Што ме гледаш, чести пиво

524

Денес е првиот петок во август, денот кој од 2007.година се слави како Меѓународен ден на пивото. Ги побаравме нашите пријатели пивољупци, пивопијци, пивопознавачи и пивоправачи и ги прашавме како тие ќе го поминат овој убав и за нив празничен ден.

Денес, ако не сте знаеле, е меѓународен ден на пивото и можеби не е најпознатиот празник во светот, но на големите љубители на пиво и на неговите производители, им е омилен.

Нас на овој ден не потсети еден токму таков пивољубец, пивопиец, пивопознавач, пивски судија, сопственик на пивотека, организатор на Пивски салон и сопственик на порталот чие име е, а како поинаку ако не, „Сакам пиво“.

Станува збор за скопјанецот Марјан Костадиновски, чија порака за денов е многу трезвена и едноставна: „Консумирајте умерено и одговорно заради вас и блиските околу вас. Тоа е мојата порака“, се смее Мац кој на својот ФБ профил објави и фотографија на која токму по повод денот носи маица со интересен натпис: „Шо ме гледаш, плати пиво, ебаго“!

Фото: Фејсбук

Да, денес е првиот петок во август, денот кој од 2007.година се слави како Меѓународен ден на пивото, а востановен е во Калифорнија. За неколку години од локална манифестација прераснал во празник од светски размери.

Во чест на денешниот меѓународен ден на пивото, скопскиот пиварски крафт бренд СК091 изразува благодарност до сите локални поддржувачи на оваа занаетчиска гранка.

Всушност, станува збор за Димитар Блажевски, крафт пивар и сопственик на овој бренд кој веќе 5 години е дел од домашната пивска крафт сцена. Од нашиот последен разговор, тој има и доста новости, а со последните две пива е присутен и на хрватскиот пазар.

„Прва крафт лименка, прва соработка и прв gypsy brew кај нас. Можеби сме тивки, ама работиме“, се смее тој и објаснува дека влегол во соработка со македонско/хрватска пивара.

„Додека тие ме шират мене низ Хрватска, јас почнувам да ги носам нивните пива кај нас. Како за чудо, иако сме сите Македонци, можело да се соработува“, вели Димитар.

Тој порачува дека, иако кај нас крафт пивото е уште во зародиш, сепак, своите пионерски чекори, полека, но сигурно ги изодува со амбиција да фати сериозен приклучок кон светските трендови и светската сцена, која е веќе етаблирана.

„Пивата кои ги куваме со особено уживање и во кои ја внесуваме нашата лична креативност би сакале да ги задоволат вкусовите, не само на пошироките почитувачи на оваа сцена, туку и на вистинските сладокусци. Одличен доказ за тоа е првата, сега веќе и продолжена соработка меѓу македонскиот СК091 со хрватската пивара Hotch Potch и проширувањето на крафт пивата на повеќе меѓународни пазари. Брендот СК091 ви посакува убав летен ден и ви порачува да го направите вистинскиот избор за летно освежување во деновите што следат“, порачува Димитар.     

И третите пивољупци и пивари кои ги одбравме за да го збогатат овој пивски ден се нашите пријатели, браќата Горан и Марјан Бакревски, сопственици на првата крафт пиварница во Битола – „Бак“. Тие ни рекоа дека денов ќе го поминат работно, и тоа, после обврските на Горан во неговата стоматолошка ординација, а на Марјан со музиката, ќе продолжат со работа онаму каде што се чувствуваат најдобро, во својата микропиварница каде што работат со љубов, а работа ги прави вистински среќни.

„Да живее мајсторлукот кое од слад, хмељ, квасец и вода создава извонреден пијалак без вештачки додатоци, емулгатори и конзерванси и повеќе млади луѓе да си ја најдат својата професија од соништата“, порачуваат Бакревски шегувајќи се дека денес, во текот на денот е пожелно е да се „вртат тури“ и да се испробуваат старите омилени, но и новите пивски вкусови. Добро, но не и премногу разладени.

Пивото во многу земји се смета за прехранбен производ, а се прави од квасец, хмељ, јачмен и вода. Тоа е едно од најстарите пијалоци и се правело и во древен Египет. Застапен е насекаде низ светот, особено поради научно докажаниот факт дека е природен, биолошки избалансиран производ, кој, на пример, во еден литар има енергетска вредност еквивалентна на иста количина полномасно млеко.

Од клучно значење е сепак, умереноста во консумирањето алкохол, а тоа важи и за пивото. Иако има помал процент на алкохол, пивото во прекумерна количина може да ги има истите несакани ефекти како и жестоките пијалаци.

И така, ако сте и вие љубител на пиво, уживајте во некое одбрано, крафт, ладно пивце под дебела сенка и почестете некого, да ви биде убав денот!