Храната не зборува само една приказна, приказна за вкусот и мирисот на таа храна, туку и за традицијата, за тоа зошто го правиме тоа, па каков крај е тоа, каква е земјата, климата, обичаите, па и влијанијата. Нејзиниот изглед, мирис и вкус, содржат сто приказни, вели нашиот соговорник, најдобриот лиценциран тренер за интерпретација на наследството
Ако некое патување, некој историски локалитет, некое јадење или место ви останале во сеќавање и многу години потоа, веројатно се прашувате зошто е тоа така и зошто токму тоа ви оставило толку силен впечаток што го помните со години потоа. Објаснувањето лежи во интерпретативниот пристап на културното наследство, но и на гастрономијата како културен идентитет.
Неодамна бев на тридневна едукативна обука за толкување на наследство за одржлив развој на културниот и природниот туризам со акцент на гастрономијата и иако на почеток мислев дека можеби сум згрешила што сум таму, со оглед на тоа што оваа обука беше пред сѐ, за оние кои работат во областа на туризмот и угостителството и кои произведуваат гастрономски производи засновани на природното и културното наследство, набргу сфатив дека ова може да е интересно и за оние кои пишуваат за храна. За тоа дека на храната може да се гледа како носител на наследството; како пример за разбирање на подлабоката вистина зад нашето културно наследство, за нејзината поврзаност со традицијата и карактеристиките на местото, поточно за „вкусот на местото”. Дека сето ова е познато како „интерпретација на наследството“, дознав од најдобриот лиценциран тренер за интерпретација на наследството и координатор на тимот Eno-Gastro во Interpret Europe, загрепчанецот Дубравко Фијачко. Тој e и автор на програмата за гастро интерпретација, единствена таква, не само во Хрватска, туку и надвор. Исто така, има долгогодишно искуство во туризмот, комуникациите и одржливиот развој (EUROPARC), сопственик е на туристичка агенција, а работел и како радио водител и копирајтер во неколку маркетинг агенции. Во 2021 година ја добил националната награда „Simply the Best“ за соработка со локалната заедница и заедничко производство на креативни туристички производи.
Фијачко, со прекар Макс, токму благодарение на овој интепретативен пристап, успева дури и на оние на кои доколку не знаете како да им го објасните и приближите регионалниот обичај за пиење ракиичка рано наутро, би им изгледал како знак дека сте нација на алкохоличари, успева да им го покаже и да им го доближи на вистински начин.
„Која е разликата на интерпретативниот пристап наспроти другите два можни пристапи (информативен и сторителинг), кога сакаме нешто да им покажеме или да им приближиме на гостите, зошто е важно да ги вклучиме и нашите гости/посетители ако навистина сакаме да им биде јасно тоа што им го покажуваме?
Првиот, информативен пристап е кога само ќе ги поделиме информациите за нешто. Во тој случај, на лицата на кои им презентираме, им се обраќаме само интелектуално.
Вториот би бил кога се обидуваме да ги вклучиме и емоционално, односно им раскажуваме приказна (storytelling) или на некој интересен начин сакаме да им ги приближиме информациите кои се дополнети и со некои емоции. Тоа е сѐ уште „едносмерна комуникација“ затоа што им пренесуваме нешто.
Третиот пристап би бил т.н. „холистички“, во кој покрај сѐ претходно наведено, всушност настојуваме прво да се приближиме до интересите на оние на кои сакаме нешто да им приближиме, а дури кога ќе тргнеме од нешто што им е ним познато, всушност ги водиме кон нешто ново.
Конкретен пример за овој трет начин на пристапување (интерпретативен) кој го применувам на странците (можеби од потполно друга страна на светот, од сосема друга култура, начин на живот, традиција,…) е оној со кој се обидувам да им го приближам нашиот обичај за пиење ракија рано наутро.
Значи, прво им се „приближувам“ на тој начин што ги прашувам која е нивната утринска рутина. Најчестите одговори се дека наутро вежбаат, дека пијат кафе или чај, утринска хигиена, можеби дури и медитација, или пијат лек….
Кога сме веќе на „нивен терен“, значи во активности кои им се ним сосема „нормални“, вообичаени и целосно разбирливи, ги воведувам во „нашиот свет“, обично со реченицата: „А што би рекле да ви покажам како ние во Хрватска го имаме сето тоа во едно? Тоа е – ракија!
Секако, тогаш им објаснувам дека луѓето знаат наутро да се напијат прво ракиичка и на тој начин да ги дезинфицираат устата и организмот, па потоа да почувствуваат топлина во телото како да се напиле врело кафе или чај, можат да се чувствуваат и како да вежбале, затоа што ракијата ќе им ја поттикне циркулацијата, а ако се напијат некоја ракиичка плус, се чувствуваат и како да медитирале“, се смее Макс.
Секако, знае да се пошегува на овој начин, но суштината е во тоа тој успева да им приближи едно подлабоко значење на испивањето ракија рано наутро. Да не гледаат на тоа само онака како што тоа сигурно им изгледа на прв поглед – дека сме чудни луѓе со чудни обичаи, евентуално, алкохоличари.
„Во ред, тие доаѓаат од друга култура, но суштината на интерпретацијата е да разберат. Како што велат и за најдобрите учители, најдобрите интерпретатори само покажуваат каде треба да се гледа, а не и што да се види. Интерпретаторите всушност нудат „патишта“, даваат идеи, а на некој е да одбере начин кој му одговара за да дојде до тоа т.н. „подлабоко значење“.
Важно е прво да им се приближиме на луѓето со нешто што им е познато и јасно, за да ги поведеме кон нешто ново за да можат тоа навистина да го разберат“, вели Фијачко.
Накусо, ова е токму оној дел со кој Макс не вовлече во приказната за она што тој сега го работи со голема страст и посветеност.
Неговиот татко бил винар па очекувал неговиот единствен син да ја продолжи оваа семејна приказна на производство на вино, но Макс имал други планови.
Се шегувавме дека има трауми од детството, кога неговиот татко после само пет дена одмор им најавувал враќање дома затоа што е време за некоја нова работа околу лозјето и винаријата. Макс вели дека тој сака да патува и едноставно не сакал да се врзе за нешто што бара да е постојано тука, како што тоа го бара винарството.
„Јас сакам да патувам, а лозјето и винарството се толку голема обврска, што е исто како да набавите домашен миленик, а мислите да бидете далеку со денови, па потоа нема кој да се грижи за него. Не се гледав себеси во нешто што ќе ме врзе за некое место за да не можам да отидам некаде слободно како што не можеше мојот татко“, објаснува Макс.
Сега единствената негова врска со винарството е тоа што сака да пие вино што го направил некој друг, но и едукативните работилница за толкување на виното и винските производи како наследство кое е од голема вредност за одржлививиот развој на културниот и природниот туризам.
Кога првпат слушнал за поимот интерпретација на наследство, признава дека не го привлекол веднаш бидејќи веќе бил туристички водич со 5 ѕвездички и, како што вели, сето тоа му делувало познато.
„Сепак, интерпретативен пристап е нешто друго. Тоа би било нешто со што ние ги поврзуваме, од една страна, интересот на оние кои дошле во некое место, се обидуваме да го најдеме нивниот интерес и потоа сакаме да ги поврземе со вредностите и значењето на она место каде што дошле“, објаснува Макс.
Тој и натаму има туристичка агенција и работи повеќедневни тури низ Хрватска, Словенија, низ Европа. Станува збор за приватни тури, односно, не за големи групи (автобус со 40 луѓе), туку за семејства, за парови, помали друштва или понекогаш и за само една личност и е малку потешко зашто мора да сте целосно посветени на овие луѓе во целиот период.
„Мене токму тоа ми беше интересно. Но сфатив дека иако се сметав себеси за добар водич и иако некои работи кои се подразбираат како интерпретативен пристап сум ги правел и интуитивно, постојат модели како да им приближиш нешто на луѓето, дури и ако доаѓаат од другата страна на светот и се вљубив во тоа. А овој пристап е применлив во разни дејности, не само во туризмот. Може да го примениме за било што, особено кога станува збор за наследство што сакаме да им го приближиме на другите, на начин на кој тоа ним ќе им биде релевантно, разбирливо и интересно. Некогаш доаѓате некаде, забавно е, водичот е супер, но кога ќе си одите, никому ништо, а поентата е во тоа луѓето и откако ќе се вратат од тоа место каде што биле, да им остане нешто. Последнава година ипол со тим луѓе почнав да работам еден посебен модул кој се однесува токму на гастрономијата. Прво почнав со винарите што ми беше блиско баш заради татко ми, а потоа се прошири на целата гастрономија. Зошто гастрономија? Затоа што интерпретацијата би требала да го поврзе значењето на некое место со интересите на гостите, а храната сама по себе веќе е спона.
Во храната веќе го имаме тоа и сега само сакаме да додадеме нешто дополнително, нешто што е скриено зад таа храна, зашто храната не зборува само една приказна, значи само приказна за вкусот и мирисот на таа храна, туку и за традицијата, за тоа зошто го правиме тоа, па каков крај е тоа, каква е земјата, климата, обичаите, па влијанијата, сето тоа го зборува храната. Сега гастрономијата станува најважна, а исто така и готвењето. Се обидуваме да вклучиме разни сетила кај човекот, храната, нејзиниот изглед, мирис и вкус, содржат многу информации, сто приказни.
Кога работиме со некоја локална заедница во која луѓето произведуваат слични работи, им велиме дека не треба да се доживуваат како конкуренција, туку напротив, ако секој од нив биде подобар цела дестинација ќе биде подобра. Луѓето може да се поврзат, еден произведува сирење, друг прави леб, трет вино и наеднаш целиот тој крај станува важен. Странец нема да дојде заради некој Петре, туку заради сѐ заедно, ќе добие слика за цел тој простор“, вели нашиот соговорник.
Во меѓувреме, освен како тренер, Фијачко како туристички водич им создава прекрасни спомени на своите гости.
„Во Хрватска не постои национално јадење, јадење кое секаде го има. Секоја регија на Хрватска има нешто свое. Тоа е затоа што не била независна и секој дел од Хрватска се развивал сам за себе. Кога јас им покажувам храна на гостите па им велам, ако не го пробате тоа јадење тука, утре веќе го нема таму каде што одиме, истовремено им раскажувам и за историјата, но не сувопарно, кажувајќи им години, туку се обидувам да им ги приближам работите, активно да ги вклучам во се. А преку храната ќе ги запознаам и со историјата и со геологијата и со културата на тоа место, со тоа како се менувале таа историја и тоа наследство. Само преку храната, ќе им раскажеш и историја и филозофија, на ненаметлив начин, а сепак да научат нешто и истовремено да уживаат во тоа. Во интерпретацијата сум затоа што сфатив дека е тоа единствен начин на кој луѓето ќе разберат нешто кога ќе дојдат некаде. На пример, наместо да им кажам: баба ми ова го правела вака, јас ги наведувам да раскажат за својата баба, па така ќе им го направам поблиско и поразбирливо и она што го правела мојата баба, иако е тоа сосема различно од тоа што го правела нивната“, објаснува Фијачко.
А она што тој ќе го запамети од својот престој во Македонија е селското месо, неговото омилено јадење кое практикува да го јаде и во македонски ресторан во Скопје, салатата со пиперки и лук, но и таксистот кој го возел од Сарај до Дебар Маало.
„Иако не е туристички водич, ниту интерпретатор, тој е феноменален човек, кој на пристапен начин, а тоа е таа интуитивна природна интерпретација, ми покажуваше патем некои места кои мислеше дека е добро да ги знам, ми даваше идеи каде би можел да одам и овој таксист сега е за мене Скопје“, завршува Фијачко со желба наскоро повторно да се врати и да види/пардон, да вкуси се што не стасал овојпат.