Време е за омилениот мармалад, а време е и за јадење и за сушење сливи

Фото: Unsplash
359

Сливите во овој период од годината е штета да се пропуштат. Јадете ги свежи, исушете за зимоска и секако, направете мармалад. Имаме одличен рецепт за мармалад од сливи со црно чоколадо и рум

Еден од омилените мармалади на многумина, покрај оној од кајсии, е и мармаладот од сливи. Сега е таман период за сливи, ги има во изобилие, и тоа по ниски цени. Може да се најдат дури и по цена од 20 денари кога ги купувате на гајба, а дел од нив можете да исушите за зимоска, а дел и да си ги јадете свежи.

Сливите се нискокалорично овошје и имаат богати нутритивни својства: витамин Ц, витамин Б6, бакар, витамин Б2, витамин Б3, витамин К, магнезиум, железо, калциум и особено голема количина калиум (дури 240 мг на 100 грама сливи). Тие се богати и со влакна, 2 грама на 100 грама сливи. Постојат повеќе сорти на сливи, а процентот на антиоксиданти во нив варира во зависност од сортата и местото каде што се одгледуваат.

Претходните истражувања покажале дека сливите ги јакнат коските, го намалуваат ризикот од заболување од рак на дебело црево, но и дека консумацијата на 12 сливи со просечна големина на ден, во текот на два месеци го намалува нивото на лошиот холестерол.

Богатството и комбинацијата на нутритивни материи во сливата, имаат бројни позитивни дејства на човечкиот организам.

Имаат диуретично дејство и помагаат за спречување на настанувањето на едеми (собирање на вода во организмот).

Помагаат за спречување на кардиоваскуларните болести. Калиумот и железото кои се наоѓаат во сливите се задолжени за создавање на црвени крвни зрнца и на тој начин влијаат на регулирање на отчукувањата на срцето и нивото на крвниот притисок.

Витаминот К во сливата спречува хипертензијата и формирањето на крвни згрутчувања.

Помагаат за лекување на цревни пореметувања. Растителните влакна помагаат за варење на храната. Присуството на витамини од Б групата помага за разбивање на молекулите на протеините, мастите и јаглените хидрати и нивната метаболизација.

Сливите содржат сорбитол и исатин кои го регулираат дигестивниот систем што мму овозможува на телото консумирање на раЗни видови храна. Сето ова помага во борбата проив констипацијата.

Ја јакнат имунолошката состојба на организмот, го подобруваат здравјето на очите поради присуството на витамин А. Еден вид на раститени влакна кои се наоѓаат во сливите најдобро ја чуваат ретината, а воедно го штитат окото од штетното УВ зрачење.

Сливите учествуваат во борба против анемијата, а особено се добри за детоксикација на црниот дроб, цревата и бубрезите, но и на целиот организам.

Исто така, го чуваат респираторниот систем, па се препорачуваат во исхраната на заболените од бронхитис.

Рецепт за мармалад од сливи:

Состојки:

5 кг модри сливи
600 г шеќер

100 г чоколадо (70% какао)
5-6 големи лажици рум

Приготвување:

Измијте ги и преполовете ги сливите. Ставете ги во тенџере, додадете го шеќерот и варете ги.

Пената што се создава за време на готвењето може да ја тргате, но не е неопходно.

Кога убаво ќе омекнат сливите (по 20-тина минути) ако сакате згмечете ги со алатка за пире или иситнете ги со миксер, па оставете ги да се варат уште неколку минути.

Потоа додадете ги чоколадото и румот и постојано мешајте додека да се растопи чоколадото.

Гответе уште 10 минути и џемот е готов!

Совет: Ако сакате, додадете и 2-3 кесички ванилин шеќер и малку цимет и 20-тина мл вински оцет ( ½ филџан за кафе) кој се става 15-тина минути пред крај за да има џемот убава црвена боја, мирисот испарува и не се чувствува.