Фестивал на Биодиверзитет: Запознајте се, потсетете се, уживајте во вкусовите на локалните производи (ВИДЕО)

Фото: Фејсбук (Иво Антов)
177

Од Слоу фуд веруваат дека може да се обезбеди добра, чиста и правична храна за сите во Македонија и во прилог на ова тврдење, повикуваат и сами да се уверите запознавајќи се со малите локални производители чии производи ќе ве потсетат на вистинските традиционални и локални вкусови

Во Паркот на франкофонијата во Скопје, од утрово во 10 часот, на едно место се наоѓаат голем број производители, дел од големата заедница на Слоу фуд Македонија каде што се одвива „Фестивал на Биодиверзитет”, кој го организира конвивиумот „Слоу Фуд Водно“,

Тука можете да ги откриете или да се потсетите на вкусовите на локалниот зеленчук и овошје, традиционалните сирења и месни производи, да ги дегустирате и да ги препорачате, а воедно да бидете дел од заедницата чија цел е да се подигне јавната свест за значењето на локалниот биодиверзитет на храна.

„Да им помогнеме на малите производители во заштитата, промоцијата и валоризација на локалната и автентична храна, што  ќе придонесе за  економски развој на руралните средини и транзиција кон еколошки одржливо опшество“, велат од Слоу Фуд.

Ова издание  на „Фестивал на Биодиверзитет” се реализира со поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, општина Центар, Горска вода, Пакомак и Сакам пиво.

Во рамки на настанот шеф Зоран Мајновски, член на Алијансата на готвачи на Слоу Фуд Македонија подготвува гастрономски специјалитети со намирници од локалните производители, а можете да ги дегустирате и прекрасните вина на нашите мали винарии.

Видео: Марјан Костадиновски