Чомлек од кујната на баба Марија: Се прави еднаш годишно, а се памти цела година

1.623

Мојата мајка Велика го правеше чомлекот еднаш годишно, ама затоа го чекавме со душа. Најдов пред некој ден кромитчиња на пазар и решив да им го направам на ќерките и на нивните семејства токму онака како што го правеше таа, вели 88-годишната Марија Радованац

Чомлек е македонско традиционално јадење, иако самото име е турско и значи грне. Нашата домаќинка, госпоѓа Марија Радованац, која е родена битолчанка, вели дека таа го приготвува по рецептот на мајка ѝ Велика, а самата не се сеќава баш на тоа која е разликата помеѓу битолскиот рецепт за чомлек и оној за таканаречените, прилепски, охридски, па дури и овчарски чомлек. Во Бугарија пак, овој рецепт се нарекува „македонски чомлек“.

Нашата баба Маре вели дека тој се прави, поточно, се „крчка“ многу долго и на тивко, па веројатно затоа и се прави еднаш годишно и тоа обично токму во овој период од годината.

„Мојата мајка Велика го правеше чомлекот еднаш годишно, ама затоа го чекавме со душа. Најдов пред некој ден кромитчиња на пазар и решив да им го направам на ќерките и на нивните семејства токму онака како што го правеше таа“, вели 88-годишната домаќинка.

Секако, ако најде мали кромитчиња какви што се употребуваат за ова јадење, ветува, ќе го направи барем уште еднаш оваа зима.

Состојки:

1кг телешко месо или свинско месо (може и пола-пола)

1.5 кг малечки кромитчиња

неколку цели и нелупени чешниња лук

200 г суви сливи

Суви црвени пиперки

моркови по вкус

2 дл црвено вино

100 мл доматно пире

100 мл масло или свинска маст

Сол, црн пипер

Приготвување:

Месото кратко пропржете го на малку маснотија, додадете вода и на тивок оган динстајте околу 2 часа. Главиците кромид исчистете ги и додадете ги цели во тенџерето со месо.

Додадете ги и сувите црвени пиперки, сувите сливи, морковите, зачините и виното и нека крчка сѐ заедно уште два часа. Оставете уште десетина минути да прокчка, а потоа содржината префрлете ја во земјено тавче. Вомеѓувреме додадете ги и целите чешниња лук и доматното пире.

Некои го потпекуваат во рерна, но баба Марија го направила на рингла, а резултатот беше совршен.