Цел ден работи на нива и на фарма за кокошки и ужива во секој миг од денот

2.327

Овој 27-годишен човек не планира да побегне од државата, ниту пак да се вработи во администрација. Живее на село, работи на нива, „се расправа“ со кокошки, произведува и ги храни со домашно жито, а тие му даваат најздрави и највкусни јајца. Животот на Бране Николовски е вреден и исполнет живот.

Бране Николовски има 27 години, но нема намера, како што направија повеќето млади луѓе, да побегне од родното село Фалише кое се наоѓа на 5 километри од Тетово. Иако по професија е машински техничар, никогаш не работел по струката. Она што тој го работи е всушност нераздвоен дел од неговиот живот.

По цел ден работи на нива, „се расправа“ со кокошки и ужива во тоа.

А како и нема, кога е дел од еден цел циклус кој почнува и завршува токму таму, на земјата што ја наследил од своите родители и за која сега се грижи тој. Ги обработува своите ниви со голема љубов, за да произведе квалитетно жито за него и неговата мајка, но и за нивните кокошки. Нашиот соговорник е сопственик на „Еко јајце“, еколошка живинарска мини фарма за традиционално, природно производство на јајца од слободни кокошки во тетовското село Фалише.

„Целиот процес до добивањето на јајцата кај нас започнува од производството на жито од нашите ниви. Тоа значи посветена и грижлива обработка на почвата во текот на целата година. За добивање на здраво жито за нашите кокошки не користиме хемиски препарати, туку нивите ги храниме со ѓубривото од кокошките и целиот процес е токму онаков како што треба да биде, еден природен и затворен циклус“, вели Бране кој од неодамна е дел од големото семејство на Слоу фуд и вредно работи на формирање на нов конвивиум во својот град.

Неговото семејство две генерации наназад, односно, повеќе од 40 години произведувало кравјо млеко. За жал, кога пред две години починал татко му, поради големите работни обврски ја затвориле фармата за крави.

„Во тој период кокошките ги одгледувавме како хоби и за свои потреби, а кога имаше вишок на јајца им ги продававме на пријатели. Но последните 2 години  решив да се посветам целосно на живинарството бидејќи искрено ја засакав оваа работа која целосно ме исполнува. Инаку, приказната со кокошките започна од 2017. година кога го набавивме првото јато на пилиња за потребите на семејството, бидејќи претходно околу 3-4 години не одгледувавме кокошки. Се решивме за нив бидејќи имавме голем празен простор во дворот, во кој тие можат слободно да се движат “, раскажува Бране.

Всушност, нивната фарма функционира онака како што функционирале порано сите селски домаќинства, кокошките се пуштаат надвор изутрина, а се затвораат дури во вечерните часови. Тие цврсто стојат зад она дека „само среќна и слободна кокошка дава здрави јајца“.

Инаку, Бране сѐ уште нема основано свое семејство, па неговата мајка се грижи за домашните работи, а за обврските на фармата и за обработувањето на нивите се грижи самиот. Нему му е важно житото со кое ги храни кокошките да доаѓа од нивните ниви и да  го знае потеклото на храната за нив. 

„Се интересирав за кокошките уште како мал, па и порано се грижев за живината заедно со моите родители. Имено, многу одамна и со генерации  во нашето семејство се одгледувала живина, како и во секое семејство на село. Секако уште откако памтам за себе сум ги обожавал јајцата, а најмногу им се радував кога ќе ги најдев во гнездата. Можам да кажам дека сум од генерациите кој пораснаа надвор, на улица, на фудбалско игралиште, по ливадите околу селото, на дожд и снег и во игри со кал и со песок“, вели Бране кој денес е сам свој шеф, но и свој вработен, па за сите обврски, за сите грешки или за добро завршената работа, тој е и виновник и заслужен, како-кога. Нели, кој работи, нормално тој и греши“, се смее Бране.

Сепак, изгледа дека неговите заслуги се сепак многу побројни од грешките. Неговите кокошки живеат како вистински госпоѓи, а Бране, освен за хигиената на просторот во кој спијат (кокошарник од 100 м2) и за безбедноста на просторот во кој се шетаат (двор со зеленило и дрвја со површина од 1.200 м2), се труди да им создаде и пријатна атмосфера така што им пушта музика. Некогаш е тоа класична музика, Моцарт и слично, а некогаш, кога е зафатен, им бира некоја добра радио-станица и радиото цел ден им свири пријатна и тивка музика. Така звуците кои инаку доаѓаат однадвор не можат да им предизвикаат стрес на кокошките.

„Тие можат целосно да уживаат во денот, а имаат и бодигард, тоа е нашиот миленик, воедно и чуварот на фармата, шарпланинката Дона која добро си ја работи својата работа со обезбедувањето“, се смее овој млад и вреден фармер.

Кокошките пак, за возврат му несат јајца. Бране најмногу ги сака испржени на око, а за вкусот, вели, „кој не пробал домашно јајце, не знае што е јајце“.

На фармата најбројни жители се кокошките, а покрај нив одгледуваат и препелици.

„За препелиците условите се поинакви бидејќи тие се водат како полудиви животни и не можат да опстанат во дворот самостојно, туку мора да се во ограден простор“, објаснува нашиот соговорник.

На фармата, покрај чувањето кокошки за јајца периодично имаат и за месо.

„Токму ова, но и самиот факт што се премногу (повеќе од 500 кокошки), е причината што не им даваат имиња.

„Кога сме кај имињата не им даваме посебно име бидејќи вкупно се повеќе од 500 кокошки и не е баш лесно да се запамти секое посебно. А, се разбира, знаеме и ние да испечеме некогаш за своја душа или да направиме добра чорба“, признава Бране кому му е жал затоа што многу од неговата генерација и помлади, никогаш не го почувствувале вкусот и мирисот на домашните кокошки. 

 И на крајот, Бране навистина ја сака оваа работа и се пронаоѓа тука бидејќи смета дека сточарството и ратајството се благородна работа.

„Произведувам храна која е здрава и придонесува многу во секојдневјето на луѓето кои сакаат да ја консумираат. Тоа ме исполнува. Имам своја слобода и време да ги организирам сите обврски. Да, доста е напорно, нема работно време и бара целосно посветување во работата, но кога се сака се наоѓа време за сѐ. Воедно ги охрабрувам сите млади кои сакаат и имаат услови, да започнат со своја идеја и работа на село. Нема да згрешат!“, вели овој инспиративен млад лик од нашите краишта кој има во план да продолжи да работи искрено, безбедно и да произведува здрава храна.

Муштериите на Еко јајце се од сите возрасти, иако најбројни консументи се  најмладите.

„Покрај луѓето од нашиот регион, доаѓаат муштерии и од Гостивар и Скопје но и ние вршиме достава. Во Тетово секојдневно, а во Скопје еднаш неделно, на домашна адреса, така што нашите потрошувачи секогаш добиваат свежи јајца директно од гнездо до нивната трпеза“, завршува Бране.