Не, ако ви е слабо железото, не мора да јадете спанаќ! Митови за исхраната за кои сè уште верувате дека се вистинити

Фото: Pexels
502

Информациите честопати се контрадикторни. Храната која до вчера беше извор на здравје сега е извор на болести и обратно. Затоа, не се придржувајте слепо за информациите, слушајте го својот организам

Кога станува збор за исхраната, вистината е дека секој има свое мислење за тоа. За жал, информациите врз основа на кои ги формираме нашите мислења доаѓаат и од компании кои финансираат истражувања во областа на исхраната. Информациите честопати се контрадикторни. Храната која до вчера беше извор на здравје сега е извор на болести и обратно. Факт е дека информациите повторени илјада пати ги прифаќаме како вистина, но не дозволувајте да се залажувате!

Јаглехидратите дебелеат!
Иако многу луѓе губат тежина кога ги намалуваат јаглехидратите и ги зголемуваат протеините во нивната исхрана, тоа не значи дека сите јаглехидрати се лоши и автоматски дебелеат. Сигурно е дека повеќе преработени јаглехидрати и пијалаци со додаден шеќер ни прават проблеми во одржувањето на витката линија. Меѓутоа, мешунките, интегралните житарки, овошјето и зеленчукот се многу покорисни како дел од секојдневната исхрана отколку ако се исфрлат од неа.

Замрзнатите производи имаат помалку хранливи материи!
Има луѓе кои во недостиг на свежо овошје и зеленчук нема да изберат замрзнато бидејќи веруваат дека тоа е дефицитарно со хранливи материи. Тоа секако не е така, бидејќи овошјето и зеленчукот се берат непосредно пред самиот процес на замрзнување. Имајте на ум дека витамините и минералите во овошјето и зеленчукот се губат побрзо на температури над нула степени.

Ако имате избор помеѓу замрзнато овошје од локален производител и свежо овошје од друг континент, одберете го замрзнатото, сигурно ќе биде побогато со хранливи материи.

Немасните производи се секогаш подобра опција од полномасните
Многу луѓе се плашат од мастите и секогаш избираат производи со малку маснотии затоа што мислат дека се поздрави. Честопати производите кои не содржат масти содржат поголеми количини на додаден шеќер и сол, а бидејќи се чувствуваме лесно кога ги јадеме, всушност јадеме повеќе.

Дефинитивно е подобро да се јаде полномасна храна во помала количина и да се задоволат потребите за хранливи материи, но и вкус.

Негативни калории во стебленцата од целер!
Целерот спаѓа во групата на намирници со ниска калорична содржина. Многу лесно се вклопува во исхраната на оние кои строго го следат својот внес на калории. Здравата и крцкава намирница одлично оди со различни сосови, како сирење или хумус.

Идејата дека целерот содржи негативни калории се заснова на фактот дека поради долго џвакање ќе се согорат повеќе калории отколку што има самата намирница. Сепак, немојте да се залажувате, кога станува збор за слабеење или одржување на витка линија, сè се врти околу внесот на калории и начинот на потрошувачка.

Моркови за подобар вид!
Мајките ширум светот ги убедуваат своите деца дека ќе имаат совршен вид ако јадат моркови. Колку и да се здрави, тие сè уште немаат магични својства кога е во прашање видот.

Овој мит потекнува од времето на Втората светска војна, кога се верувало дека морковите им помагаат на пилотите да го изострат видот. Сепак, во тоа им помогнала, пред сѐ, новата напредна технологија.

Вегетаријанската и веганската исхрана се најздравиот избор!
Вистина е дека на современата исхрана ѝ недостасува храна од растителна основа. Затоа е совршена идеја да додадете порција или две порции зеленчук плус во вашата секојдневна исхрана. Сепак, идејата дека „тревојадите“ се автоматски поздрави од „сештојадите“, не е точна. Многумина кои се придржуваат до веганска или вегетаријанска исхрана ја засноваат својата исхрана на тесто или повеќе преработени растителни производи кои ќе имитираат месо и месни производи и разни деликатеси кои во оригиналната верзија се подготвуваат со храна од животинско потекло.

Без разлика дали сте љубител на храна од животинско потекло или не, најважно е исхраната да биде умерена и да се заснова на храна која е најблиска до нејзината оригинална форма.

Гранолата е совршен избор за почеток на денот!
Во гранолата има многу здрави состојки, како што се овес, јаткасти плодови и семки. Иако овој факт нè тера да мислиме дека ова е совршен појадок, на гранолата треба да ѝ се пристапи со претпазливост. Гранолата често има голема количина на додаден шеќер, а семките и јаткастите плодови често се препечени на масло и им се додава сол.

Иако е поздрава опција кога сами ја подготвувате гранолата бидејќи ги контролирате состојките, начинот на подготовка и додатоците, сепак треба да ја земете предвид и големината на порцијата.

Спанаќот е богат со железо!
Иако сите сакаме да веруваме во оваа приказна, таа е далеку од вистината. Пред многу, многу години била направена едноставна печатна грешка.

Вистина е дека 100 грама спанаќ содржат само 3,4 мг железо.

Зачинетата храна создава чирови!
Ако избегнувавте зачини за да спречите чир, можеби конечно е време да престанете! Она што ќе го еродира ѕидот на желудникот и ќе создаде чир се бактериите и можеби земањето одредени лекови. Замислете само колку луѓе во Индија би имале чир на желудникот, со оглед на количината и видот на зачините што ги користат во секојдневната исхрана.

Зачинетата храна има многу добри својства за нашиот организам, само ако претераме може да имаме помали проблеми со одењето во тоалет.

Текстот е од ТУКА.