Шест причини зошто компирот е добар за нашето здравје

Фото: Freepik
255

Печените и пржените компири содржат високо ниво на калиум, околу една третина од дневниот препорачан внес на калиум. Сепак, луѓето кои имаат бубрежна болест треба да внимаваат на внесот на компири

Прекумерното консумирање на која било храна не е добро за здравјето, а некои истражувања сугерираат дека прекумерната потрошувачка на производи од компир е поврзана со висок крвен притисок. Но, најчесто проблемот е во начинот на кој ги обработуваме и подготвуваме компирите.

Имено, компирот содржи многу витамини и други хранливи материи кои се неопходни за нашето здравје. Еве шест причини зошто компирот е добар за нашето здравје.

Витамин Ц

Кога луѓето ќе помислат на витамин Ц, на ум обично им доаѓаат портокали и други агруми. Но, и компирот е важен извор на витамин Ц. Еден компир од 150 грама во просек содржи околу 15 проценти од дневната препорачана доза на витамин Ц.

Витаминот Ц е многу важен за нашето здравје бидејќи ја подобрува функцијата на имунитетот, содржи антиоксиданти, игра клучна улога во формирањето на сврзните ткива, а исто така е важен и за здравјето на нашите заби. Недостатокот на витамин Ц е поврзан и со губењето на забите.

Витамин Б6

Овој витамин е клучен за работата на повеќе од 100 ензими во телото, овозможувајќи им да ги разградат протеините – процес кој е клуч за правилното функционирање на нервите. Ова е можеби причината зошто витаминот Б6 е поврзан со доброто ментално здравје.

Еден компир содржи околу четвртина од препорачаната дневна доза на овој витамин.

Калиум

Калиумот е важен за регулирање на електричната сигнализација во мускулите и нервите. Токму поради тоа, превисокото или прениското количество на калиум во телото може да ја запре работата на срцето.

Печените и пржените компири содржат високо ниво на калиум, околу една третина од дневниот препорачан внес на калиум. Сепак, луѓето кои имаат бубрежна болест треба да внимаваат на внесот на компири. Имено, доколку бубрезите не работат правилно, тоа може да ја оневозможи способноста за исфрлање на вишокот калиум од телото.

Колин

Холинот е соединение кое се врзува за мастите за да создаде фосфолипиди, градежни елементи на клеточните ѕидови. Од витално значење е да се внесува доволно холин бидејќи е неопходен за здрав мозок, нерви и мускули. Компирите, сојата и месото содржат најголеми количини на холин.

Добри се за варењето

Готвењето и ладењето на компирите пред да се конзумираат овозможуваат формирање на отпорен скроб. Овој здрав скроб му помага на нашето тело на многу начини и исто така делува како пробиотик кој е важен за здрав цревен микробиом. Иако ладниот варен компир затоа потешко се вари, во тој процес се создаваат и масни киселини, кои се исклучително добри за здравјето на дигестивниот систем.

Покрај тоа, овие масни киселини помагаат и во работата на метаболизмот бидејќи го намалуваат нивото на шеќер во крвта. Сето ова го прави варениот компир нискокалорична, хранлива и заситна храна.

Не содржи глутен

Компирите се исто така природно без глутен, што ги прави одлична опција за луѓето со целијачна болест или за оние кои треба да избегнуваат глутен, пишува Science Alert. Истото важи и за слаткиот компир кој содржи малку повеќе калории и јаглехидрати.