Додека Ставрос Лампринидис, еден од најпознатите баристи на светот ми го подава кафето во кое се чувствува сета негова љубов и страст кон најпопуларниот напиток на светот, знам дека би можела со часови да уживам во аромата и да слушам муабети за кафето, меѓу кои и оној дека, за него, етиопиското, кафето од Уганда или она од Панама, се многу подобри од извиканото „копи лувак“..
Еден од најпознатите баристи на светот, атинчанецот Ставрос Лампринидис, деновиве во Скопје го обучува македонскиот тим на баристи во новоотворениот локал „Еверест“, инаку еден од најголемите синџир ресторани за брза храна во Грција, со повеќе од 200 локали низ целата земја, но и во поширокиот регион.
Првпат е во Скопје и воопшто, во Македонија и иако, освен од хотелот во кој е сместен, до Веро центар, немал време за прошетки, тоа му е доволно за да може да каже дека му се допаѓа.
„Местата се направени од луѓето и ако се луѓето пријатни и местото ќе биде такво“, вели тој. За тоа дека му е пријатно во средината во која се наоѓа, доволно зборува и неговиот однос со младиот тим во „Еверест“ со кој се соживеал целосно за само неколку дена.
Јас пак, додека во ноздрите го чувствувам мирисот на кафето од Уганда, испечено во речиси вонземските машини на грчката компанија iRm series (Inteligence roast machines), чиј раководител, бариста тренер и член на тимот на одделот за истражување и развој/бренд амбасадор, е тој, еден од најпознатите баристи во светот, сум уште поубедена во тоа дека чинот на пиење кафе треба да е целосно уживање кое нема да го попречуваат никакви киселкасти ноти во кафето што го пиеме, но и дека е најубаво кога ќе го приготви некој што вистински ужива во тоа.
Нашиот соговорник е токму таков. Со оваа работа се занимава од 1990 година, но целиот живот му се врти околу кафето. Неговиот дедо и неговиот татко се занимавале со кафе, печење и продажба, па тој некако природно се определил да се образува на факултет за туризам, во делот за угостителство, а потоа да заврши и повеќе семинари и да се стекне со диплома за барист. Сега е лиценциран бариста тренер во сите локали што се отвараат под брендот на „Еверест“.
Во 2014 година Ставрос станал и светски првак во категоријата за „ибрик кафе“, а има освоено и три втори места и едно трето на различни натпревари на темата – кафе во различни делови на светот.
Омилени кафиња му се етиопиското, кафето од Уганда и од Панама и ги препорачува наместо извиканото Кови Лувак за чие производство, вели, се малтретираат животните од чиј измет тоа се прави, се експлоатираат и живеат во крајно нехумани услови.
Ставрос Лампринидис е човек што и не памети кога првпат пробал кафе, но знае дека уште како многу мал, во неговиот дом во кој имале навика за појадок да јадат ѓеврек и кафе, постојано ги пикал прстињата во малите филџани со овој омилен напиток.
Иако звучи неверојатно, тој дневно пие по 20 до 30 кафиња, но утрото не го почнува со кафе, туку со 3 чаши вода. Дури потоа следува првото кафе во денот, кое е некогаш филтер кафе, некогаш еспресо, а понекогаш и грчко, односно, турско кафе.
Имено, тој нема проблем со тоа ова кафе сварено во ѓезве да го нарекува „турско“, бидејќи, како што вели, токму така е и заштитено од УНЕСКО. Подоцна, секоја земја во која тоа се пие му го даде името на својата земја, но црното кафе е турско, како што е и еспресото италијанско и тој нема тука никакви дилеми. Иако пие многу кафиња, тврди дека тоа, барем засега, не му прави никакви проблеми со здравјето и со спиењето.
„Досега немам проблеми ниту со несоница, ниту пак со срцебиење и покрај тоа што пијам толку многу кафе, но мислам дека е тоа така затоа што паралелно со кафето пијам и навистина многу, многу вода“, вели тој.
Што се однесува до омилени кафиња, а ги има испробано безброј, човек би рекол дека ќе му биде тешко да се одлучи.
„Секоја година различна земја во различен период има месец на кафето и од сите што ги имам пробано најмногу ми се допаѓа она од Етиопија, но сепак, потеклото на кафето не е пресудно, туку е многу поважно дали е направено со љубов. Затоа и најдоброто кафе што сум го испил досега е она што уште како малечка, откако ја подучив како, ми го направи мојата ќерка која сега има 18 години. Затоа што најдоброто кафе не го прават состојките, амбалажата, ниту брендот, туку тоа колку љубов внесува во него човекот што го прави“, објаснува Ставрос и додава дека секаде каде што оди како тренер, ја споделува со оние што ги подучува својата љубов кон најпопуларниот пијалак на светот.
Можеби токму затоа и неговиот татко секојдневно го чека со нетрпение токму кафето што му го приготвува неговиот син и без оглед што за да стаса дотаму му треба цел час, не пропушта ниту еден ден, а да не му го однесе на одење или на враќање од работа.
Ставрос вели дека од порано, кога во нашиве краишта се пиеше само турско кафе, досега, е направена навистина огромна промена, па освен што сега имаме повеќе видови на кафе, се усовршуваат и вештините, се прават најразлични комбинации, а многу е важен секако и начинот на кој се послужува.
Тој е неуморен и постојано се едуцира во оваа област, па можеби затоа е и вистински доктор за кафе. Од Скопје патот ќе го однесе во Саудиска Арабија, на голем настан на кој, секако, ќе го презентира кафето кое ќе се пече во машините на компанијата iRm series (Inteligence roast machines), а неговиот татко ќе треба да почека уште некој ден за да го добие своето омилено кафе направено од синот, исто како што и тој ќе треба да почека на она од ќерка му.