Дали е подобар чајот во кесички или рефус?

Фото: Unsplash
225

Еден од главните аргументи во корист на рефус чајот е неговиот повисок квалитет од чајот во кесички. Но, има и друга околност која фрла сенка на кесичките чај

Љубителите на чај треба да проверат од што се направени кесичките во кои е спакуван чајот и кои ги потопуваме во врела вода, бидејќи можеби пијат микроскопски пластични честички заедно со нивниот омилен пијалок, покажа канадско истражување кое подигна голема прашина пред три години, како кај потрошувачите, така и кај производителите. Имено, тимот од Универзитетот Мекгил во Монтреал набавил чаеви од четири марки спакувани во кесички. Ја извадиле содржината и празните кесички ги потопувале во вода загреана на 95 Целзиусови степени, како да прават чај.

Експериментот покажал дека една кесичка чај може да ослободи големи количества пластика во вашата шолја додека се натопува во многу топла вода. Поточно, 11,6 милијарди микропластични честички и 3,1 милијарди нанопластични честички, целосно невидливи со голо око. Тие количини се илјада пати повеќе од оние што се наоѓаат во други намирници, според студијата објавена во 2019 година во списанието Environmental Science & Technology.

Изберете рефус чаеви
Водачот на тимот на Мекгил, Лаура Хернандез, изјавила за медиумите дека се изненадени од количината на пластика што се ослободува во споредба со онаа забележана во истражувањето со водата во пластични шишиња. Според нејзиното мислење, бројот на откриени честички е толку голем бидејќи истражувањето се концентрирало на двата најмали типа на честички – микропластика и нанопластика. Друга можна причина е фактот дека во нивното истражување пластиката била изложена на речиси зовриена вода, а не на вода на собна температура, истакнала Хернандез.

Јавноста не е запознаена со брендовите и производителите на чаеви кои се користеле во истражувањето. „Потрошувачите треба да избегнуваат чаеви во амбалажа, а не специфична марка или тип на чај“, вели таа. „Ги охрабруваме потрошувачите да купуваат чај на големо што се продава без пакување или во хартиени кеси. Заобиколувањето на кесичките чај има и еколошка димензија бидејќи го забавува растечкото загадување со пластика.

Пластиката дава пирамидална форма
Чајот, без разлика дали е „вистински“, од азиското растение Camellia sinensis или од други билки, се подготвува со натопување на суви и здробени листови во топла вода. Соединенијата одговорни за мирисот и вкусот се раствораат речиси веднаш во вода, полесните полифеноли, кофеинот и соединенијата поврзани со текстурата нешто побавно, а најтешките соединенија (потешки полифеноли, флаваноли и танини) најбавно. Колку подолго чајот останува во водата, толку повеќе танин се ослободува. Умерена количина на танин го збогатува вкусот, но премногу, му дава горчина. Ако сакате силен чај, подобро е да користите повеќе листови или кесички отколку да ја оставите смесата да кисне подолго бидејќи така само ќе го засилите горчливиот вкус.

Повеќето љубители на чај (96% од британските љубители на чај) подготвуваат пијалок со кесички, а тие главно се направени од хартија и мала количина пластика. Некои од водечките производители се префрлија на кеси со поголема пластична содржина бидејќи тоа помага кесичката да остане во пирамидална форма подолго, што овозможува подобро извлекување на состојките од листовите. Преовладува мислењето дека чајот од кесички е полош бидејќи најмногу содржи листови од пониска класа.

Влијанието на пластиката врз здравјето
Но, додека чајот на големо содржи повеќе биоактивни материи, ливчињата во кесичките се сечкаат на помали парчиња, што наводно го подобрува процесот на ослободување на состојките во водата. Исто така, состојките во кесичката понекогаш вклучуваат повеќе стебленца, кои содржат повеќе Л-теанин. Затоа, чајот направен од расфрлани листови би можел да има подобар вкус, но оној од кесичката има повеќе хранливи материи. А какви се последиците од микро и нано честичките од пластика, ако ги пиете со чај? Др. Хернандез вели дека сè уште нема дефинитивно сознанија за можните здравствени ефекти. Тоа значи дека љубителите на чај, во исчекување на нови сознанија, можат да го пијат својот омилен пијалок од кесички – на сопствен ризик.