Засега, одгледувањето на култивирано месо е многу скапо, а самите производители се уште не се сигурни колку добро би биле прифатени нивните производи, бидејќи многумина ќе се согласат дека идејата за оброк одгледуван во петриев сад баш и не отвара апетит.
Многумина, поради љубов кон животните и грижа за планетата, го намалуваат или целосно се откажуваат од месото. Прехранбената индустрија внимателно ги следи трендовите, па исфрли цела палета на растителни производи богати со протеини. Но, индустријата отиде многу подалеку од тоа, а месото одгледувано во лабораторија може да се јаде со чиста совест. Новинарката Викторија Сибрук го пробала месото од лабораторија и го споделила своето искуство со Скај њуз, а ние го пренесуваме.
Секоја година, над 60 милијарди животни се одгледуваат на фарми за исхрана на луѓето. За нивно одгледување се трошат огромни природни ресурси, заедно со големото загадување на животната средина и влијанието врз глобалното затоплување. Месото и млечните производи се одговорни за 60% од емисиите на стакленички гасови во земјоделството. Секако, има и друга страна на медалот што сакаат да ја истакнат љубителите на месото, а тоа е дека е хранливо и полно со протеини, а животните придонесуваат за ѓубрење на почвата.
Решението на проблемот може да лежи во „култивираното“ или „клеточно одгледано месо“. Поимите опишуваат месни производи добиени од вистински животински клетки и одгледувани во лабораторија или култиватор. Индустријата ги претпочита термините „култивирано“ отколку „одгледано во лабораторија“, бидејќи тогаш го нема тоа научно-фантастично чувство.
Сè уште не е одобрено за пазарот
Сибрук ја посетила старт-ап компанијата Ајви Фарм во Оксфорд и разговарала со Роуан Римингтон, биолог и менаџер за производство, кој објаснил како започнува процесот на клеточно култивирано месо: „Се зема квадратен сантиметар маснотии или мускулни клетки, што е доволно за создавање 40 милиони клетки кои можат да траат вечно бидејќи клетките се репродуцираат бескрајно. Клетките се хранат со посебна течност за да можат да растат“.
Вака произведеното и добиено месо сè уште не е регулирано за пазарот, а пред да го проба, Сибрук морала да потпише изјава дека тоа го прави доброволно и дека презема одговорност за евентуални здравствени последици. Таа вели дека не се чувствувала како да експериментира и да се изложува на ризик, бидејќи два слични производи неодамна добија зелено светло од американските регулатори.
Дегустација и впечатоци
Сибрук добила едно ќофте од свинско одгледувано во лабораторија, едно од вистинско свинско месо и едно од растителни протеини (протеин од грашок).
„Култивираното ќофте има автентично крцкава надворешност, испушта масни сокови и се џвака на ист начин како свинското. Малку поголемо и посочно“, вели Сибрук и толкува дека Ема Луис, маркетинг менаџер на Ајви Фарм ѝ рекла дека причината можеби е тоа што вистинското свинско месо има повеќе заситени масти. Но, мастите се една од многуте работи, заедно со железото и аминокиселините, кои може да се прилагодат во зависност од тоа со што се хранат клетките. „Ќофтињата на растителна основа се бледи во споредба со култивираното и вистинското месо. Аромата на кромидот и зачински билки нејасно ја имитира вистинската работа, а меката конзистентност не одговара на вистинското месо“, ги опишала своите искуства Сибрук.
Сибрук вели дека се верува дека култивираното месо нема да го замени вистинското или месото од растително потекло, туку дека ќе заземе дел од пазарот, наводно проценет на околу 35 проценти. Засега, одгледувањето на култивирано месо е многу скапо, а самите производители се уште не се сигурни колку добро би биле прифатени нивните производи, бидејќи многумина ќе се согласат дека идејата за оброк одгледуван во петриев сад баш и не отвара апетит.