Мирисен и со интензивен вкус, бакаларот е омилено јадење на вистинските гурмани! Во многу делови на Хрватска се подготвува за Бадник, но е одличен избор и за остатокот од годината поради неговите хранливи својства… Ако имате среќа да ве дочекаат со оваа рибна класика, ќе уживате со сите сетила
Како што е гравчето ѕвезда на нашите посни трпези за Бадник, така во некои делови од Хрватска, ваква ѕвезда на бадниковата трпеза е бакаларот. Малку е чудно со оглед на тоа што оваа риба воопшто и не живее во Јадранското Море, но некако влегла во овдешната традиција и сега, во дел од земјата, е неизбежен дел од трпезите не само за Бадник, туку и воопшто, во текот на зимата.
Добрата организација и трпението се клучни за подготовка на бакаларот. Оваа рибна класика е многу вкусна, а ние ја пробавме приготвена „на бело“, односно, со компири!
Она што е многу важно е дека, ако имате на располагање сушен бакалар, треба да го потопувате во ладна вода 3 дена, со тоа што ќе ја менувате редовно 1-2 пати на ден. Всушност, токму тоа е и најдолготрајниот дел од работата.
1 кг бакалар
1 кг компири
4 големи чешниња лук
околу 2 дл маслиново масло
магдонос
Сол, шарен пипер
Приготвување:
Откако бакаларот ќе го омекнете држејќи го во вода која треба да се менува 1-2 пати на ден, во текот на три дена, ставете го во тенџере со ладна вода да се готви околу 30 минути.
Кога ќе се свари исчистете го така што ќе ги извадите коските и кожата.
Процедете ја водата за готвење и зачувајте ја. Еден дел од водата ќе го користите за варење на компирот, а остатокот за пасирање на бакаларот. Излупете ги компирите и исечете ги на кришки дебели еден сантиметар. Ставете ги компирите во тенџере и варете ги додека не омекнат.
За тоа време исечкајте ги лукот и магдоносот.
Дел од магдоносот и лукот ставете ги во тенџере во кое ќе ставите и 1 дцл маслиново масло. Додадете го бакаларот, посолете и додадете ја водата од бакаларот така за да се покрие, па протресете го тенџерето. Кога ќе се сварат компирите префрлете ги во тенџерето со бакаларот и додадете уште од водата, како и остатокот од магдоносот и лукот и уште маслиново масло.
Оставете да се динста уште 30 минути.
Додадете пипер и уште маслиново масло по желба.