Ако поминувате по златарската уличка на старата чаршија во Скопје, сигурно ќе ве привлече миризбата која се шири од едно малечко дуќанче со необичен деликатес – трансилваниско трдло
Брачната двојка Ленче Осењак Шкраба и Даворин Гешовски се луѓе на кои една обична туристичка посета на Романија, им го одредила натамошниот тек на животот. Имено, ги натерала да си го донесат со себе оној прекрасен мирис кој ги пленил таму, да си ја купат потребната опрема, да го научат рецептот и да му ги донесат на Скопје трансилванските трдла.
„Пред шест години бевме на обиколка на Романија кадешто, меѓудругото, го разгледувавме замокот на Дракула и во самото градче Бран толку убаво мирасаше нешто, а ние не знаевме што е тоа што мириса толку убаво, па решивме да пробаме.
Тоа беше првпат да пробаме трансилвански трдла. Купивме од сите вкусови по едно и сите беа кое од кое поубави. Тогаш решивме да го донесеме овој деликатес и во Македонија“, ни раскажа Лена, скопјанка која е пола Македонка, а пола Словенка. Завршила средно економско во родниот град, а студирала менаџмент во Словенија.
Таа и нејзиниот сопруг Даворин се заедно во целата работа, подеднакво вљубени во овој специјалитет кој го донесоа во скопската чаршија и со него го заразија целиот еснаф во чаршијата.
„Со Даворин и двајцата знаеме да го направиме овој специјалитет од почеток до финален производ, па така и обврските не си ги делиме, туку ни се заеднички или се дополнуваме еден со друг“, вели нашата соговорничка и ни објаснува дека овој туѓ специјалитет е веќе одомаќен во чаршијата и има многу обожувачи. И нивните деца го обожаваат, но за жал, велат нашите домаќини, барем засега не се заинтересирани да го работат истото.
Инаку, станува збор главно за десерт кој може да биде класична верзија, само со цимет, но може да биде внатрешниот дел исполнет и со разни видови на крем (нутела, киндер буено, ф’стак крем), а може да биде наполнет и со сладолед со шлаг крем, како и со свежо овошје. И тоа не е се, бидејќи го има и во солени верзии.
„Солените верзии можат да бидат со млечен кашкавал, потпечен сусам, а внатре се полнат со свежа салата и млечен фил кој се прави од три видови на сирење, по желба на купувачите се додаваат различни сувомеснати производи или се вегетаријански“, вели Ленче и додава дека нивните муштерии се од оние најмалите, на двегодишна возраст, па до 99.
Многу луѓе не знаат за каков специјалитет станува збор, а го знаат само оние кои се сретнале со него во Романија, Прага, Будимпешта, Виена,…
„Трудлите се улична храна специфична за Романија, но не за цела Романија, туку конкретно за областа позната како зад Карпатите, односно, за северниот дел на Романија.
Луѓето кои првпат се среќаваат со трансилванските трудли, знаат пред да ги пробаат да коментираат и да нагаѓаат за што станува збор па едни мислат дека е варен компир, други мекица, трети грклан, палачинка и многу други итересни, но сосема погрешни споредби. Затоа пак, откако ќе ги пробаат имаме само позитивни коментари. Најголем комплимент ни е кога некои од Романците кои доаѓаат тука како туристи ќе искоментираат дека нашите трудли се повкусни од оригиналните, односно, од оние кои се прават кај нив“, се смее Лена.
За локацијата во скопската чаршија велат дека е навистина единствена поради тоа што токму тука има и најголема циркулација на странски туристи, но и поради еснафот за кој велат дека иако повеќе не е како што било на пример, пред 30 години, сепак се уште функционира.
Што се однесува до самиот збор трдло, објаснува нашата домаќинка, како збор нема превод исто како што кај нас нема превод за ајварот. Во другите држави е познат Chimney Cake, Трделник, Димњак, итн.
Нашите домаќини велат дека не можат да кажат кои варијанти се најкупувани бидејќи се зависи од ден до ден, а често се прават и како нарачки за носење по телефон, па муштериите сами си ја одбираат варијантата која е за нив најдобра.