Порано кога мајка ми ќе не пратеше да купиме нешто, секогаш велеше: Земете торба! Ние со нетрпение ѝ одговаравме: „Е како да не, торби ќе влечеме, има кеси во продавница!“
Во последно време, односно, откако почна кај луѓето да се враќа свеста за зачувување на Земјата и откако сѐ повеќе се враќаат во живот старите практики кои кога бевме деца толку многу не нервираа, почнав да се потсетувам на многу работи од детството.
Од она дека порано, кога мајка ми ќе не пратеше да купиме нешто, секогаш велеше: „земете торба“, а ние со нетрпение ѝ одговаравме: „е како да не, торби ќе влечеме, има кеси во продавница“, до тоа дека кога ќе видевме дека поткиселува млеко, па со рачна маталка ни прави јогурт, а ние ѝ велевме: „дај бе купечки јогурт еднаш купи“. Или пак, кога ќе сакавме сок во тетрапак, а она ќе ни понудеше домашен сок од бозел или од вишни.
Е денес, кога сите се гушиме во пластика и во ѓубре и споделуваме некои од овие стари практики како невиден изум, си велам – „кај ни беше паметот!“
Можеме ли да се вратиме неколку чекори назад?
Движењето Слоу Фуд, а ние сме дел од него преку членството во Слоу фуд Македонија, верува дека можеме.
Станува збор за глобално движење кое дејствува заедно за да обезбеди добра, чиста и правична храна за сите, движење кое негува стил на живеење во кој нема место за брза храна, храна која е индустриски преработена, генетски модифицирана, храна која пропатувала долга километража. „Слоу Фуд“ всушност претставува движење на истомисленици кои ги спојуваат уживањето во храната со одговорноста која ја имаме при производството, дистрибуцијата и консумацијата на храна која е добра за нас, за локалната заедница и за планетата.
Затоа Денот на планетата Земја (EarthDay – 22.април) оваа година е посветен на подигање на свеста за потребата од постепено укинување на пластиката за еднократна употреба.
Од SlowFood international велат: „Го избравме животот наместо пластиката. Пластиката претставува една од најголемите закани за човештвото и целиот живот на планетата.
Прехранбената индустрија во голема мера придонесува за прекумерна употреба на пластика, што претставува ризик не само за животната средина, туку и за нашето здравје. Но, наместо резигнација, сакаме да го свртиме вниманието на веќе постоечките решенија.
Пазарите на Земјата се многу конкретен пример за тоа како алтернативите на пластиката отсекогаш постоеле и едноставно е потребно повторно да ги откриеме.
Но, за да се поттикне целиот прехранбен сектор да се оддалечи од пластиката, политичарите треба да ја регулираат нејзината употреба и да ги обучуваат, да ги поддржат и да ги наградуваат оние што спроведуваат добри практики.
Во Слоу фуд го избравме животот наместо пластиката. Кои се другите ефективни решенија што би сакале институциите да ги промовираат?
Дали и вие имате некој предлог?