до три работи кои сакате да ги има во внатрешноста на сладоледот, а лепезата на вкусови е најразлична и се менува во зависност од сезонското овошје или од вкусот, односно комбинацијата на потрошувачот. На пример, одбирам, свежа јаготка, милка (милкинис чоколатце) и рендана бела страчатела. Сето тоа го ставам на замрзнатата плотна која има -30 степени, веднаш потоа додавам од смесата претходно подготвен тајландски сладолед, а потоа следува најтешкиот дел – мора да бидете екстремно брзи со сечкање и дробење на намирниците што ги одбрал потрошувачот, овошје или чоколатца и тој процес мора да заврши во рок од една минута, бидејќи ако трае подолго почнува да ви мрзне целиот сладолед и станува невозможно на крајот да добиете ролни како финален производ.

Откако ќе се иситнат добро намирниците, следува постапка на размачкување на сладоледот на целата плотна во тенок слој. Тоа е постапка која исто така трае една минута. При  самото размачкување, со тек на времето и со искуството, на допир се чувствува кога слојот, односно сладоледот е подготвен за ролање. Ролањето се прави со спатула со која вршиме притисок и со силно лизгање добиваме форма на ролна. Се разбира, првите неколку обиди можат да бидат неуспешни. Откако ролните се спремни, ги ставаме во чашка за сервирање, или корнет во форма на малечка чинија. На крајот следува постапката на декорација. Во зависност од вкусот на потрошувачот се ставаат најразлични трошки и чоколатца и секако, свежо овошје. Сѐ зависи од вкусот и желбата на потрошувачот.

Во цената нема голема разлика. Една порција од 6 ролни што одговара на отприлика 6 топчиња сладолед, чини околу 150 денари.

И не само сладолед…

Покрај сладоледот, пред две години Рами вовел и друг новитет, нешто сосема ново што имал можност да го проба во Дубаи. Тоа се мини холандски палачинки, познати како пуфертис, во комбинација со чоколадна фонтана, а правел и најразновидни овошни коктели и смудиња.

„Практично, целото мое искуство и работа од Дубаи на некој начин ја пренесов овде. Па со самото тоа веќе се јавува и потребата од некое мало локалче или, што е и моја најголема желба – тезга на отворено, кадешто би го правел сето ова.

А побарувачка за сладолед, особено за овој ролован сладолед чие подготвување е цело шоу, има и во зима. Пред почетокот на оваа состојба со короната ме бараа по настани, родендени и прослави, а голем дел од клиентите ме охрабруваа дека и во зима би консумирале од сладоледот, бидејќи е многу лесен и доаѓа како десерт. Размислувам и на таа тема, бидејќи секако останувам овде.

Исто така, со оглед на тоа што децата беа најсреќни кога им го приготвував сладоледот, а желбите им беа бесконечни, имам проект и за децата од домот за деца без родители и за децата од социјално загрозените семејства. Сето тоа сум спремен да го презентирам пред градските власти и очекувам тоа наскоро да се случи“, ја завршува својата приказна за сладоледот нашиот сограѓанин Рами Зaкија.