5 вкусни причини зошто треба почесто да готвиме со суви домати

Фото: Pixabay
317

Полни со умами, сувите домати се еден од кулинарските трикови кои на јадењата им даваат убав домашен вкус…

Сувите домати се идеален зачин во секоја остава, бидејќи им даваат многу вкус на јадењата, а рокот на траење е практично неограничен. Италијанците ги обожаваат и од дамнина ги сушат во текот на летото, за во зима, додека не изгубат речиси деведесет проценти од својата тежина со испарување на водата, оставајќи зад себе концентриран вкус и хранливи материи. Процесот на сушење обично трае една до две недели, во зависност од временските услови. Сончевата медитеранска клима е идеална за сушење на воздух, но може да се сушат и во рерна или дехидратор.

Мирисни, во исто време слатки и освежителни, им даваат домашен вкус на сосовите, супите, тестенините или оризот, месото и зеленчукот. Сувите домати доаѓаат во тегли со масло или без ништо, во вреќички и двете варијанти се добри.

Тие треба да се рехидрираат пред да се зготват. Прво исплакнете ги под млаз вода за да се ослободите од вишокот сол, а потоа ставете ги во тенџере со вода колку да ги покрие. Варете ги на силен оган додека не зовријат, а потоа исклучете го огнот. Оставете да отстои додека не се излади и исцедете ги и исушете ги. Доматите во маслиново масло најдобро се сервираат директно од теглата. Ако се чувани во добро масло, користете го како прелив за салата.

Вкусни салати
Моцарелата и сушените домати се фантастична комбинација во вкусни салати. Комбинирајте ги со туна, пилешко, печен зеленчук… можностите се бесконечни. Ставете грст зелена салата на дното на сад или чинија и на неа ставете исечени сушени домати и моцарела исечкана на коцки и лисја од босилек. Зачинете ја салатата со маслиново масло и балсамико и сол и црн пипер по желба.

На пица или леб
Сувите домати се идеален додаток за домашен леб, колачи, кифлички, пица или погача. Можете да ги пробате во комбинација со карамелизиран кромид и солени инчуни. Добро одат и со рендано сирење и зачини како рузмарин или чили.

Може и во суши
Ако сè уште не сте имале шанса да го направите дома, домашното суши можеби ви изгледа како виша математика, но со малку пракса не е проблем да се направат ролни полни со вкус. Поради месната текстура и целосниот вкус, сувите домати се идеален додаток на оризот и морските алги. Во вегански и вегетаријански варијации, можете да ги комбинирате со тиквички, краставици, пиперки… За уште поголем вкус, можете да си играте и со пире од јаболки или со балсамико.

Неизбежни тестенини
Пестото и сувите домати служат како совршена инспирација за подготовка на брзи јадења од тестенини или ориз, а не заборавајте и на сендвичите. Како додаток можете да користите и намаз од хумус или авокадо и ќе добиете здрав и хранлив оброк кој ќе ве држи сити долго време.

Во супи
Сувите домати, исто така, готвачите ги додаваат во супите и сосовите. Додадете неколку парчиња во болоњезе сос за да му дадете убав, домашен вкус – а исто така ќе послужи како прекрасна декорација за густи, кремасти супи.